Туск: Му благодариме на Трамп, ја ослободи Европа од сите илузии

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ја “ослободил Европа од сите илузии“ во врска со трговскиот спор и повлекувањето од договорот за нуклеарната програма со Иран.

Туск оцени дека ЕУ мора да биде обединета за да се соочи со новиот феномен на “каприциозна самодоверба на американската администрација“, пренесува „Ројтерс“.

„Посматрајќи ги последните одлуки на претседателот Трамп, некои би можел да помисли дека со такви пријатели, не ви требаат непријатели, искрено зборувајќи, Европа би требало да му биде благодарна на претседателот Трамп бидејќи благодарејќи на него се ослободивме од сите илузии“ – изјавил Туск.

Според неговите зборови Трамп им помогнал на Европјаните да сфатат дека “доколку ви треба рака која помага, ќе ја најдете на крајот на вашата рака“.

Турски парламент: Во војска шест наместо 12 месеци

Турскиот Парламент ратификуваше нов Закон за воена служба, со кој се намалува периодот на воениот рок за половина, јави Анадолија.

Вкупно 335 пратеници го одобрија Законот во Парламентот, кој брои вкупно 600 пратенички места, 17 пратеници гласаа против, а двајца беа воздржани.

Новиот Закон го намалува периодот на воената служба од 12 на 6 месеци, како и ослободувањето од воениот рок со плаќање како перманентна одредба.

Според новиот Закон, од турските граѓани ќе се бара да минат едномесечна воена обука, а потоа ќе бидат ослободени од служење на воениот рок за останатите пет месеци со плаќање на 31.000 турски лири (5.371 долар).

Средба Заев – Сореиде: Поддршка за интеграциите и за политичкото лидерство

На средбата е изразена силна поддршка за покажаното политичко лидерство во нашата држава што е посочено како добар пример и за целиот регион и како значаен придонес во стабилизацијата и безбедноста на регионот.

 Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски и министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми денеска се сретна со Ине Ериксен Сореиде, министерка за надворешни работи на Кралството Норвешка, придружувана од Арне Санес Бјорнстад, амбасадор на Кралството Норвешка за Македонија.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, е изразена силна поддршка за покажаното политичко лидерство во нашата држава што е посочено како добар пример и за целиот регион и како значаен придонес во стабилизацијата и безбедноста на регионот.

Констатирано е дека со храбрите политики и политиките на дијалог и пријателство со соседите од страна на премиерот Заев и на државата, отворени се претходно блокираните перспективи на  Македонија во интеграциите.

Кралството Норвешка, како што е пренесено, ги поддржува интеграциите на Република Северна Македонија во НАТО, поради што во норвешкиот Парламент веќе е ратификуван Протоколот за членство на нашата држава во НАТО.

Изразено е и охрабрување земјава да продолжи со потребниот реформски процес, што за Македонија значи бенефит во квалитетот за живот на граѓаните и е важен за европските интеграции.

-Благодарни сме за големата поддршка на нашиот искрен пријател, Кралството Норвешка, за принципиелната улога во процесот на надминување на политичката криза во државата и за поддршката во интеграциските процеси и во реализацијата на членството во НАТО. Денес, Македонија е земја со НАТО и ЕУ перспективи, реформите ги носиме во дијалог со сите засегнати страни и со опозицијата, имаме рекорден број на странски инвестиции, пораст на платите, намалување на невработеноста. Покажавме со договорите со соседите, посебно со Преспанскиот договор, како се можни, низ искрен дијалог, решенија на чувствителните билатерални прашања и продолжуваме да имаме конструктивна и стабилизирачка улога во регионот. Гледаме можности до крајот на годината да станеме 30. земја членка на НАТО, во октомври да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ и 2019 година да ја завршиме и како успешна економска година и на сето ова сериозно сме посветени во политичките чекори, рече премиерот Заев.

На средбата беа потврдени добрите пријателски односи помеѓу Македонија и Кралството Норвешка, констатирано е дека Норвешка и досега многу и помага на државава во значајни проекти за граѓаните, како во делот на животната средина и во таа насока се разгледани можностите за унапредување на соработката во повеќе области, меѓу кои и животната средина и одбраната. 

Димитров: Со разбирање и меѓусебна почит можат да се решат сите прашања со Бугарија

Убеден сум дека со Бугарија споделуваме крупни заеднички цели.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров смета дека земјава со Бугарија дели големи заеднички цели и оти ќе најдат начин со меѓусебно пријателство и почит во решавањето на прашањата поврзани со Договорот за пријателство, како тоа за Гоце Делчев, таквите цели да не бидат загрозени.

-Убеден сум дека со Бугарија споделуваме крупни заеднички цели. Како соседи што потпишаа Договор за пријателство, кој допира и до многу деликатни и емотивни прашања за двете страни во смисла на историјата, убеден сум дека ќе најдеме начин низ почит кон другиот и пријателство да не ги загрозиме овие важни цели, рече министерот Димитров одговарајќи на новинарско прашање дали се реални заканите од бугарска страна за блокирање на процесот на добивање датум за преговори доколку не биде постигнат договор околу Гоце Делчев.

Тој додаде дека се надева оти за прашање ќе има прилика да разговара уште во текот на утрешниот ден во Софија, каде ќе присуствува на состанок на Црноморската иницијатива.

-Убеден сум дека македонскиот успех во смисла на европската интеграција е многу важен и за соседна и пријателска Бугарија и ќе најдеме начин тие не само да не бидат пречка, туку да бидат и промотор како што впрочем беа и минатата година во Советот за општи работи и неодамна на последниот што се одржа во Луксембург, рече Димитров, на прес – конференцијата по средбата со министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка Ине Ериксен Сореиде, која е во посета на земјава.

Ериксен Сореиде, зборувајќи, како што рече, како претставник на држава која не е членка на ЕУ смета дека дијалогот меѓу двете земји треба да продолжи и натаму. /МИА.

притисни ентер