Невреме во Скопје

Скопје попладнево повторно е зафатено од силно невреме со пороен дожд, ветер и град.

Поплавени се сообраќајници, а дополнително ќе биде утврдено дали има материјална штета. 

Од УХМР за МИА велат дека дува ветер со брзина од 65 километри на час. Неверемето засега е ограничено само на скопскиот регион.

Слично невреме во Скопје имаше и во саботата. 

Телефонски разговор Заев-Ципрас по оставката на Коѕијас

Телефонски разговор по оставката на Никос Коѕијас имале премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. 

Според портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, и двајцата премиери се согласиле и повториле дека работат на имплементација на Договорот од Преспа.

- Премиерот контактира многу редовно со господинот Заев. Очигледно е дека премиерот на соседната земја нема да ги коментира внатрешните ситуации и внатрешната сцена во Грција, наспроти тоа, се согласија и го повторија она што им е на сите познато дека и двајцата работат за Балкан на 21. век и двајцата работат за имплементација и стапување во сила на Договорот од Преспа, рече Ѕанакопулос во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според грчкиот весник „Авги“, кој важи за гласник на СИРИЗА, двајцата премиери разговарале за нов Балкан на кој преовладува мир, соработка и солидарност.

Информативниот портал „Ин“, пишува дека Ципрас го информирал Заев за она што се случило околу оставката на Коѕијас и за тоа дека тој лично го презема Министерството за надворешни работи, додека пак македонскиот премиер на неговиот грчки колега му ја пренел ситуацијата во Македонија за гласањето во собранието и позицијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. /МИА

Стејт депармент: Лидерите во македонското Собрание да ги надминат партиските политики

САД ги поттикнуваат лидерите во македонското Собрание да ги надминат партиските политики и да ја искористат историската можност за подобра иднина на земјата, вели ,меѓу другото, претставник од Стејт департментот.

САД ги поттикнуваат лидерите во македонското Собрание да ги надминат партиските политики и да ја искористат историската можност за подобра иднина на земјата, вели ,меѓу другото, претставник од Стејт департментот во изјава за грчката новинска агенција АНА- МПА.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, американскиот функционер, на прашањето за оставката на Никос Коѕијас, рекол дека „му се заблагодаруваат за покажаната особена посветеност за зајакнување на односите САД - Грција и за придонесот во постигнувањето на историскиот Договор од Преспа“.

- САД цврсто ја поддржуваат целосната имплементација на договорот, кој ќе и овозможи на Македонија да го заземе своето место во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија, придонесувајќи за регионална стабилност, безбедност и просперитет. Бидејќи во македонското Собрание продолжува расправата за уставните измени ги поттикнуваме лидерите да ги надминат партиските политики и да ја искористи оваа историска можност за да се обезбедат подобра иднина за земјата како полноправна членка на западните институции, рекол претставникот на Стејт департментот за грчката новинска агенција АНА-МПА. /МИА

Димитров му посака успех на Коѕијас и вети посветеност за заокружување на историското решение

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров му посака успех на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој вчера поднесе оставка и вети посветеност на процесот на заокружувањето на договорот од Преспа. 

- Предводени од премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Коѕијас имавме интензивни месеци на комуникација, станавме вистински пријатели и во период од една година успеавме да направиме нешто кое во претходните 27 години се сметаше за невозможно -  ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа, градејќи мост на пријателство и докажувајќи дека и нашиот регион може да решава спорови и да создава иднина, се наведува во пишаната изјава на шефот на македонската дипломатија. 

- Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици. Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина, додаде Димитров. /МИА

притисни ентер