Овој состанок се одржува на неколку недели пред јунскиот Самит на кој европските лидери треба да одлучуваат за препораката на Европската Комисија за старт на преговори со Македонија и Албанија, и треба да даде јасни сигнали – дали т.н. нон пејпер што циркулира во јавноста има поддршка од земјите членки или станува збор за изолиран став на Франција и Холандија.
Според најавите од Брисел, министрите ќе бидат брифирани од шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. Таа пред еден месец беше во Македонија, но не сакаше да го прогнозира исходот од Самитот.
Според проценките на упатените, за Македонија сепак клучно ќе биде решавањето на спорот со името. Доколку деценискиот спор со Грција се затвори, за лидертите на ЕУ ќе биде тешко тоа да го игнорираат и да не го наградат со датум за почеток на преговори. За ова особено се залага најмоќната земја во ЕУ, Германија.
Во спротивно, без решение на спорот, а во услови на зголемен скептицизам кај некои од земјите, речиси е сигурно дека препораката од Европската комисија нема да биде прифатена.
Освен европските министри, во Брисел во следните два дена ќе биде и шефот на македонската дипломатија Димитров. Тој ќе присуствува на работен доручек со своите колеги, а како што е веќе најавено, таму ќе се одржи и нова рунда преговори.
По последната одржана во Њујорк, медијаторот Нимиц соопшти дека преостанатите прашања се точно дефинирани, а двете страни работат напорно да најдат решение.