Еверт: Згрешија со Серена за „Ролан Гарос“

Тениската легенда Крис Еверт упати критики до Женската тениска асоцијација (ВТА) и до организаторите на „Ролан Гарос“, бидејќи не ја вброија американската тенисерка Серена Вилијамс меѓу носителките на турнирот.

Организаторите на вториот Грен слем сезонава одлучиле фаворитите да ги прогласат врз основа на ранг листата која важи од овој понеделник.

Вилијамс, која паузираше една година поради трудничко отсуство, не се најде меѓу носителите. Но, на американската тенисерка учеството на „Ролан Гарос“ и е обезбедено со заштитената позиција, што подразбира дека на тенисерката, која отсуствувала поради здравствени причини, има право да се врати на одредени турнири и тоа на позиција на која била пред да замине на боледувањето.

- Грешат што не ги заштитуваат тенисерките. Не само поради Серена, туку и поради другите тенисерки со кои би можела да игра во првото коло. Тоа би можела да биде и Халеп.., истакна Еверт.

Поранешната тенисерка наведе дека Серена не одлучила своеволно да отсуствува во период од една година.

- Ако сте принудени да се повлечете, треба да бидете и заштитени, потенцира Еверт.

Во меѓувреме, се појавија гласини дека Серена Вилијамс може наскоро да биде вметната на списокот со носителки на „Ролан Гарос“./MИА

„Алкалоид“ ќе донира „Омепразол“ во течна форма на Детската клиника и болницата во Козле

На ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, „Алкалоид“ ќе им донира од иновативниот лек „Омепразол“ во течна форма – готов за употреба. 

Детали за донацијата, компанијата ќе соопшти денеска, на прес-конференција на Медицинскиот факултет при УКИМ.

За иновативниот лек „Омепразол“ во течна форма, „Алкалоид“ АД Скопје неодамна го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност.

- Поаѓајќи од нашиот врвен приоритет „Луѓето и здравјето пред сè“, во рамките на компаниската мисија за поздрав живот на секој поединец, потребните количини од овој уникатен и премиум производ ќе им бидат донирани на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, со цел олеснување на пристапот до соодветен третман во овој дел кај детската популација, велат од компанијата.

Санкционирани 188 возачи во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот, при што на територија на град Скопје изречени се вкупно 188 мерки, меѓу кои 25 за возење повеќе од дозволената брзина.

Како што соопшти МВР, изречени се и 17 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, четири мерки за управување под дејство на алкохол.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најавуваат од МВР и апелираат до граѓаните на почитување на сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.

ПССЕ ќе расправа за барањето на Косово за членство

Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска во Стразбур ќе расправа за препораката за прием на Косово во членството на таа паневропска организација.

Пред пратениците ќе се најде предлог мислењето за барањето за членство на Косово, со кое се препорачува влез на Косово во Советот на Европа.

Документот подготвен од грчката пратеничка Дора Бакојани беше усвоен на 27 март од Комисијата за политички прашања и демократија на ПССЕ.

Доколку Парламентарното собрание на Советот на Европа го усвои Мислењето, конечната одлука за членството на Косово ќе ја донесе Комитетот на министри на Советот на Европа кон средината на мај.

Нацрт-документот денеска ќе го разгледаат пратениците од 46-те земји-членки на Советот на Европа

Комитетот го поздрави како „голем чекор“ неодамнешното спроведување на пресудата на Уставниот суд на Косово од 2016 година, со која се призна сопственоста на 24 хектари земјиште на манастирот Високи Дечани.

Враќањето на земјиштето во манастирот Високи Дечани беше еден од трите услови за влез на Косово во Советот на Европа. Останува формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) и прегледот на контроверзните експропријации во општините со српско мнозинство на Косово, вклучително и имотот на Српската православна црква.

Тие два услови се означени во нацрт Мислењето како „постпристапни обврски на Косово“, што Приштина мора да ги исполни по приемот во Советот на Европа, јави Бета.

Во документот се наведува дека формирањето на ЗСО ќе помогне да се обезбеди заштита на правата на косовските Срби и дека ПССЕ треба да очекува Приштина да преземе „суштински и конкретни чекори“ за нејзино воспоставување.

Кога станува збор за експропријациите, Комитетот посочи дека тие треба да се спроведат „со најстрого почитување на законот“ и во целосна согласност со планот на Марти Ахтисари.

Констатирајќи го влошувањето на безбедносната состојба во општините на северот на Косово, Комитетот посочи дека „ризикот од отворено насилство во Косово е многу реален“ и додаде дека безбедноста зависи од „заштитата на правата на српската заедница, деескалација на тензиите и нормализација на односите меѓу Косово и Србија“.

Косово аплицираше за членство во СЕ во мај 2022 година. Во март 2023 година, Советот на Европа одлучи да ја проследи апликацијата на Косово до Парламентарното собрание на таа организација.

притисни ентер