Канада, Мексико и САД ќе го организираат СП 2026

Светската фудбалска федерација на денешниот Конгрес во Москва одлучи Мундијалот во 2026 година заеднички да го организираат Канада, Мексико и САД.

На гласањето беа присутни 203 од вкупно 210 делегати со право на глас. Од нив 134 гласаа за трите земји, додека 65 за Мароко.

За африканската држава ова е четврто губење на „домаќинството“ на СП, по поразот во финалното гласање.

Светското фудбалско првенство во 2026 година е првото на кое ќе учествуваат 48 земји, 16 повеќе од претстојното во Русија. /МИА

Азар: Сари покажа дека е меѓу најдобрите тренери на светот

Играчот од средниот ред на Челзи, Еден Азар е  задоволен од начинот на кој игра под водство на Маурицио Сари. 

Според белгискиот репрезентативец, Челзи добил многу со доаѓањето на Сари.

- Знаевме дека Сари е фантастичен тренер. Тој покажа дека е меѓу најдобрите во светот. Играме многу добро, постигнуваме многу, создаваме шанси. Кога тој се приклучи на тимот, веднаш ми укажа доверба. Ми рече дека сака да ме направи еден од најдобрите играчи во светот. Секогаш ми кажува дека можам да постигнам по три гола на натпревар. Тешко е, но јас го правам најдоброто што можам, изјави Азар.

Челзи по осум кола во Премиер лигата е на делба на првата позиција заедно со Манчестер Сити и Ливерпул. трите екипи имаат по 20 бода. /МИА

Мундијалот на Русија и донесе 12,5 милијарди евра

Светското фудбалско првенство, што летоска се одржа во Русија, за тамошната економија во периодот 2013-2018 значеше приход од 952 милијарди рубљи, или околу 12,5 милијарди евра, објави Организациониот комитет на Мундијалот.

Во „Студијата за економски, социјални и еколошки влијанија на Светското првенство во Русија“ се потенцира дека позитивниот ефект се манифестира меѓу другото во зголемената туристичка потрошувачка, инвестициите во инфраструктурата и други фактори.

Вкупно во Русија, според податоците на Организацискиот одбор, за подготовката и одржувањето на Светското првенство во фудбал, што се одржа од 14 јуни до 15 јули на 12 стадиони во 11 градови, потрошени се 688 милијарди рубљи, малку повеќе од девет милијарди долари.

Вкупното влијание на Мундијалот се проценува на 952 милијарди рубљи, што е 1,1 отсто од годишниот БДП на земјата, се вели во студијата.

Благодарение на зголемените средства од туризмот во Русија, според податоците, значително биле зголемени приходите од продажба кај малите и средни претпријатија и во период од пет години тие изнесуваат 797 милијарди рубљи.

Врз основа на пресметка на Организацискиот комитет, ефектот на СП во туризмот во следните години ќе биде позитивен и во државниот буџет ќе се слеат меѓу 40 и 70 милијарди рубљи. /МИА

Металург поразен од Железничар во СЕХА лигата

Металург на домашен терен беше поразен со 29:30 од нишки Железничар во натпревар од шестото коло на СЕХА лигата.

По првите десетина минути во кои се играше гол за гол, ракометарите на Металург им дозволија на гостите да воспостават котрола на теренот и на паузата заминаа со предност од 13:16.

Во второто полувреме Железничар ја зголемуваше предноста, која во 44-та минута беше највисоки пет поени разлика (19:24).

Металург се обиде до крајот на натпреварот да ја анулира разликата и да направи пресврт, но гостите не дозволија изненадување и натпреварот го добија со минимални 29:30.

За тимот од Автокоманда ова беше пети пораз и се уште е без победа во регионалната лига.

притисни ентер