Палестинците ја поминаа границата од Газа, Израел одговори со тенкови

Израелската војска утринава испука тенковски гранати врз пунктот на Хамас во појасот Газа, пренесуваат израелските медиуми.

Како што е наведено во военото соопштение, тоа било одговор на огнот од „терористите што влегоа во Израел од Газа во раните утрински часови.

Израелските медиуми потсетуваат дека во саботата им подлегнаа на раните двајца Палестинци што беа ранети во масовните демонстрации на границата на појасот Газа и Израел на 14 мај, денот на отворањето на амбасадата на сад во Ерусалим, на што Палестинците остро се противат. Со нивната смрт бројот на загинатите во тие демонстрации се зголеми на 64. Тоа е најголемиот број жртви во еден ден во последниве години.

„Титаник" одложен за 4 септември

Судењето за изборни нерегуларности „Титаник" е одложено за 4 септември, на барање на обвинителката од СЈО Лиле Стефанова.

Одолжувањето беше побарано откако одбраната на обвинетите предложи прекинување на пастапката за „Титаник" до разрешување на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која според нив е единствено надлежна да ги застапува предметите на СЈО.

Обвинителката Стефанова, во однос на предлогот на одбраната, рече дека како СЈО сметаат дека овластувањата на Јанева се уште се важечки иако е неспорен фактот дека таа е во притвор за случајот „Рекет".

– Го замислувам судот да ја одложи денешната расправа и на следната закажана ќе се произнесеме по наведените барања, изјави Стефанова.

Пред почетокот на рочиштето, адвокатот Димитар Дангов побара прекин на главната расправа поради, како што рече, одредениот притвор на Јанева за предметот „Рекет".

– Според Законот за СЈО, Катица Јанева преку својството кое го има е единствено надлежна да го застапува секој, па и овој предмет. Од наведените причини мора да кажам дека обвинителката Лиле Стефанова нема право да го застапува овој предмет. Конечно Стефанова не може да има повеќе право на застапување од правото што Јанева го нема во овој момент. Предлагам главната расправа да се прекине, изјави Дангов.

Обвинетиот Илија Димовски, пак, на судот му посочи дека согласно случувањата, може да се смета дека постапката за разгледување на работата на СЈО е започната.

– Предлагам судот да донесе решение до завршување на постапката на Советот на јавни обвинители и Собранието, и доколку одлуките бидат негативни по Катица Јанева, судот да ја прекине расправата, изјави Димовски.

Предлагам, посочи Димовски, овој предмет во интерес на сите во постапката да ја почека разврската.

Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова од СЈО.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и досега се изведени околу 4.700 од вкупно 5.900 материјални докази предложени од СЈО.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник" обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања./МИА

Бектеши испрати писмо до Шаља

Тој очекува деновиве повлекување на забраната за извоз

Министерот за економија, Крешник Бектеши во писмо до неговиот косовски колега, Ендрит Шаља наведе дека очекува во текот на овие работни денови Косово да ја повлече Одлуката за забрана за извоз на компир и мед од државава, воведена пред една недела како одговор на нашата забрана за увоз на икра и рибен подмладок од оваа соседна држава, а поради недостаток на мониторинг на нивната состојба.

Во писмото, што го објави на неговиот Фејсбук профил, Бектеши укажува дека  Македонија, може да дозволи увоз на рибен подмладок и икра, доколку косовските власти ги дадат сите потребни гаранции и доколку работните групи потврдат дека се воведени програми за активен и пасивен надзор на водните култури и дека се спроведени како што треба.

– По забраната што Македонија ја наметна на сите земји, вклучително и  Косово, кои немаат мониторинг заради извоз на животни од аквакултура, како мерка предвидена од меѓународно воспоставените принципи за спречување ширење на болести на аквакултура, Агенцијата за ветеринарство и храна на Република Косово треба да обезбеди докази за нивно воспоставување. Воедно да спроведе соодветна програна за активен и пасивен надзор врз аквакултурата, како и дека тие вршат лабораториска анализа за бараните заболувања кај животните од аквакултура, наведува Бектеши во писмото,  осврнувајќи се на состојбите и договорот по состанокот од пред три дена во Приштина.

Во случај ако надлежните органи на Република Косово ги обезбедат сите потребни гаранции, а наодите на работната група потврдуваат дека се воспоставени програми за активен и пасивен надзор на аквакултурата и соодветно се спроевдуваат, стои во писмото, АХВ на  Македонија може да дозволи извоз од односното претпријатие за аквакултура, кое има право да извезува животни од аквакултура во Македонија.

– Врз основа на овој договор, очекуваме во текот на овие работни денови  да ја повлечете Одлуката за забрана за извоз на компир и мед. Останувам на расчолагање за какви било дополнителни информации што може да бидат корисни во насока на олеснување на трговските односи помеѓу двете држави, наведува Бектеши.

На средбата во Приштина во вторникот Бектеши најави дека повторно ќе се овозможи увоз на икра и материјал за порибување од Косово тогаш кога ќе се достави целосната документација од Косово.

Според Бектеши, Косово ги прифатило аргументите на државава и кога ќе се утврди дека косовските институции работат согласно со програмата за мониторинг, забраните ќе бидат повлечени.

Како што објасни директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, потребно е да се верификува дали Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибните производи.

– Откако ќе добиеме такво уверение дека ги запазуваат сите процедури тогаш ќе биде отстранета бариерата за увоз во  Македонија. Тоа е меѓународно воспоставен принцип со кој што се гарантира дека земјата ги нема болестите и тоа е начинот како ние да се заштитиме да не внесеме болести на нашата територија,  рече Атанасов.

Официјалните податоци покажуваат дека извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199 долари, додека во првите пет месеци од годинава е во вредност од 212.227 долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири./МИА

Во македонски светилишта се уште се пее како што пееле првите христијани

 Духовното пеење отсекогаш било присутно во христијанството. 

Во Светото писмо е забележано сведоштво дека кога завршила Тајната вечера, Господ Исус Христос и апостолите испеале благодарствена песна, по што се искачиле на Маслиновата Гора. Впрочем, не само во овој случај Спасителот и апостолите со песна го слават Отецот. Духовното пеење останало и по Христовото воскресение. Апостолите ја продолжуваат таа традиција.

Првите христијани ја изразувале молитвата кон Бога со јазикот на музиката. Оваа традиција останала до ден денес. Но, како минувале годините и вековите, особено последните два века, духовното пеење во црквите се менувало најмногу под влијанието на новите трендови на Западот. Покрај новонастанатите мелодии кои биле создадени надвор од црквата и внесени во неа, од основањето на Христовата Црква до денес опстојува и автентичното црковно пеење, коешто своите форми ги развило во голем временски распон. Тоа во себе содржи и најдревни мелоси од времето на првите христијани, но и мелодии  што се создале во православната екумена последните дваесет векови. Со текот на годините тоа пеење претрпувало промени, но основата останала иста.

Такво пеење, попознато како византиско, негуваат неколку македонски хорови, меѓу кои и „Хармониси", раководен од Ристо Солунчев, професор по современа филозофија на Филозофскиот Факултет од Скопје.

Музика настаната во Црква

Македонскиот византиски хор „Хармосини " е формиран во 2006 година како продолжение на певницата којашто е дел од црквата при манастирот „Св. великомаченик Георгиј", Криви Дол, во Скопје, од Ристо Солунчев како хороводец и група на ентузијасти и вљубеници во црковната музика.

– Хорот исклучиво се заснoва на традицијата на Источната црква, на нејзината музика. Најправилното име за оваа музика е Црковна музика, музика на Христовата Црква. За разлика од сите други световни музики што ги знаеме, како на пример, делата на големите композитори Чајковски, Рахмањинов кои настанале надвор од Црквата, оваа настанала во самата Црква. Нивните композиции се прекрасни, но реално не се црковна музика, тоа е световна музика со религиозна тематика. Византиското пеење не е нешто што настанало надвор од Црквата, па е внесено, туку е создадено во рамките на Црквата од црковни луѓе и содржи чиста црковна суштина. Исто како што и иконописот е создаден во Црквата како нејзина автентична уметност . Затоа, најдобриот назив за ваквата музика е црковна, а не византиска, затоа што таа почнала да се создава и развива и пред Источното Римско царство (Византија), и останала да постои и по неговото завршување. Оваа музика продолжува да се развива без разлика на тоа што Константинополската црква била под отоманска власт. Затоа велам дека најдобриот назив е црковна музика или музика на Источната црква, или синонимно да се користи византиско црковно пеење, притоа подразбирајќи ја токму музиката на Византиската црква, објаснува Солунчев.

Тој ваквото пеење почнал да го изучува сам, а подоцна и во еден манастир во Србија. Солунчев се запишал и на Академијата за византиска музика во Атина кај професорот Игор Зиројевиќ. Школувањето на оваа Академија трае пет години. Тој вели дека со тоа што ќе се образува ќе си помогне себе си, но и на другите членови на хорот кои византиско пеење го учеле од него.

– Тие ги прифатиле сите мои знаења и грешки. Ќе треба тоа се исправа во од, за да се засновува многу подобро оваа музика, вели Солунчев.

Инаку, хорот „Хармосини" нема фиксен број на членови. Во него членуваат од 10 до 20 хористи во зависност од потребите. Еден од членовите е монах од Бигорски, отец Анатолиј, кој во манастирот веќе ја реализира намерата за создавање сериозен византиски хор. На снимањата доаѓаат тројца од хорот „Калистрат Зографски" од Калишта, Струга, Димитри Кубароски, Александар Дејкоски и Теофан Санџакоски. А, еден од  членовите на Хармосини, Марјан Ѓошев редовно пее во манастирот „Свети Наум" во скопско Радишани.

-Јас пеам во црквата „Св. Стефан" во Аеродром со уште двајца членови, а дел од „Хармосини" пеат во „Св. великомаченик Георгиј", Криви Дол, во Скопје.  Користиме традиционален начин на пеење. Се пее унисоно со бордунска поддршка наречена исон, вели Солунчев.

Византиското пеење потиснато од Мокрањац

Во првите неколку векови по Христа, пеењето на првите христијани, односно на Евреите, се видоизменило, бидејќи кон Христовата Црква се приклучувале нови народи кои внесувале свои специфики во музиката. Кај нас ваквото пеење се практикувало за времето на Свети Климент, но и по потпаѓањето на Македонија под Отоманската Империја, иако во тие времиња сериозната школуваност на псалтите била доведена во прашање заради условите. Подоцна со потпаѓањето на Вардарска Македонија под јурисдикција на Српската Црква, ова пеење било целосно и благо-насилно истиснато од црквите и заменето со т.н српско народно појање или Мокрањчево пеење, според композиторот и реформатор на она што од старото пеење било останато во Србија, Стеван Мокрањац. Визнатиското пеење било сочувано од поединци, кои своето знаење го пренесувале на новите генерации. Низ вековите секогаш имало по некој кој го практикувал овој вид на пеење и така не се дозволило тоа целосно да изсчезне во Македонија. Еден од позаслужните за негување на автентичната музика создадена во Црквата е таткото на отец Стефан Санџаковски, отец Владимир. Потоа биле останати и други стари псалти во Струга, Охрид, Битола, Берово, раскажува нашиот соговорник.

– На нашиот Богословски Факултет и во средното Богословско училиште се учи мокранчевото пеење, кое се разликува од класичното осмогласно византиско пеење по тоа што во основата се базира на српскиот фолклоризиран стил на пеење од една страна, и на многу нови напеви директно внесени од Мокрањац . Скалите се симплифицирани и западнизирани, практично убиен е Осмогласникот, уништени се многу од богатите мелодиски формули на византиското пеење, комплетно е сменета модалната структура на црковното пеење, внесена е верикална хармонија, толку неприродна за суштината на црковната музика. Како што вели и самиот Мокрањац, целта е секој прост селски поп да се снајде. Ако ги земете теоретиконите од Константинопол и Света Гора ќе видите дека има спротивна тенденција, музиката е наука, а црквата треба да негува сериозен и возвишен стил на музика, и таа стреми кон совршен израз а не кон снаоѓање на прост селски поп. Веројатно, некој ќе рече не е битно пеењето, битна е молитвата, но сепак постои секогаш правилен израз, правилно славење на Бога, инаку тогаш православната Црква би требало да го прифати и госпелот и музиката на пентикосталците. Формата е сепак најбитна затоа што содржина без форма реално не постои. Ако има друга форма нештото тоа веќе ја изгубило автентичната суштина, обајснува Солунчев.

Тој смета дека  е редно е да се тргне мокранчевото пеење од Богословскиот Факултет и од Богословското училиште затоа што е потполно неканонско и е апсолутно неприфатено од Христовата Црква. Но, како што вели, тоа не треба да се стори со  декрет.

