Монпелје прва пречка за Вардар во одбраната на европската титула

Македонскиот ракометен шампион, Вардар ја започнува својата битка за одбрана на европската титула освоена во минатата сезона со меч во полуфиналето против француски Монпелје.

Вардар е само вториот европски шампион после Кил, што откако ја освоил титулата, следната година играл на Ф4 и не бил елиминиран во претходните фази. Но, ниту еден тим досега не ја одбранил титулата, па тимот на Раул Гонзалес имаат шанса да влезат во историјата.

„Црвено-црните“ и Монпелје во Лигата на шампионите досега одиграле две средби. „Црвено-црните“ во сезоната 2014/2015 како гостин во Франција ремизираше со 34-34, а на ревашот во Скопје Французите беа поразени со 30:36.

Тренерот на европскиот шампион, Раул Гонзалес смета дека Монпелје се опасен противник и очекува тежок натпревар.

- Немаме притисок и треба да уживаме како што тоа го направивме лани. Не мислам за ништо освен за полуфиналето. Монпелје е опасен противник. Треба добро да се подготвиме, бидејќи знаеме дека ќе биде тешко, а на крај ќе видиме кој ќе игра во финале. Сега за сега размислувам за Монпелје, вели Раул.

Бекот на вардарци, Лука Циндриќ, пак, изјави дека се подготвени за дуелот и дека се надева дека ќе стигнат до финалето.

- Притисокот е голем, но едвај чекаме сѐ да почне. Подготвени сме и се надевам дека можеме да стигнеме до крајот. Работевме напорно и верувам дека токму овој викенд ќе бидеме најдобри. Психички и физички сме подготвени во сите 60 минути да се бориме во полуфиналето. Монпелје покажа дека е одличен тим. Играат брз ракомет, имаат одлична транзиција, опасни се еден на еден. Одбраната е клуч на нашата игра, изјави Циндриќ.

За актуелниот состав на Вардар ова е последна шанса за големо достигнување, откако по крајот на сезоната голем дел од играчите ќе си заминат. Од тимот официјално заминување најавија Штербик, Циндриќ, Македа, Кањељас, Марсениќ, Абутовиќ, како и тренерот, Раул Гонзалес.

Натпреварот ќе се игра во „Ланксес Арена“ во Келн, од 18 часот.

Претходно во 15:15 часот е вториот полуфинален двобој, во кој ќе се соочат ПСЖ и Нант на нашиот Кире Лазаров. /МИА

Младите ракометари загубија во полуфиналето на ЕХФ-шампионатот

Ракометната репрезентацијата на Македонија до 18 години доживеа пораз во полуфиналето на ЕХФ-шампионатот во Тбилиси против Белорусија со 30:32 (13:17).

Противниците на „жолто-црвените“ клучната разлика ја направија на крајот на првото полувреме, кога поведоа со +5, а потоа избраниците на селекторот Данило Брестовац не успеаја да се вратат во игра за победа.

На две минути до крајот Македонија дојде до само два гола негатива и имаше и седмерец, но голманот на Белорусија одбрани и ги сруши надежите за пресврт. 

Мартин Серафимов имаше неверојатна партија, откако постигна 15 погодоци, но немаше вистинска поддршка од неговите соиграчи. Белинкау во Белорусија беше најдобар за победничкиот тим со осум гола.

По овој пораз, Македонија ги загуби шансите за пласман на ЕП 2020, а утре ќе игра против Швајцарија во мечот за бронзениот медал. Дуелот почнува во 14:00 часот. 

Во финалето ќе играат Белорусија и Италија.

Во италијанската серија „А" потрошија 1,14 милијарди евра за трансфери

Клубовите од Серија А „фрлија“ 1,14 милијарди евра за нови играчи, откако само англиските тимови потрошија повеќе.

Сезоната во Италија ќе биде отворена вечерва со дуелите Киево - Јувентус и Лацио - Наполи, а трансфер пазарот се затвори кон крајот на минатата ноќ.

