Сончево со умерена облачност, попладне дожд

Времето во Македонија ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во крајните југоисточни предели е можен краткотраен локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец.

Утринската температура ќе се движи од девет до 15, дневната од 20 до 27 степени. УВ-индексот ќе изнесува седум.

Во Скопје времето ќе биде сончево со умерена облачност. Утринската температура ќе се спушти до 15, а дневната ќе се искачи до 26 степени.

Од утре до петок времето ќе биде стабилно, освен во југоисточните делови каде е можна појава на краткотраен дожд со ретки грмежи. Повторно зголемување на условите за нестабилност се очекува во деновите од викендот. /МИА

Герапетритис: Грција нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа

Паралелно посочи дека „Грција во надворешната политика останува принципиелна“ .

Грција ќе апстинира од гласањето, односно нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа од политички причини, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервјуто за општинското радио од Пиреас „Канал 1“, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција во однос на процесот за членство на Косово во Советот на Европа објасни дена постојат три нивоа од кои првите две се необврзувачки, односно мислењето на надлежната комисија на Парламентарното собрание и гласањето на пратениците од ПС, кои излегоа со позитивен став.

-Но, овие две мислења се необврзувачки. Клучен орган, орган што носи одлуки за членство на Косово во СЕ е Советот на министри што ќе одржи состанок на 16 мај и ќе одлучи суверено. Независно од позициите што беа изразени, како на ниво на извештајот на Комисијата, така и на Парламентарното собрание во кое членуваат пратеници и не станува збор за влади на земјите-членки, позицијата на Грција останува цврста и непроменета. Како што сторивме и во минатото во слични случаи, Грција ќе апстинира од ова гласање, односно нема да го поддржи барањето за членство на Косово во Советот на Европа од политички причини, истакна Герапетритис.

Објасни дека иако еден од условите беше исполнет, сепак „не се исполнети некои од основните барање, како што е формирањето на Заедницата на српските општини во Косово и според тоа не е сменета суштинската политика на Грција“.

Паралелно посочи дека „Грција во надворешната политика останува принципиелна“ и истакна дека го охрабруваат дијалогот Приштина – Белград, сакаат мирно решавање на разликите, но сè зависи од волјата на инволвираните страни.

Во вторникот, Парламентарното собрание на Советот на Европа, со 131 глас „за“ го усвои извештајот на известувачката на СЕ за Косово, Дора Бакојани за членство на Косово во организацијата, а конечната одлука за членство ќе биде донесена следниот месец по гласањето на министрите за надворешни работи на Советот. /МИА

Кривична пријава за директор на ЈП „Стрежево" Битола за злоупотреба на службена положба

Кривична пријава за директор на ЈП „Стрежево" Битола за злоупотреба на службена положба и злоупотреба на постапка за јавен повик .

- Одделот за криминалистичка полиција по добиена наредба од ОЈО Битола, презел предистражни дејствија и по обезбедена документација и извршен увид во истата, до ОЈО Битола, во координација со СВР Битола, поднел кривична пријава против М.Г. од Битола, директор на ЈП „Стрежево" Битола, соопштија денеска од МВР.

Кривичната пријава е за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по чл.353 од КЗ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство” од чл.275-в од КЗ во врска со чл. 22 и против Љ.М.П. од Битола, управител на правно лице од Битола.

- Имено, М.Г. знаејќи дека правното лице во текот на 2018 имало набавено тапкач за снег - ратрак, спровел постапка за јавна набавка на ратрак за потребите на ЈП „Стрежево" Битола со точно одредени технички карактеристики на потребниот ратрак како тој што го поседувало правното лице од Битола и истиот да не е постар од 1995 година, на кој оглас како најповолен економски оператор понудувач било избрано предметното правно лице од Битола, додека Љ.М.П. на конкретниот оглас доставила понуда со невистинити податоци дека ратракот кој го нуди е произведен во 1995 година, иако знаела и била свесна дека ратракот кој го поседувала е произведен 1993 година, по што бил склучен договор со наведеното правно лице на износ од 1.875.967 денари без ДДВ иако ратракот бил купен од странство за 414.492 денари, односно истиот бил набавен од ЈП "Стрежево" Битола за 4,5 пати повисока цена од набавната и за износот од 1.875.967 денари М.Г. го оштетил јавното претпријатие, а Љ.М.П. се стекнала со противправна имотна корист, појаснуваат од МВР во соопштението.

Бојмацалиев: Од земја што бараше помош од други, сега нудиме помош за справување со миграција

Од земја што бараше помош од други држави, сега нудиме помош за справување со миграција, истакна денеска дополнителниот заменик - министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во Кавадарци.

Тој со дел од раководството на МВР оствари работна посета на Регионалниот Центар за гранични работи Југ во Кавадарци, по повод одбележување на една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Македонија, заедно работење на македонската полиција, со полицијата ја Европската Унија, ФРОНТЕКС.

- Ова е значаен договор што беше постигнат, со цел да ги одбраниме и нашите граници и границите на Европската Унија, од приливот на мигранти. Тоа успешно го правиме. Овој договор има една голема историска важност. Бидејќи Министерството за внатрешни работи со тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише првиот договор со ЕУ на македонски јазик. Со тоа ги урнавме сите лажни вести дека јазикот е продаден, јазикот не е заштитен, рече Бојмацалиев.

Со тоа, подвлече, уште еднаш се покажува дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции.

- Заедно работиме и од пред некое време, веќе имаме барање и од други полиции, со цел да вршиме обуки на нивните полицајци, како се справуваме со миграцијата, додаде Бојмацалиев.

притисни ентер