Заев: Имаме обврска да овозможиме граѓаните да го дадат своето мислење за договорот за името

Како одговорни политичари, во дадениот момент имаме обврска да им овозможиме на граѓаните да го остварат демократското право и да добијат шанса да го дадат своето мислење во однос на договорот за решението на спорот за името.

Како одговорни политичари, во дадениот момент имаме обврска да им овозможиме на граѓаните на Република Македонија да го остварат демократското право и да добијат шанса да го дадат своето мислење во однос на договорот за решението на спорот за името, истакнал премиерот Зоран Заев на денешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

На средбата Заев му го предаде на Мицкоски договорот за решавање на спорот со името постигнат со грчкиот колега Алексис Ципрас.

- Повеќе од 25 години, колку што е активен овој спор, граѓаните немаа прилика да видат ниту решение, ниту да се изјаснат, рекол премиерот на средбата, соопшти владината прес - служба.

Овој договор ја гарантира иднината на Македонија како членка на НАТО и ЕУ, истакнал Заев на средбата и како што се наведува, јасно посочувајќи му на Мицкоски дека и тие како опозиција треба да овозможат фер шанса последниот збор да го кажат граѓаните на референдум.

- Референдумот е консензус меѓу ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ како најголеми политички субјекти во Македонија со години наназад и сите заедно треба да се заложиме граѓаните сами да одлучат за својата иднина и никој нема право да ги спречува во тоа, рекол премиерот Заев.

Во соопштението се посочува дека Заев на средбата упатил порака дека политичките субјекти треба да се обединат околу идејата за референдум и заради националните приоритети на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ. 

Мицкоски: Најголем проблем во Центар е загадениот воздух, власта целосно ја заглави гасификација и нема поевтино парно

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва беше во посета на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Центар,  каде оствари средба со граѓани, членови и симпатизери на партијата, се наведува во партиското соопштение.

Мицкоски потенцираше дека  Општина Центар и граѓаните заслужува подобро и повеќе.

Анкетите по изборите покажуваат дека огромното мнозинство се незадоволни поради слабиот животен стандард, недостигот на нови вработувања, слабата економија. Незадоволни се и поради слабата заштита на животната средина, уништеното Водно, гасификацијата која е заглавена од власта, која тапка во место цели 2 години, вели тој.

Нездоволство посочи Мицкоски има и поради порастот на корупцијата, непотизмот и корумпираното судство.

Најнезадоволни се центарци поради тоа што оваа општина е со најзагаден воздух во државата, а пред изборите власта ветуваше алпски чист воздух, наместо тоа добија општина која руши неславни рекорди на скалите за места кои се најзагадени во Светот, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна власта води политика на кратко памтење,  а  центарци како и сите граѓани на Република Македонија се излажани од страна на власта, посочувајќи го ветувањето за поевтинување на сметките за парното, ветување кое се покажа како уште лага на власта.

За крај Мицкоски вели дека власта е прочитана, а народот е свесен со какви измамници си има работа.

Ние ќе предложиме намалување на ддв-то од 18 на 5 проценти, но и во периодот што следува ќе предложиме нови проекти и решенија за многу области кои ќе бидат одговор на ова уништување кое го прави оваа власт, заклучи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Путин со Меркел и Макрон за Украина и Иран

Вечерва рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со канцеларката Ангела Меркел и со францускиот претседател Емануел Макрон.

Тие разговарале за кризата во Украина по изборот на Зеленски за претседател , соопшти руската агенција ТАСС. ,, Разговараа за состојбата во Украина , со оглед на пропаднатата политика на администрацијата на Петро Порошенко и смената на државното раководство во Украина.” , се наведува во соопштението на Кремљ.

Путин за време на разговорот, уште еднаш повторил дека е приротет да се спроведе законот за посебниот статус за одредени подрачја во Доњецк и Луганск.

Кремљ соопшти и дека тројцата лидери разговарале и за Иран и се согласиле дека треба да останат посветени на трговско – економската соработка со таа земја.

Се согласиле и дека треба да го зачуваат нуклеарниот договор , оценувајќи дека тоа е главен фактор за зачувување на меѓународната стабилност и безбедноста.

Заев на одбележување Светски ден на културна различност

Премиерот Зоран Заев вечерва присуствуваше на настан организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, по повод одбележување  Светски ден на културната разноличност за дијалог и развој, којшто е прогласен на 21 мај.

Како што соопштуваат од владината прес-служба настанот го отвори директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, кој им посака добредојде на присутните, и нагласи дека оваа манифестација ги заокружува активностите реализирани во рамки на „Неделата на заедничка молитва", реализирана од 13 – 21 мај со цел да се поттикне соработката и дијалогот меѓу верските заедници, за стабилен и одржлив процес на градење доверба, пријателство и општество на вистински човекови вредности, на соживот и напредок.

Премиерот Зоран Заев испрати порака дека културната разноличност е од корист за целото човештво.

– Светскиот ден на културната разноличност за дијалог и развој – не потсетува дека не треба да зборуваме за културни разлики што не делат едни со други, туку дека треба да зборуваме за културна разноличност која ни дарува сила од глобални размери, која може да биде од корист на целото човештво, истакна премиерот и додаде дека ова е ден за порака дека интеркултурниот дијалог е најдобрата гаранција за мирен, праведен и одржлив свет на културна разноличност.

Според него културната разноличност е инспирација и мотивација за креативноста како инвестиција за промени за подобри општествата,  општества со хуман, човечки лик.

-Инвестицијата и должноста на нашето општество е да ги развиваме образованието и меѓукултурните вештини кај младите луѓе за да ја одржиме разноличноста на нашата земја и да научиме да живееме заедно со разноличноста на нашите јазици, култури и религии, за да ја градиме нашата инвестиција создадена токму од разноличноста на културите и традициите на народите на нашата земја – инвестицијата Едно општество за сите, рече Заев.

Тој истакна дека Светскиот ден за културна разновидност за дијалог и развој ни дава можност да го продлабочиме нашето разбирање на вредностите на културната разноличност и да научиме да живееме заедно како едно семејство што дели заеднички вредности.

-Треба безрезервно да прифатиме дека секој од нас има шанса да направи нешто за разноличноста и инклузивноста да станат алатки за дијалог и разбирање, за мирот и безбедноста, како неопходни за одржливиот развој на нашата заедница, рече премиерот.

Истакна дека прашање на нашата иднина е да ја интегрираме културата на сите наши заедници во сите наши развојни принципи. -Особено, потенцира, оние поврзани со младинските прашања, како што се образованието, јавното здравје и животната средина, како наш придонес за развојот на хармонично општество со сите разлики, рече премиерот.

На одбележувањето присуствуваа претставници на државни институции и граѓанскиот сектор, како и сите претставници на верските заедници во РСМ.

притисни ентер