Во судницата беше присутен поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски, кој, по вчерашните девет, за овој предмет беше осуден на дополнителни шест ипол години казна затвор .
Груевски во судот се појави утринава, но на рочиште за предметот “Траекторија”, кое е едно од четирите случаи за кои сеуште се води постапка против него.
Според судијката Добрила Кацарска, Груевски ги потценил и омаловажил граѓаните бидејќи зад нивен грб во тајност извршил влијание за набавка на Мерцедесот по лична желба, за себе, а за тоа не ги информирал граѓаните. Кацарска истакна дека Груевски побарал од ексминистерката Гордана Јанкуловска да спроведе јавна набавка за Мерцедесот, а таа го поттикнала Ѓоко Поповски да ја фаворизира компанијата МАКАУТОСТАР.
По завршувањето на рочиштето адвокатот на Груевски, Димитар Дангов најави жалба по пресудата.
Според судиите обвинението не е за потребата од набавка на возилото, туку начинот на кој тоа било набавено.
Судењето за „Тенк“ започна на 30 јануари годинава и траеше приближно 3,5 месеци. Од СЈО велат дека нема да бараат притвор, но дополнително ќе проценат дали ќе поднесат жалба за поголема казна до Апелациониот суд откако на писмено ќе ја добијат официјалната пресуда од судот.
Правосилност на пресудата се чека за да се утврди каква ќе биде судбината на автомобилот.
Од Владата велат дека постапката за негово продавање е стопирана.
Во овој предмет опфатена е и ексминистерката Јанкуловска. За неа постапката е издвоена заради ризична бременост и ќе продолжи на 28 јуни.