Мицкоски во Паленица: Потребно ни е обединување за одбрана на државните интереси

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите алатки кои што му стојат на располагање да се бори против оваа ненародна власт и оваа зло кое што надвиснало над нашата татковина, а кое што го предводи Зоран Заев и Социјалдемократскиот сојуз.

Но, за тоа ни е потребно обединување. Секогаш во историјата кога ВМРО-ДПМНЕ застанало цврсто во одбрана на државните и националните интереси, потребно било обединување под бајракот на слободата. Така ни е потребно и овој пат.

Нас што ни е потребно обединување, подавање рака од човек на човек, добронамерник на добронамерник, патриот на патриот, брат на брат, сестра на сестра. Тоа ни е сега неопходно. Само сплотени, заедно, под бајракот на слободата, можеме да си ја браниме татковината. И нема да им успее да не разделат и покрај сите оние кинески ѕидови кои што ги градат помеѓу нас.

Ова зло кое што му се случува на Република Македонија има име и презиме. Се вика Зоран Заев. Човек без визија, без политичка култура и човек без платформа. Единствен проект кој што го има е како да ја подвитка кичмата на сопствениот народ и на сопствената татковина. Нема тоа да му го дозволиме.

Секаде каде што одам низ нашата татковина, се среќавам со луѓе. Пред очите можам да им забележам очај, разочараност, од очите можам да им забележам резигнираност. И тие не треба да знаат колку овие ја задолжуваат нашата татковина. И не треба да знаат колку помалку странски инвестиции имало оваа година и мината година. Или колку помалку имаме луѓе кои што вложуваат во нови работни места. Но знаат едно, дека наутро кога почнува битката како да го поминат денот, како да ги прехранат своите семејства, новчаникот им е празен. И тоа ги боли. И мене ме боли и мора да направиме да ни биде подобро.

Нема реформи во здравството. Луѓе ги губат своите животи на дневна основа. Луѓе ги губат своите животи затоа што имаме некадарен министер и затоа што имаме некадарен премиер, да спроведе реформи во тоа исто здравство и да го направи поконкурентно за да може луѓето тоа што го плаќаат, тоа и да го добијат, а не да добиваат смрт наместо здравје и живот. Тоа ветуваме.

Ќе дојде денот кога ќе одговараат.

Ќе зборувам и како професор. Секој час кога ќе ги погледнам очите на моите студенти гледам една желба, колку побрзо да дипломираат и да ја напуштат оваа прекрасна држава нашата татковина Република Македонија. Ме боли и не знам што да им кажам. Ако зборувам од срце срцето плаче. Се обидувам да бидам разумен и да им кажам стрпете се останете овдека, каменот тежи само дома. Дајте ни шанса, ќе дојдеме ќе ја вратиме вербата во вас, немојте да се обесхрабрувате. Имаме план имаме, имаме проекти, знаеме како, Македонија е моја и ваша и на сите вас овдека и мора да се бориме за истото.

Среќавам многу луѓе кои што се под притисок, под закана, дека ќе ги загубат работните места ако се поздрават со мене, ако дојдат да испијат едно кафе со мене. Ви велам доста е. Доста е браќа и сестри, само вие можете да го победите стравот. Јас сум тука да ви помогнам. Мојата цел е јасна, мојата цел нема алтернатива.

Ветуваа многу, а сега гледаме дека лажеа. Колку ли само е тешко да го гледаш човека во очи и да го лажеш. Како не им е срам? Нема 500 евра плата просек, нема поголеми плати за вработените во здравството нема 600 километри автопат, нема зголемени пензии, нема поконкурентно образование, нема реформирано судство, а помина една година. А така храбро викаа во кампањата знаеме во каква ситуација е Македонија имаме решение живот ќе донесеме. Донесоа чемер и јад, ништо друго.

Мораме работата да ја земеме во свои раце, немаме друга алтернатива, деновите и минутите одбројуваат, до нас е. Мора да се охрабриме и да се осмелиме. Да му застанеме на патот на целото ова омаловажување и понижување, да им застанеме на патот на сите овие навреди, да застанеме на патот на сите овие негативности кои што ни се случуваат во нашата татковина. Мораме да понудиме алтернатива, мораме да понудиме како тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ во моментот и дел од тие проекти кои што планираме да ги имплементираме, првиот ден откако ќе ја формираме новата влада. Тие ќе бидат презентирани на големиот народен собир кој што ќе се одржи на 2 јуни пред владата на Република Македонија. Ја користам оваа прилика сите да поканам.

Изминатиот период многу луѓе ме среќаваа и ми велеа тивки сте ве нема, се сомневаа, имаше многу сомнежи. Но на сите им дадов еден одговор. Лесно е да влезеш во битка во која што крајот е неизвесен и лесно е да војуваш со туѓи синови. Јас сакам да ве поведам во битка во која што сите заедно ќе победиме, и таа битка нема да биде лесна и нема да биде кратка. Дојде денот кога таа битка ќе почне и ќе трае летово и ќе трае есенва, се до предвремените парламентарни избори.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Награда во Калифорнија за најдобар долгометражен филм за „Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот што се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.

Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

- Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови, вели Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.

Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. /МИА

Николоски на средби во ММФ

Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст.

Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%“, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија“, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Министерство за финансии

Приведен дилер во Охрид, пронајдена дрога

Денеска во 00.55 часот во Охрид, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид го лишиле од слобода Б.Н.(33) од Охрид, соопшти МВР.

Откако бил забележан од полициските службеници во неговото возило, тој фрлил кесичка со бела прашкаста материја која била пронајдена и одземена. Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја и други предмети со остатоци од бела прашкаста материја.

Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

притисни ентер