Фала и Клебо суверени во спринт на домашен терен

Норвешките скијачи Мајкен Касперсен Фала и Јоханес Хесфлот Клебо триумфираа во спринт на Светскиот куп што се одржува во норвешки Драмен.

Некогашната олимписка шамионка во спринт ја помина патеката од 1.214 метри со време од 3:10.18 минути оставајќи ги далеку зад себе ривалките. Втора беше Швеѓанката Стина Нилсон, која заостана една секунда и 39 стотинки, а третото место и припадна на Американката Џесика Дигинс.

Фала е на лидерската позиција и во генералниот пласман со 627 поени, а на второто место со четири бодови помалку се наоѓа Керту Нисканен од Финска.
Во машка конкуренција триумфираше Клебо со време од 2:44.69 минути, втор беше неговиот сонародник Ејрик Бандстал, а трет беше Русинот Александар Бојшунов.

Со оваа победа Клебо ја обезбеди титулата во спринт за оваа сезона и сега има недостижни 1.308 поени во генералниот пласман./MИА

Трамп за Кина: Нашите односи се нарушени, можеа да ја спречат епидемијата

Американскиот претседател Доналд Трамп денес оцени дека односите помеѓу САД  и Кина се „сериозно нарушени“, наведувајќи ја кризата со коронавирусот.

Тој рекол дека за сега не планира втора фаза од економскиот договор потпишан во јануари помеѓу двете светски сили.

Трамп повторно во изјава го обвини Пекинг за кризата со коронавирусот.

„Кина можеше да ја запре епидемијата со коронавирусот“.

Прашан за втората фаза од комерцијалниот договор потпишан после две години трговска војна тој одговорил:

„Не размислувам околу тоа за сега. Искрено, имам многу други работи за кои треба да мислам“.

Велешкиот суд му одреди притвор на Панчевски

Судот во Велес денеска му одреди притвор на поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски.

Информацијата за Канал 5 ја потврдија извори од велешкиот суд, појаснувајќи дека притворот му е одреден затоа што тој не се појавил на денешното рочиште, а не бил присутен ниту неговиот бранител.

Пред една година скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог против Панчевски за злоупотреба на службената положба во врска со АКМИС-от, системот за управување со судските предмети во кривичниот суд. Предметот се суди во Велес за да се избегне евентуална пристрасност во Скопје поради тоа што Панчевски беше претседател на кривичниот суд.

Зибери: Идејата за првиот премиер Албанец претставува моќен симбол за еднаквост

Кандидатот за премиер од редовите на ДУИ, Насер Зибери, денеска со караванот „Оствари го сонот" ги посети Теарце, Порој, Челопек, Жеровјане, Камењане, Голема Речица и Мала Речица.

Зибери разговараше со граѓаните од овој регион за предизвиците со кои се соочуваат, презентирајќи ги своите планови, заложби и идеи за иднината на овој регион, а исто така граѓаните имаа можност да добијат и одговори на прашањата кои ги засегаат во секојдневниот живот.

На средбите Зибери со соговорниците дискутираше и за неговите заложби за првите 100 дена од неговиот мандат, за важноста на ова патување, откривајќи ја идејата за првиот премиер Албанец, што претставува моќен симбол за еднаквост, мултиетничка припадност и современа демократија, а исто така е и идеја за подобар живот за сите.

Зибери од жителите на овој регион побара поддршка за оваа идеја не само од албанските граѓани, туку и од Македонците и другите етнички заедници./МИА

притисни ентер