Експресните измени донесени со европско знаменце од лани не се на иста линија со политиките на ЕУ, велат оттаму, со оглед на тоа што предлог директивата од Брисел предвидувала повисоки казни за кривичните дела поврзани со корупција. Препорачуваат и враќање на избришаниот став за злоупотреби при јавните набавки.
-Со оглед на тоа што е дел од таа минимална листа не треба да имаме дилеми дека тоа ќе опстојува и во иднина. И во поглед на предложените казни во однос на нивната висина тие се многу повисоки од оние што ние ги имаме во актуелниот КЗ особено тие се намалија кај делото злоупотреба на службената положба и овластување со измените на КЗ од септември 2023 година,- изјави – Александра Деаноска – Трендафилова – Универзитетски професор.
Иако работна група во МП подготвува целосно нов Кривичен законик во кој ќе биде вратен избришаниот став, од Националната конвенција сметаат дека оваа процедура ќе се одолговлече. Во меѓувреме Македонија не треба да губи време на својот евроинтегративен пат, вели главниот преговарач во тимот на Хрватска споделувајќи го хравтското искуство во процесот на пристапување кон Унијата.
-Ако Македонија се инспирира од она што ние (Хрватска) позитивно го сработивме може да го фати забрзаниот пат. За мене клучни се визијата, политичката одлучност на политичките елити во Македонија, консензус на клучните чинители дека тоа навистина се сака како би се навистина спровеле тешки реформи а тука доаѓаме до тоа да се биде способен да се донесат тешки одлуки, односно да не се избегнува носењето на одлуките,- изјави – Кристиан Туркаљ – Правен експерт за Западен Балкан, Р. Хрватска.
Со измените на КЗ лани во септември пратениците ги намалија пропишаните казни за неколку кривични дела, и воведоа горна граница на максималната казна, што заедно со избришаниот став доведе до застарување на неколку дела. Веднаш потоа и Извештајот на ЕК за напредокот на земјава нотираше загриженост околу овие измени но и посочи на несоодветна употреба на европското знаменце.