Рекордна посетеност на Австралија опен

Прес службата на Австралија опен се пофали дека годинешното издание на турнирот беше посетено од рекордни 743.667 лица.
Претходно рекордот по посетеност на Грен слемот во Мелбурн изнесуваше 728.763 гледачи постигнат во 2017 година.

Најголемата публика во еден ден беше регистрирана на 20 јануари, саботата - 87.000 за дневните и вечерни мечеви.

- Музиката, храната, забавата за деца под 14 години кои само за пет долари можат да престојуваат 12 часа во Зоната за забава, придонесоа се повеќе гледачи да дојдат и да следат тенис на Австралија опен, информира директор на турнирот Крег Тајлан.

Приходот на Австралија опен се  зголеми од 205 милиони долари во 2015 до 259 милиони во 2017, но Наградниот фонд е најнизок од сите четири Грен слема - 44 милиони долари, колку што е и на „Ролан Гарос“, но оваа година организаторот во Париз ќе го зголеми./МИА

Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер.

Фудбалскиот стручњак потпиша тригодишен договор вреден 6,5 милиони евра по сезона.

Претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис пред неколку часа соопшти дека ја прекинале соработката со тренерот Маурицио Сари.

Анчелоти претходно беше тренер на Парма, Милан, Јувентус, Челзи, Реал Мадрид, ПСЖ и последно во Баерн Минхен. За него ова ќе биде прво враќање во Серија А по девет години.

Наполи заврши на второто место во Серија А  и следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите./МИА

Леконт: Ѓоковиќ веднаш требаше да го оперира лактот

Поранешниот француски тенисер Анри Леконт изјави дека проблемот на Новак Ѓоковиќ е од ментална природа и се забележува дека не ужива на теренот. 

Според Леконт, најдобриот српски тенисер донел лоша одлука кога станува збор за неговото лечење и веднаш требало да замине на операција на лактот.

- Проблемот на Ѓоковиќ е од ментална природа. Мора да бидете решителни и да уживате во процесот на враќање. Се сомневам дека тој ужива на теренот, а треба да верува и да си докаже на себеси дека тоа е можно. Тој е одличен играч и мора повторно да освојува големи натпревари, но факт е дека не се врати на вистинскиот начин, потенцира поранешниот француски тенисер.

Според него за Ѓоковиќ не би било добро повторно да соработува со Борис Бекер.

- Најголемата грешка на Ѓоковиќ беше тоа што премногу долго ја одложуваше операцијата  на лактот, истакна Леконт.

Ѓоковиќ по тешкиот старт во 2018 година и по разочарувачките резултати, конечно на турнирот во Рим почна да игра на повисоко ниво, но се уште далеку од неговите најдобри периоди./МИА

Наполи го отпушти тренерот Маурицио Сари

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го отпушти тренерот Маурицио Сари.

- Му благодариме на Маурицио Сари на драгоцената посветеност во Наполи, кој на овој град и навивачите ширум светот им донесе убави емоции и престиж, создавајќи стил на игра на кој му се воодушевуваа сите, напиша претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис.

Фудбалскиот стручњак ќе добие обесштетување од половина милион евра, бидејќи Наполи му врачи отказ пред први јуни.

Сари е прв кандидат да го наследи Антонио Конте во Челзи, а на неговото место во Наполи треба да дојде Карло Анчелоти. Се очекува Анчелоти наскоро и официјално да биде претставен како нов тренер на Наполи./МИА

притисни ентер