Парламентарците согласни да работат на реформи и придвижување на евроинтегративниот процес

Претставниците на парламентарните партии во македонското Собрание изминатите два дена во Охрид го одржаа Првиот работен состанок во рамки на процесот Дијалог Жан Моне:

Клучен принцип на консензус за обединет пристап кон Евро-атлантските интеграции за граѓаните на РМ и институционално јакнење на Собранието како демократски столб на сите реформи.

Иако, состанокот инциран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан првично беше предвидено да се одржи во седиштето на „Жан Моне“ во Париз, проценето беше дека позитивниот импулс во земјата остава можност дијалогот да се одржи тука.

Разговорите почнаа во четвртокот со работна вечера одржана зад затворени врати, како вовед во работниот дел од состанокот на координаторите на парламентарните партии, насочени кон подобрување на парламентарниот дијалог и спроведување на европската агенда на земјата.

На вечерата на учесниците во разговорите преку видео-врска им се обрати еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, кој меѓу другото ја посочи централната улога на Собранието во реформската агенда за интеграција во ЕУ.

Европратеникот Иво Вајгл пред почетокот на вечерата рече дека се работи за средба со цел во отворена атмосфера да се разговара за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус.

- Сметам дека во работна атмосфера со помош на експерти ангажирани за оваа конференција, може да се дојде со согласност по некои прашања за кои нема да решаваме ние, нема да се решава ниту тука ниту во центарот „Жан Моне“ во Париз, туку во Собранието на РМ. Се разбира ќе стане збор за иднината на Македонија, токму затоа сме тука, се ангажиравме во Пржинскиот договор, и оттаму со големо задоволство можеме да кажеме дека земјата има направено значаен чекор напред со добивањето гаранција за безусловно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Се разбира за тоа ќе решава Европскиот совет и можам само да кажам дека сум оптимист во тоа, изјави Вајгл.

Работниот дел од разговорите предвидуваше неколку панел-дискусии, посветени на етичкиот кодекс, Деловникот за работа на Собранието, буџетска независност на институцијата, со учество на европратеници и експерти по односната проблематика.

Јавноста немаше увид во самиот тек на дискусиите, но претседателот на Собранието Талат Џафери во куса изјава за медиумите нагласи дека разговорите се одвиваат во контруктивна и работна атмосфера, со консензуален став на учесниците за потребата од регулирање односно дорегулирање на односите во законодавниот дом.

- Темите на дискусија се најавените-потребата од измени и дополнувања на Деловникот и носењето на Етички кодекс, со додадени прашања на она што во други форми веќе е разговарано, а тоа е поголема самостојност и независнот на Собранието. Имавме плодна дебата за Кодексот и мислам дека таа е завршена по однос текстот изготвен со поддршка на ЕУ и очекувам да резултира со консензуално негово донесување како водилка во однос на однесувањето на пратениците во и надвор од Собранието, рече Џафери.

Тој ја посочи подготвеноста кај сите учесници во разговорите за потребата од усвојување таков документ, изразувајќи уверување дека присуството на сите парламентарни партии ќе придонесат во изнаоѓањето на консензуални решенија во насока на поставување на работите онака како што и се очекува од Парламентот.

За самиот Кодекс на однесување во работата на законодавниот дом, Џафери рече дека е новина бидејќи досега Собранието немало таков документ. - Тој во целина, сиот како таков, е новина, во секој случај предвидува морално-етички, а не кривично-правни аспекти, оттаму што по дефиниција пратениците за работата во Собранието не одговараат за она што ќе го кажат, рече Џафери.

Претседателот на Собранието уште изнесе оценка дека моментално климата во институцијата обезбедува консензуално работење и усогласеност меѓу политичките партии што треба да се одржи, како што рече, не само заради важните прашања што евентуално би можело да бидат ставени на дневен ред, туку воопшто поради статусот и надлежностите што Собранието ги има.

Парламентарните партии на средбата во Охрид постигнаа согласност за промоција и придвижување на интегративниот процес кон ЕУ, истовремено согласувајќи се за спроведување институционални реформи, меѓу кои и оние што се однесуваат на Собранието како институција од која граѓаните очекуваат да испорача резултати на евроинтегративниот пат.