– Сепак мноштво луѓе цел живот пееле по Мокрањац и не треба да им се прави она што на „византијците" им го направила официјалната политика на Српската Црква. Нека си продолжат тие да го слават Бога како умеат и знаат. Но, на официјално ниво се знае што е иднината. Оти, реформата на Мокрањац се засновува на незнаење на традицијата на Источната Црква и се базира на понови мелодии што ги слушал од полуписмени свештеници па нека се тие и од Скопје. Тоа не би требало да биде сериозен критериум како треба да изгледа музиката, потенцира нашиот соговорник.

Мокрањац, како што објаснува Солунчев, зема неколку основни матрици од византиската музика која исто така упростено се пеела во негово време и во Србија, а тој ја реформира до непрепознавање.

-Кога не знаете нешто, се обидувате да го упростите. Човек кој не знае нешто, тој не може тоа нешто да го сочува за да биде како што треба. Прашање е колку Македонија, каде што секогаш се негувал сериозен стил може да го прифати тоа и со тоа да се идентификува. Нашиот народ има осет, вели Солунчев, додавајќи дека, сепак, Стеван Мокрањац е голем композитор, има мноштво прекрасни световни композиции, но, неговата реформа на црковната музика во Србија има многу недостатоци и виси во воздух.

-Тоа е неканонска музика, таа може само да биде толерирана од целата екумена, како што и поновата руска црковна музика е толерирана поради сентиментот на руската душа во неа. Просто нема насилно наложување во Црквата, оти не може една автокефална еклисија да и каже на друга како ќе пее. Но ние сме биле Византија секогаш а нашата култура дише со таа естетика, така што за нас прифаќањето на вистинската црковна музика е враќање на нас самите, кон изворот на нашата мелосна душа. Нашата традиционална македонската музика совршено кореспондира со црковната, со осмогласникот. Многу од старите чалгаџии биле и црковни псалти, појаснува Солунчев.

На Света Гора и во Цариград најсочувано автентичното пеење

Не е само Србија таа која, на некој начин, го отфрлила византиското пеење, иако и таму има сериозни хорови и псалти кои практикуваат црковна музика и се обидуваат да ја вратат традицијата. Ова пеење било истиснато и во Русија. Во Русија под влијание на Западот почнала да се менува и музиката веќе мошне јасно за време на Петар Велики.

-Таму се пеат некакви варијации на византиското пеење наречени Знамениј распев, како некаква фолклоризирана варијанта на црковната музика, но и дела на Чајковски и Рахмањинов, кои велам се дела по суштина настанати надвор од Црквата. А, најавтентично и најсочувано византиско пеење се практикува на Света Гора и во Цариград (Истанбул), поранешен Константинопол, но и во некои сириски области. Таму постои традиција на пренесување на знаење, вели Солунчев.

Во Романија исто така има луѓе кои се сериозно посветени на ваквиот начин на пеење.

Православието, на кое припаѓа и нашата Црква, се држи до корените на христијанството. Покрај другите работи, би требало да се држи и до коренот на црковната музика, онаква каква што настанала во Христовата Црква.

-Ако ја менувaме автентичната црковна музика ќе се претвориме во некаква протестанска секта која го релативизира преданието. Кога луѓето ќе кажат црковна музика тоа е тотално неодредено нешто. Духовна музика е и Харе кришна. Но, кога ќе кажеме Црковна музика се знае на што мислиме. Таа музика се дели на две струи источна и западна, секоја тргнува во историјата по свој пат. Нашата црковна музика е музиката што е создавана во рамките на Источната византиска црква, на која што припаѓала и нашата црква, Охридската архиепископија, вели Солунчев.

Тој се надева дека за четири или пет години „Хармосини" ќе бидат дел од некоја голема градска црква која ќе ги овозможи сите услови за работа. Неговата намера е да се направи една сериозна Академија за ваква црковна музика.

Инаку, „Хармосини", како хор учествуваше и во создавањето на албумот „Детето и белото море" на Мизар. А, како што вели Солунчев, во сочувувањето на интересирањето за византиското пеење, покрај визнатиските духовни хорови, придонесуваат и современите музички бендови и композитори, кои ги користат изворите на Црквата за да создадат своја световна музика. Црковната музика е едно, современото музицирање е нешто друго. Во голема мера „Анастасија" и „Мизар" беа бендовите кои го отворија овој хоризонт.

Нашиот соговорник изрази надеж дека за 20 или 30 години во сите македонските свети храмови ќе се врати византиското пеење, односно древното пеење настанато во Христовата Црква од Исток./МИА.

притисни ентер