Лазаров го најави четвртиот ракометен камп

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров и оваа година ќе одвои време негово знаење кое го стекнал во својата пребогата спортска кариера да го пренесе на младите за време на кампот „Кирил Лазаров 7“.

- Изминатите години поставивме високи стандарди во организација на самиот камп од секој аспект и ќе биде многу тешко во иднина да ги следиме и дополнително да ги надградиме. Ќе се обидеме оваа година да бидеме поиновативни, покреативни, поквалитетни, како во спортскиот така и во делот за едукативните предавања и организацијата на слободното време, вели Лазаров.

Изминатите три години на кампот на најдобриот стрелец во историјата на ракометот поминаа повеќе од 700 учесници, голем дел од Македонија но и кампери од Босна, Данска, Шведска, Романија, Србија, Словенија, Црна Гора, Хрватска, Шпанија и Франција.

- Радува фактот на исклучително големата заинтересираност за овој настан годинава и тоа не прави да се чувствуваме горди, но од друга страна и многу поодговорно да пристапиме на организацијата на кампот кој и оваа година ќе се одржи во прекрасниот Охрид.  Да бидам искрен, со нетрпение го очекувам јуни и нашето ново другарување, седум дена каде што ќе тренираме и учиме ракомет, каде ќе бидеме позитивни, поставуваме нови цели, ќе се едуцираме што значи здрава и правилна исхрана, развиваме тимски дух и дисциплина, како предуслов за успех во спортот и во животот, нагласува капитенот на македонската репрезентација.

Кампот и оваа година ќе се одржи во Охрид, во спортскиот комплекс на хотелот „Аквалина“, во две смени стартувајќи од 2 јуни до 2 јули. 

Фото: Европскиот шампион Вардар пристигна во Келн

Ракометарите на Вардар денеска пристигнаа во Келн каде викендов ќе ги играат натпреварите на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

Вардарци кои ќе ја бранат титулата се првиот тим што пристигна во германскиот град. Доаѓањето на другите три полуфиналисти, сите се од Франција, е најавено за попладне.

За денеска планиран е и првиот тренинг, пред саботниот полуфинален меч со Монпеље.

Македонскиот шампион се надева дека ќе биде првиот тим што ќе го одбрани шампионскиот трофеј во ЛШ.

Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер.

Фудбалскиот стручњак потпиша тригодишен договор вреден 6,5 милиони евра по сезона.

Претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис пред неколку часа соопшти дека ја прекинале соработката со тренерот Маурицио Сари.

Анчелоти претходно беше тренер на Парма, Милан, Јувентус, Челзи, Реал Мадрид, ПСЖ и последно во Баерн Минхен. За него ова ќе биде прво враќање во Серија А по девет години.

Наполи заврши на второто место во Серија А  и следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите./МИА

Леконт: Ѓоковиќ веднаш требаше да го оперира лактот

Поранешниот француски тенисер Анри Леконт изјави дека проблемот на Новак Ѓоковиќ е од ментална природа и се забележува дека не ужива на теренот. 

Според Леконт, најдобриот српски тенисер донел лоша одлука кога станува збор за неговото лечење и веднаш требало да замине на операција на лактот.

- Проблемот на Ѓоковиќ е од ментална природа. Мора да бидете решителни и да уживате во процесот на враќање. Се сомневам дека тој ужива на теренот, а треба да верува и да си докаже на себеси дека тоа е можно. Тој е одличен играч и мора повторно да освојува големи натпревари, но факт е дека не се врати на вистинскиот начин, потенцира поранешниот француски тенисер.

Според него за Ѓоковиќ не би било добро повторно да соработува со Борис Бекер.

- Најголемата грешка на Ѓоковиќ беше тоа што премногу долго ја одложуваше операцијата  на лактот, истакна Леконт.

Ѓоковиќ по тешкиот старт во 2018 година и по разочарувачките резултати, конечно на турнирот во Рим почна да игра на повисоко ниво, но се уште далеку од неговите најдобри периоди./МИА

притисни ентер