Пелистер со пресврт до победа против Академија Пандев, Шкендија ремизираше со Ренова

Попладнево беа одиграни првите полуфинални натпревари на фудбалскиот Куп на Македонија.

Фудбалерите на Пелистер во Битола го совлада составот на Академија Пандев со 2:1 со пресврт. Гостите од Струмица поведоа во 31-та минута со голот на Атанасов.

Во второто полувреме се разбудија домаќините, откако прво Маневски во 61. минута го израмни резултатот, а Илијовски во 90-та минута му донесе пресврт и конечна победа на Пелистер.

Локалното тетовско дерби меѓу Шкендија и Ренова пак заврши без победник 1:1.

Ренова прва дојде до водство со голот на Стојановски во 12-тата минута, а резултатот го израмни Емини во 26-тата.

Реванш-дуелите ќе се играат на 11 април од 16 часот./МИА

Германската шефица на дипломатијата во кавга со Нетанјаху за снимките од пазарот во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се судрија за време на состанокот во Ерусалим околу хуманитарната помош за Појасот Газа, пренесоа германските медиуми.

Баербок и Нетанјаху се судрија околу тоа дали жителите на Појасот Газа имаат доволно храна на располагање. Нетанјаху ѝ покажа фотографии на Баербок, наводно од северниот дел на Газа, каде што се вели дека хуманитарната криза е најлоша, а на кои што се гледаат пазари преполни со овошје, зеленчук и други прехранбени производи.

Како одговор, Баербок на својот мобилен телефон покажа фотографии од прегладнети деца од Појасот Газа и рече дека фотографиите што ги покажал Нетанјаху не се вистинити.

Според израелската ТВ станица Канал 13, израелскиот премиер рекол: „Ние не сме нацисти“, алудирајќи на пропагандните филмови на националсоцијалистичкиот режим кои сугерираа изобилство и добри услови за живот во варшавското гето во 1942 година.

Нетанјаху рече дека фотографиите на кои се прикажани преполните пазари во Газа се од израелската државна канцеларија Когат, која е задолжена за контакти со Палестинците и хуманитарна помош. Германското Министерство за надворешни работи воздржано реагираше на медиумските написи и соопшти дека тие „не го одразуваат вистинскиот тон“ што преовладувал за време на разговорите.

Според овие информации, Баербок, која вчера престојувала во Израел за да укаже на лошата хуманитарна состојба во Појасот Газа и да се бори за поголема помош, не му замерила на Нетанјаху дека фотографиите што ги има се лажни, туку дека не одговараат на севкупна слика за состојбата на цивилите во Газа.

Митрески од Струга: Младите не смеат да бидат жртви на политичари без став и без визија

„Во Струга ги реновиравме буквално сите училишта и спортски сали и изградивме три нови сали. Го реконструиравме затворениот пливачки базен, тројно ја покачивме минималната плата. “

Ги дуплиравме странските инвестиции. Ги зголемивме пензиите за над 50%, ги покачивме платите во сите сектори. Но, тоа не е доволно. Поминавме и поминуваме сериозни економски последици од КОВИД кризата, но и од војната во Украина. Затоа ни е потребна ЕУ. За побрзо да ги донесеме европските стандарди дома“, порача Јован Митрески, носител на ИЕ 5 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија на вечерашниот собир во Струга.

Тој нагласи дека платите и пензиите ќе растат побрзо, инфраструктурно побрзо ќе се развиваме, туристичка сезона ќе има преку целата година, полесно ќе се развива езерскиот, планинскиот и руралниот туризам, само со поддршка на ЕУ.

Митрески додаде дека е лесно со шпекулаци да будиш најдлабоки чувства кај секој Македонец за мајчиниот македонски јазик, да зборуваш за македонскиот јазик како бугарски дијалект, а притоа да не гласаш за Договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ вклучувајќи ја и Бугарија.

„Лесно е само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш се за да не станеш дел од ЕУ. Лесно е, ама не е чесно на граѓаните да им ја крадеш иднината за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт. Не вреди борбата за власт ако се загрози иднината на државата. Државата мора да оди напред. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија кои освен за својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго“, нагласи Митрески и додаде дека изборот е или интеграција или изолација.

Тој ги повика стружани да се обединат и да не дозволат да се вратат оние кои ја доведоа Македонија до бездна и од неа направија заробена држава.

„Да застанеме сите обединето и сложно зад планот за европска Македонија. Да застанаме сите обединето и сложно зад бројот 1.Заедно и сложно да постигнеме уште една победа за европска Македонија“,се наведува во партиското соопштение.

Одбива да плати казна за сообраќаен прекршок, зашто била напишана на македонски јазик (ВИДЕО)

На социјалните мрежи се споделува видео на коешто се гледа како двајца македонски полицајци се обидуваат да излезат на крај со човек кој одбива да зборува македонски и постојано инсистира комуникацијата да се одвива на албански јазик, објави ТВ Стар.

„Тој не сака да ја прими казната за направен сообраќаен прекршок, затоа што таа била напишана само на македонски јазик.

Според објавите на Икс, најверојатно станува збор за активист на политичка партија,кој со својот мобилен телефон ја снима целата ситуација.

– Ти си македонски државјанин, мора да знаеш македонски јазик, не си странски државјанин – на културен начин и со смирен тон му вели еден од полицајците и му ја подава казната.

Најголем дел од корисниците на социјалните мрежи упатуваат поддршка до полицајците, кои, според нив, професионално си ја завршиле својата работа“, објави телевизијата.

притисни ентер