Во заклучоците усвоени од разговорите се наведува нивната подготвеност кон негување на духот на дијалог и компромис, како и зајакнување на легислативните и надзорните капацитети на Собранието, како аспекти од клучна важност за членството на земјата во ЕУ.

- Реално сме убедени дека нашиот дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, но и да ја предводи истата, употребувајќи ја сета своја демократска легитимност, проверка и легислативна надлежност. Со цел да се задржи реформскиот моментум, се согласивме да воспоставиме механизам за имплементација кој би обезбедил постигнатиот политички консензус да се проследи во соодветните тела на Собранието, се наведува во заклучоците од состанокот.

Делегациите на парламентарните партии во рамки на првиот состанок од „Жан Моне“ дијалогот постигнаа консензус по четири клучни области од работата на Собранието и тоа потребата од Изготвување етички кодекс за однесувањето на самите пратеници во и надвор од Собранието, реформи на Деловникот на Собранието, преку амандмани и предлози што би ги разгледувала работна група, соодветни мехамизми за имплементација на договореното во рамки на дијалогот, што исто така би го спровела работна група за реформи и работа на Собранието, како и натамошна соработка на административно ниво меѓу Собранието и Европскиот парламент, што би вклучувала и размена на најдобри практики и техничка експертиза.

Првиот состанок во рамки на „Жан Моне“ дијалогот беше заокружен со вечера на која присуствуваа и лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса Билал Касами. Пред нив е свое обраќање имаше и Сергеи Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти.

Средбата во рамки на „Жан Моне“ процесот се смета како реализација на дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од Планот „3-6-9“, а активностите во рамки на разговорите да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.

Митрески: Продолжуваме со раст на платите, просечна плата 1.100 евра, минимална плата 600 евра

„На овие избори одлучуваме дали Македонија ќе продолжи по реформскиот пат, патот кон Европската унија кој носи позитивни системски промени или ќе се вратиме назад, кон изолација и заробена држава. “

„На овие избори одлучуваме дали Македонија ќе продолжи по реформскиот пат, патот кон Европската унија кој носи позитивни системски промени или ќе се вратиме назад, кон изолација и заробена држава. Полноправното членство во Европската унија е нашата единствена опција“, порача денеска Јован Митрески, носител во петтата Изборна единица, на Коалицијата за европска Македонија, на почетокот на кампањата за парламентарните избори.

Тој нагласи дека Коалицијата предводена од СДСМ е одлучна да направи темелни реформи, а тоа е можно само ако ги почнеме преговорите со Европската унија.

„За СДСМ секогаш приоритет се граѓаните. Затоа, и во наредниот период продолжуваме со континуиран раст на платите. Просечната плата ќе достигне 1.100 евра, со влезот во Европската унија ќе достигне 1.300 евра. Минимална плата од 600 евра, со влезот во ЕУ 800 евра. Обезбедуваме поддршка од 180 милиони евра директна финансиска поддршка на бизнисите, 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции“, нагласи Митрески и додаде дека фокусот ќе биде во изградба на одржлива, иновативна и конкурентна економија.

Тој, заедно со кандидатите во петтата Изборна единица ги повика граѓаните одлучно да се спротивстават на сите што сакаат да нѐ вратат во минатото и да дадат поддршка за Планот за европска Македонија!, рече Јован Митрески, носител на ИЕ5.

Столтенберг: Членките на НАТОна Украина да ѝ испраќаат повеќе противвоздушни системи

Членките на НАТО треба да дадат приоритет на испраќањето воена помош за Украина, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на Алијансата.

Тој посочи дека НАТО треба да ѝ испрати повеќе противвоздушни системи во Украина.

„Приоритетот на земјите-членки треба да биде вооружување на Украина за да ги зголеми своите одбранбени капацитети. Дел од важните напори што сега ги правиме низ НАТО алијансата е да ја зголемиме испораката на системи за противвоздушна одбрана во Украина“, рече Столтенберг во Брисел и додаде:

„Но, на Украина ѝ треба повеќе. Значи, ако сојузниците се соочат со избор помеѓу исполнување на целите на НАТО и обезбедување поголема помош за Украина, мојата порака е јасна: испратете повеќе во Украина.

