Иванов: Договорот со Грција е штетен и нема да го потпишам

 Претседателот Ѓорге Иванов оцени дека договорот со Грција е штетен за Република Македонија, дека е лична одлука и одговорност на премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров и дека нема да го потпише. 

Во ТВ-обраќање попладнево тој пред македонската јавност соопшти дека  договорот му бил доставен на увид утрово на средба со  Заев и Димитров на која, како што рече, им кажал дека е нивни личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност.

- Им укажав дека овој штетен договор претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции кои беа потврдени и на последните две лидерски средби. Тоа се неменување на Уставот и неприфаќање име за севкупна употреба или ерга омнес. Ваквиот штетен договор, кој е единствен во историјата на човештвото, за мене е недостоинствен и неприфатлив. Со него се крши Уставот, законите и се рушат државните институции. Нема да легализирам политички дивоградби. Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален консензус, истакна Иванов.

Целиот преговарачки процес, според Иванов, се одвивал несериозно,  неодговорно и нетранспарентно, за што сведочи и крајниот резултат. Нагласи дека текстот на договорот е поразителен за Република Македонија и со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на преамбулата, како и на сите членови од Уставот каде се спомнува името и термините произлезени од името Македонија. 

- Дали е достоинствено да се информираат сите членки на ОН дека сте го промениле уставното име. Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми. Дали е лидерство да се прифати текст на договор во кој нема никаква правна сигурност и гаранција за македонската страна. Со ваков договор се отвораат многу повеќе прашања и проблеми отколку што се затвораат. Прашања со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ. Грција успеа да ги исполни своите максималистички барања. Одговорно тврдам дека тоа што го напрви со Македонците во Грција сега, преку овој договор, настојува да го направи со Македонците во Македонија, рече шефот на државата на обраќањето од „Вила Водно“. 

Со ваков договор, според претседателот, не се јакне македонскиот идентитет, туку се деградираат веќе стекнатите права кои ги имаме во Обединетите нации. Се погазува, рече, заветот на нашите предци кои го создаваа вековниот идеал и стремеж за  единствена Македонија, се погазува 73-годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ и се брише 27-годишната историја на независна македонска држава.

- Република Македонија  ја  губи својата суверена еднаквост  што произлегува од повелбата на Обединетите нации.  Повикувам да се престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси  на Република Македонија. Ваквиот договор не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира, рече Иванов. 

Како претседател, нагласи тој, и во иднина ќе се залага за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија и го повика народот да не се плаши. 

- Мојот став е конечен - нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор, заклучи претседателот Иванов во обраќањето пред македонската јавност.

Без вода утре дел од општина Карпош

Без вода утре од 09:00 часот до завршување на работите ќе бидат корисниците на дел од булеварот „Партизански одреди“, зградите во близина на Неуромедика и улица „Црвена вода“, во општина Карпош.

Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, прекинот е поради изведување на водоводен приклучок од Ф-80 мм, на булевар „Партизански одреди“ број 38. /МИА

Романија: Демонстрантите упаднале во зградата на Парламентот (фото)

Демонстрантите влегле во зградата на Парламентот на Романија, каде одржале протест против законот за кои изјавуваат дека ќе ја олесни корупцијата на високо ниво.

Демонстрантите успеале да влезат во Парламентот во придружба на пратениците од опозициската партија „Сојуз за спас на Романија“ (USR).

Тие испоседнале пред канцеларијата на Ливиу Драгне, лидерот на владејачките социјалдемократи, кои не може да биде премиер бидејќи е осуден поради местење на избори.

Ја повикаа романската управа за борба против корупцијата да “дојде и да го одведе“ и држеле транспарент: „Гнездо на крадци и мафијаши“. Телевизиските станици го пренесуваа во живо протестот.

Ненадејниот протест почнал додека премиерката Виорика Данчила држела говор во Парламентот за претстојното претседавање на Романија на Европската унија.

Пратениците во понеделникот одобрија ревидиран кривичен закон кој критичарите го нарекоа чекор наназад во процесуирањето на корупцијата.

 

Курц: Виновни се оние кои ги отворија границите за мигрантите

Австрискиот канцелар Себастијан Курц предупреди на опасноста од понатамошно заострување на бегалската криза поради спорот со политиката за азил во Германија.

Пред состанокот со претставниците на владата на германската покраина Баварија во Линц, изјавил дека Австрија подготвува мерки за враќање на мигрантите од германската граница, за што се залага германскиот министер внатрешни работи Хорст Зехофер.

„Мораме да бидеме подготвени на тоа дека националните контроли на границите во Европа ќе бидат засилени, поаѓајќи од Германија“ – нагласил Курц додавајќи дека е во интензивен контакт со министрите за одбрана и внатрешни работи.

Тој повтори дека Австрија не сака да се меша во внатрешната дебата во Германија врзана за политика спрема мигрантите, но сепак ја критикуваше досегашната политика на германската канцеларка.

„Тие кои во 2015 година ги отворија границите се виновни за тоа што денеска постојат гранични контроли меѓу Австрија и Баварија, Унгарија и Австрија, Италија и Австрија, и што ситуацијата можеби ќе биде уште полоша“ – порача Курц.

Курц предупреди дека не може да се чека катастрофата да стане толку голема како во 2015 година.

притисни ентер