Џонсон: Договорот за името е фантастична вест

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон го поздрави постигнатиот договор меѓу премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас за спорот за името. 

- Фантастична вест е дека премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа договор за прашањето за името. За ова е потребно лидерство и политичка храброст. Ги охрабрувам сите политички лидери во двете земји да ги препознаат бенефитите што ќе ги донесе решавањето на ова долгогодишно прашање, напиша британскиот министер за надворешни работи на Твитер. /МИА

Русија планира да субвенционира набавка на домашни електрични возила

Русија планира да го субвенционира купувањето електрични возила од домашно производство за да ја зголеми побарувачката и производството, објави денеска руското Министерство за економија.

Употребата на електрични возила во еден од најголемите светски производители на нафта заостанува многу зад Европа, и во моментов во Русија не се произведува електричен автомобил. Но, руската влада има амбициозен план и размислува да обезбеди фискален стимул за зајакнување на секторот.

Од вкупно проценетите 45 милиони возила што возеле по руските патишта минатата година, само 11.000 се електрични, главно купени и веќе користени.

Преку субвенции, владата планира да покрие 25 проценти од набавната цена на секое електрично возило произведено во Русија, до максимум 625.000 рубли или 8.750 американски долари, најверојатно веќе следната година.

Русија има за цел до 2030 година да има годишно производство од 220.000 електрични возила, а официјалните лица велат дека некои странски компании покажале интерес за производство во таа земја.

Зголемената употреба на електрични возила ќе и помогне на Русија да ги исполни своите цели за намалување на штетните емисии на јаглерод. Русија се приклучи на Парискиот договор во 2019 година и планира до 2030 година да го намнали нивото на штетни емисии за 70 проценти од она во 1990 -тите.

Голем судски пресврт: Џони Деп ја доби пресудата- сепак не ја тепал поранешната сопруга

Актерот Џони Деп ја доби пресудата во бракоразводниот процес против неговата поранешна сопруга Амбер Херд.

Откако се венчаа во 2015 година, само една година подоцна, во 2016 година, Херд поднесе барање за развод и го обвини Деп за насилство.

Деп и неговите адвокати ги отфрлија обвинувањата, тврдејќи дека Херд се обидува да профитира, и наскоро била постигната спогодба од седум милиони долари, за која Херд тврдела дека ќе ја донира на Сојузот за граѓански слободи на САД и Детската болница во Лос Анџелес.

Сега Деп се обидува да открие дали неговата поранешна сопруга го одржала ветувањето. Неговиот адвокат, Ендрју Калдекот, тврди дека ветената донација била „пресметана и манипулативна лага“, која „од самиот почеток имала за цел уништување на Деп“.

Тој исто така тврди дека детската болница во Лос Анџелес во 2019 година му пишала на деловниот советник на Деп да ги извести дека Херд не извршила никакви плаќања.

Судија во Њујорк сега делумно го потврди барањето на правниот тим на Деп и ќе ја принудил американската унија за граѓански слободи да објави документи кои потврдуваат дали Херд исполнила дел од спогодбата.

Ако се покаже дека Херд не ги донирала парите, Деп и неговиот правен тим ќе имаат силни докази против неа во нивна корист.

Да потсетиме, откако спогодбата била постигната во август 2016 година, три години подоцна Деп го тужеше британскиот таблоид „Сан“ за пишување дека ја злоставувал својата сопруга, што довело до судење во 2020 година, кое Деп го загуби.

Судијата во лондонскиот Висок суд одлучил дека тој постојано ја напаѓал својата поранешна партнерка и ја натерал да се плаши за сопствениот живот.

Поради целата ситуација, Деп морал да се откаже од улогата на Гринделвалд во претстојното продолжение на Fantastic Beasts, што на многу обожаватели не им се допадна, па дури и на интернет беше отворена петиција за отстранување на Амбер Херд од актерската екипа на Аквамен.

Влада: Доделена парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица, од кои дел пожарникари

Владата на денешната седница, на предлог на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој донесе Одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2021 година со која ќе се додели парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица.

Владата донесе Одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2021 година со која ќе се додели парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица од кои дел пожарникари, а дел останати граѓани кои помогнаа во гаснењето на шумските пожари, кои ја зафатија територијата на државата.

Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

На денешната седница, која се одржа преку видеоконференциска интернет врска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги информираше своите колеги и колешки од Владата за состојбата со пожари во државата, потенцирајќи дека безбедноста на граѓаните останува приоритет и информирајќи подетално за помошта која ја нудат соседни и пријателски земји за гасење на пожарите во Македонија.

Владата донесе заклучоци и тоа:

- го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) за обезбедување на сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат со санирање на пожарите.

- да се обезбедат податоци за прифаќање на техничка помош и помош во работна сила за обновување на објектите кои претрпеле штети при пожарите, понудена од Швајцарската Конфедерација.

Министрите на денешната седница ја разгледаа и усвоија Информацијата за финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси).

Со цел инвестирање во науката, Министерството за образование и наука презема дејствија за отпочнување со финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси), за што за 2021 година се обезбедени 17.330.000 денари.

Министерството за образование и наука врз основа на јавен конкурс ќе финансира научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за поддршка на развој на лабораториските ресурси на државните универзитети – факултети/научни институти и јавни научни установи – националните научни институти, како самостојни ентитети кои вршат дејност од посебен и јавен интерес за Македонија.

На предлог на Министерството за образование и наука на седницата беа разгледани и донесени уредбите за: методологијата за утврдување на критериуми за распределба на наменски дотации и на блок дотации за основното образование и средното образование, по општини за 2022 година, додека висината на основната сума, стандардот по ученик и праговите се определуваат во зависност од одобрените средства за оваа намена во Буџетот и бројот на запишани ученици во учебната година.

Со Уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за јавните установи за деца - детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки по општини за 2022 година, која исто така беше донесена денеска, се пропишува методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотациите за јавните установи за деца - детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки по општини за 2022 година. Блок дотација за дејноста згрижување и воспитание на деца во општинските јавни установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки, по општина - не може да биде помала од 350.000 месечно, по општина и помала од потребните средства за исплата на плата и надоместоци од плата за вработените во општинските јавни установи за деца – детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавни детски градинки заклучно со состојбата на вработени од претходната фискална година.

Во рамки на 94-тата седница, Владата ја разгледа Информацијата за реализација на Акцискиот план за статус на проектите финансирани во рамки на ИПА 2 Годишна програма за 2017 „ЕУ Поддршка за образование, вработување и социјална политика" на Министерство за образование и наука (МОН), како материјал од информативен карактер.

Согласно информацијата, МОН целосно посветено работи на навремено завршување на започнатите тендерски постапки, соодветно за секоја постапка беа формирани комисии за евалуација, кои квалитетно и посветено работат на тековните, а исто така ќе работат и на постапките кои се очекува да започнат со периодот што следува.

Владата ги донесе и следните кадровски решенија:

- Стојанче Ангелов, го именува за директор на Центарот за управување со кризи.

- Амир Шабани, го именува за директор на Фондот за осигурување на депозити.

- Дритан Имери, го именува за заменик директор на Државниот испитен центар.

- Ана Петровска ја разреши од должноста в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина, орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање.

- Сретен Стојковски го именува за в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина, орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање.

- Костадин Ацевски го разреши од должноста директор на Управата за хидрометеролошки работи на Република Северна Македонија, на негово барање.

- Агим Муртезани го именува за вршител на должност директор на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Северна Македонија.

- Донесена е одлука за членови на бордот на директори на Тутунски комбинат Прилеп Владата да ги предложи: Никола Џамбазовски (независен неизвршен член), Миле Велкоски (независен неизвршен член), Кире Станкоски (извршен член), Татјана Стефаноска (извршен член), Ристе Ташев (извршен член), се наведува во соопштението од Владата.

притисни ентер