Пресметката на крајот на пазарот покажа дека локалните клубови го надминале своето достигнување од минатото лето, кога потрошија 907 милиони евра. Секој клуб потроши 25 отсто повеќе во просек оваа сезона, но лидер е Премиер Лигата на Англија, каде што локалните клубови дадоа 1,42 милијарди евра за нови играчи.

Серија „А“ започнува да ги враќа позициите на трансфер пазарот, откако во 2014 година клубовите потрошија 335 милиони евра, во 2015 - 608.0 милиони, а во 2016 година - 707.35 милиони евра.

Јувентус даде околу 250 милиони евра, откако само 100 милиони од нив беа дадени за привлекување на Кристијано Роналдо, уште 40 милиони тимот од Торино платија за Жоао Кансело и Даглас Коста и 35 милиони за Леонардо Бонучи.

Токму петкратниот освојувач на „Златната топка“ е единствениот играч со трансфер над 100 милиони, откако Кепа премина од Атлетик Билбао во Челзи за 80 милиони, а Алисон ја напушти Рома во насока Ливерпул за 62.5 милиони евра плус бонуси.

Рома е вториот тим кој потроши најмногу пари во Серија „А“ - 136 милиони евра за 13 нови играчи. Голем дел од трошоците беа покриени со продажбата на Алисон и Раџа Наинголан./МИА

Федерер и Ѓоковиќ во полуфинале во Синсинати

Новак Ѓоковиќ победи во два натпревари во рамките на неколку часа и се пласираше во полуфиналето на турнирот од сериите „Мастерс“ во Синсинати.

Србинот го совлада Григор Димитров во одложениот натпреавр, а потоа победи со 2:1 во сетови во четвртфиналето против Канаѓанецот, Милош Раониќ по 7:5, 4:6, 6:3.

Во третиот решителен сет Ѓоковиќ дозволи брејк во третиот гем, но веднаш го врати и потоа направи уште еден, за да го заврши натпреварот по два и пол часа игра.

Во полуфиналето 10-тиот во шемата ќе се сретне со Хрватот Марин Чилиќ, кој победи против Пабло Карел-Буста (Шпанија) со 7:6 (7), 6:4. Ѓоковиќ е петкратен финалист во Синсинати, но никогаш не ја освоил титулата.

- Многу сум задоволен. Покажав здрава психа и успеав да израмнам сет негатива и во двата натпревари. Очигледно натпреварот против Димитров не започна добро за мене. Тој играше одлично на почетокот. Прекините поради дождот се одразуваат лошо, зашто мускулите се загреваат и се ладат додека чекаш, рече Ѓоковиќ по двата натпревари.

Програмата на „Мастерс“ турнирот во Синсинати беше исклучително тешка по третиот круг поради дожд. Две победи во рок од неколку часа забележа и Роџер Федерер. Швајцарецот се справи во два сета со Леонардо Мајер во третиот круг по 6:1, 7:6 (6), а во четвртфиналето го надигра својот сонародник Стен Вавринка со 6:7 (2) 7:6 (6) 6:2.

Двајцата пријатели разменија еден сет по тајбрејк кога грмотевиците ја прекина средбата за некое време. По враќањето на теренот, Федерер беше беспрекорен и го освои решавачкиот третиот сет со 6:2. 

Хуан Мартин Дел Потро, исто така, одигра два натпревари за еден ден, но го загуби вториот. Аргентинецот го доврши прекинатиот поради дожд дуел против Ник Кириос со победа, но потоа заморот одигра огромна улога и Дел Потро отстапи пред Белгиецот Давид Гофан по два тајбрејка - 6:7 (5), 6:7 (4).

Гофан првпат ќе игра полуфинале во Синсинати, каде што ќе има сериозна пречка во лицето на Роџер Федерер.

притисни ентер