Сугарески очекува пругата Битола-Кременица да биде изградена во ноември годинава

За половина година се очекува да заврши изградбата на пругата Битола-Кременица со која се овозможува железничко поврзување меѓу Македонија и Грција.

Пругата е во должина од 16 километри, а инвестицијата изнесува 17,2 милиони евра, од кои шест милиони евра од ИПА фондовите, а 11,2 милиони евра од Буџетот на РМ.

- Очекувам до крајот на ноември овој проект целосно да биде завршен, со цел да овозможиме поврзување на пелагонискиот регион до солунското пристаниште, да го зајакнеме економскиот капацитет на регионот, поврзување со индустриската зона „Жабени“ и други олеснувања за транспорт на стоки и услуги, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид на градежните работи на терен.

Сугарески вели дека Владата е сериозно посветена на железничкото поврзување на Коридорот 8, се работи на пругата од Куманово до Бељаковце, обезбедена е проектна документација и финансиски средства за делот од Бељаковце до Крива Паланка, а завршена е и проектната документација за пругата до граничниот премин со Република Бугарија.

- Во наредниот период планираме да бидат обезбедени над милијарда евра, средства кои ќе бидат искористени за подобрување на железничкиот систем во Република Македонија. Очекувам изведувачите да ги испочитуваат роковите и да ја запазат динамиката на сите градежни работи. Пред два месеца имав средба со министерот за транспорт на Грција на која разговаравме за железничко поврзување меѓу двете држави, а со завршувањето на овој проект тоа ќе се случи бидејќи тоа што го работиме треба да заживее и е од интерес на Македонија и Грција, нагласи Сугарески.

Градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска оцени дека железничката пруга Битола-Кременица директно ќе придонесе за локалниот економски развој на пограничните општини, а размената на проекти и идеи во овој период е динамизирана.

- Сообраќајна инфраструктура од вакви размери е од исклучително значење за секоја општина и овој зафат е голем придонес за економскиот развој на Битола на која и недостигаше ваков проект за развој на индустријата и индустриските капацитети. За нас посебно значајно е што во овој период ги конкретизираме проектните активности и соработка со грчките градови Воден и Солун и тоа што беше запоставено сега драстично се менува, посочи Петровска.

Градежните активности на железничката пруга Битола-Кременица ги врши меѓународната компанија Штрабаг, специјализирана за нискоградба и со високи референци во изградбата на железнички пруги.

Според најавите, наскоро ќе мобилизираат околу 300 лица и механизација за поставување на шините со што од ноември оваа година ќе има непречен железнички сообраќај меѓу Македонија и Грција.

Артета по 5:0 над Челси: На моменти не бевме доволно дисциплинирани

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета ја прокоментира победата на „топџиите“ со 5:0 против тимот на Челси во средбата од 29. коло на англиската Премиер лига.

Ова беше најголемиот успех во историјата на нивното ривалство, откако успеаја да го подобрат својот рекорд од 1930 година кога го победија истиот противник со 5:1.

-Многу сум среќен поради победата, бројот на шанси и постигнатите голови. Тоа што не примивме гол ја покажа и нашата постојаност оваа сезона. Во првото полувреме на моменти не бевме доволно дисциплинирани. Анализиравме на паузата и потоа имаше подобрувања и второто полувреме беше неверојатно, изјави Артета, цитиран од Би-Би-Си.

Благодарение на успехот, Арсенал излезе на првото место, три бода повеќе од второпласираниот Ливерпул и четири од третопласираниот Манчестер Сити. /МИА

Во Делчево изборниот процес почна навреме, гласањето се одвива во најдобар ред

Во Делчево навреме се отворени вкупно 36 избирачки места на кои денеска 14.490 граѓани регистирани во Избирачкиот список имаат право на глас за еден од седуммината кандидати за Претседател на државата. 

Според информациите од терен избирачките места биле отворени на време, а гласањето се одвива во најдобар ред.

- Се наоѓаме на избирачко место 582/1, ладе гласањето започна навреме, се се одвива во најдобар ред. Првите бројки околу излезноста ќе ги соопштиме по 9:00 часот, истакна Благица Петровска, член на избирачкото место.

-Се наоѓаме на избирачко место 580, навреме започна гласањето и процесот си тече нормално, изјави Емилија Трајановска, член на избирачкиот одбор.

Своето право на глас вчера во Делчево го остварија 147 болно и изнемоштено лице кои гласаа во домашни услови.

Израел демантира дека неговите војници ги закопувале Палестинците во масовна гробница во Газа

Телата откриени во масовна гробница во Појасот Газа не биле закопани од израелски војници, туку од Палестинци, соопшти вчеравечер израелската амбасада во Женева.

-Тврдењето дека израелските одбранбени сили (ИДФ) закопале палестински тела е неосновано, наведува амбасадата.

Војниците, според амбасадата, „само ги прегледале телата во гробницата во потрага по израелски заложници, се почитувало достоинството на загинатите, а телата на Палестинците биле вратени на истото место“.

-Претресот беше извршен внимателно и исклучиво на места каде разузнавачките информации укажуваа на можно присуство на заложници, соопшти амбасадата.

Палестинскиот тим за цивилна одбрана во Газа во понеделникот извести дека масовна гробница со 283 тела била откриена во близина на болницата Насер во јужниот енклавен град Кан Јунис. Според канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк, кој ја повика цивилната одбрана, на некои тела им биле врзани рацете.

Турк вчера рече дека е „згрозен“ од извештаите за откривање масовни гробници во близина на болниците во Газа и повика на независна истрага за причините за смртта.

Имаше извештаи и за пронајдени тела во болничкиот комплекс Ал Шифа во градот Газа. Според меѓународното право, болниците имаат право на посебна заштита. Турк, исто така, истакна дека „намерното убиство на цивили, затвореници и други лица кои се „надвор од борба“ е воено злосторство“. /МИА

притисни ентер