Столтенберг ја посочи Данска како „силен пример“ бидејќи во февруари таа вети дека ќе ја донира целата своја артилерија на Киев. Тој ги пофали Данска и Холандија за нивните планови да обезбедат борбени авиони Ф-16, додавајќи дека е „охрабрен“ од веста дека американскиот Конгрес се очекува наскоро да гласа за дополнителна помош за Украина, по неколкумесечни одложувања.

Апелот на шефот на НАТО доаѓа во време кога земјите-членки се борат да достават доволно количество оружје во Украина без да ги исцрпат сопствените резерви и да ја загрозат сопствената безбедност. Властите во Киев го обвинуваат недостигот на муниција за минатогодишната неуспешна контраофанзива, како и за неодамнешните загуби на бојното поле.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ја критикуваше Германија за одбивањето да донира крстосувачки ракети Таурус и американските републиканци за одложување на сметката за воена помош од 61 милијарда долари што ја побара претседателот Џо Бајден.

„Ако Конгресот не ѝ помогне на Украина, Украина ќе ја изгуби војната“, предупреди Зеленски претходно овој месец.

Берлин неодамна се согласи да испорача уште еден систем за воздушна одбрана „Патриот“ произведен во САД во Киев. Сепак, тој одби да ја промени одлуката за ракетите Таурус, тврдејќи дека за нивно испраќање ќе биде потребен германски персонал на теренот во Украина.

Претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Мајк Џонсон најави дека в сабота ќе гласа за нацрт-законот за помош на Украина. Законодавството претходно беше блокирано поради жестоките расправии меѓу демократите и републиканците за имиграцијата и граничната безбедност.

Русија во неколку наврати најави дека испраќањето оружје во Украина ќе доведе до ескалација, но не и до промена на исходот од конфликтот.

Ковачевски: Имаме план за економијата, инвестиции од 3,5 милијарди евра

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на денешниот настан под мото „Нема откажување од иднината“ се осврна на економијата и бизнис секторот.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на денешниот настан под мото „Нема откажување од иднината“ се осврна на економијата и бизнис секторот при што кажа дека: „Во изминатите седум години се случија многу работи. Имаше подеми, падови, големи проблеми, предизвици. Се соочивме со КОВИД пандемијата, а потоа и со економската и енергетската криза предизвикани од војната во Украина.“

„Дадовме се од себе за да им помогнеме на граѓаните и на компаниите да ја пребродат кризата без посериозни последици. Донесовме девет пакети антикризни мерки вредни 2,6 милијарди долари за да го заштитиме стандардот на граѓаните. Благодарение на тоа беа спасени 80.000 работни места во околу 20.000 компании. Им помогнавме на над 660.000 домаќинства да не се соочат со ценовен шок со сметките за струја.“ – истакна Ковачевски во своето обраќање.

Ковачевски подвлече и дека: „Обезбедивме рекордна поддршка за домашните компании од 100 милиони евра за 919 македонски, домашни компании. Поддршка која во минатото воопшто не постоеше.“

Тој нагласи дека: „Компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра.“ - и додаде: „Го подготвуваме најголемиот и најамбициозен план во независна Македонија за модернизација на инфраструктурата. Ќе инвестираме 2,7 милијарди евра, а ќе се изградат 194 километри нови автопати и реконструкција на вкупно 950 километри патишта во сите делови и општини на државата.“

„Енергетската трансформација започна во мојот мандат, и во тие кратки две години обезбедивме над 600 мегавати инсталиран капацитет енергија од обновливи извори, наспроти 16те мегавати до 2016тата.“ – додаде Ковачевски.

“Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните, а го зголемуваме и домашното производство на енергија за 70%, за да можеме целосно да ги покриеме домашните потреби. 100 процентно ќе го зголемиме инсталираниот капацитет на енергија од обновливи извори.“ – рече претседателот на СДСМ, Ковачевски на денот на почетокот на кампањата за претстојните парламентарни избори, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер