Завршна конференција за проектот „Мрежа 23+“

Институтот за човекови права - Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска ќе ја одржат завршната конференција од проектот „Мрежа 23+“

Институтот за човекови права - Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска ќе ја одржат завршната конференција од проектот „Мрежа 23+“, на која според најавите на организаторите ќе присуствуваат премиерот Зоран Заев и други владини претставници.

Целта на завршната конференција од проектот „Мрежа 23+“, насловена „Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење“ е презентирање на досегашната работа, како и поттикнување на отворена дебата за состојбите во областите кои се опфатени во поглавјето 23, односно правосудството, борбата против корупцијата и темелните права на граѓаните.

Оваа конференција се случува во пресрет на одлуката на Советот на ЕУ, за евентуално отпочнување на преговори со Унија.

На конференцијата, освен Заев, ќе учествуваат и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерката за правда Рената Дескоска, градоначалникот на општина центар Саша Богдановиќ, јавниот обвинител Љубомир Јовески, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, како и претставници на институции, граѓански организации и експерти.

Тие ќе зборуваат за најпроблематичните области, но и за клучните активности кои треба да се преземат во наредниот период во однос на поглавјето 23.

Проектот е финансиран од Европската унија и ко-финансиран од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград.

Целта на проектот „Мрежа 23+“ е да придонесе кон вградување на принципите на владеењето на правото во Република Македонија, низ призмата на Поглавјето 23 од пристапувањето кон ЕУ – правосудство, темелни права и борба против корупција, преку структуиран придонес од членките на Мрежа 23. /МИА

Мицотакис му честитал на Каселакис и го поканил на средба

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис имал телефонски разговор со новиот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис, му честитал за победата и го поканил да се сретнат во следните денови.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис имал телефонски разговор со новиот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис, му честитал за победата и го поканил да се сретнат во следните денови, соопштија од кабинетот на Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, коментирајќи ја победата на Каселакис на партиските избори, изрази надеж и желба дека земјата „конечно ќе добие сериозна и веродостојна опозиција“, а СИРИЗА ќе се врати „на патот на вистината и реализмот“.

-Нашата конфронтација со господинот Каселакис ќе биде политичка и затоа ги очекуваме неговите позиции и предлози за сите големи прашања и целокупно за прашањата што се однесуваат на граѓаните. Исто така се надеваме дека ќе ја напушти логиката на токсичност и на говорот на поделба, што за жал многу години ѝ служи на партијата на која е избран за претседател, рече Маринакис, објаснувајќи дека со оглед на минатото на оние кои јавно го поддржаа Каселакис, Владата се сомнева дека ќе се напушти токсичниот говор.

Паралелно, владиниот портпарол се осврна и на фактот што Каселакис не е пратеник и нема да може да присуствува на парламентарните процедури.

-Во Парламентот се предлагаат и се гласаат сите големи реформи и сите големи промени, кои им се потребни на народот, а отсуството на опозициски лидер од овие процедури, во еден голем временски период, речиси четири години, сигурно претставува еден сериозен институционален недостаток. Затоа ние во Нова демократија, на Конгресот во 2016 година изгласавме предуслов дека за некој да биде кандидат за претседател на партијата, да биде член на пратеничката група, посочи Маринакис.

Претрес во скопско Количани, пронајдени пушки, приведено едно лице

Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје денеска  го лишиле од слобода М.И.(35) од с.Долно Количани.

Како што известуваат од МВР, при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени две пушки.

Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Владата утре ќе носи одлука за намалување на цените на пијалоците

Владата утре ќе носи одлука за намалување на цените на пијалоците, во тек анализата на хигиенските производи.

Владата утре треба да донесе одлука за намалување на цените на пијалоците, а во тек е анализата за хигиенските производи која најверојатно ќе биде завршена до крајот на неделава.

- Тоа што знаеме точно е дека утре ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци. За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши по посетата на компанијата „Алма-М“ во Визбегово.

Следниот месец, според најавите на премиерот Димитар Ковачевски, ќе бидат направени и анализите за деветиот пакет антикризни мерки кои ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и кон сите оние што во време на криза не остваруваат дополнителни приходи.

притисни ентер