Свирежи за Реал, Зидан задоволен од пласманот

Фудбалерите на Реал Мадрид со свирежи од публиката беа испратени во соблекувалната по завршувањето на синоќешниот дуел со второлигашот Нумансија (2:2).

Реал кој е актуелен европски и шпански шампион, обезбеди пласман во четвртфиналето на Кралскиот куп, благодарение на победата (3:0) на првиот дуел, а навивачите не можеа да се помират со фактот дека нивниот миленик не извојува победа над второлигаш и тоа на свој терен.

Сепак, тренерот Зинедин Зидан, по натпреварот изјави дека најважно е што Реал оди во следната фаза и е среќен поради тоа.

- Не победивме, ама одиме понатаму и среќен сум за тоа, исто така и играчите. Само треба да продолжиме да работиме. Потребни ни се две-три победи во серија за да ја вратиме самодовербата. Верувам во себе и во целиот стручен штаб, рече Зидан.

Следниот натпревар Реал Мадрид го игра в сабота, повторно на домашен терен во Ла Лига против Виљареал. 

СП 2018: Се запали авионот на Саудиска Арабија

Авион во кој се наоѓаше експедицијата на фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија се запали на нивното патување кон Ростов.

Пламен се појави на едно крило, но за среќа авионот слета безбедно во Ростов и трагедијата беше избегната. Огнот беше предизвикан од технички проблем со моторот на рускиот Ербас.

Од раководството на Фудбалскиот сојуз на Саудиска Арабија потврдија дека никој не е повреден и дека фудбалерите и стручниот штаб се безбедни.

- Фудбалската федерација на Саудиска Арабија сака да ве увери дека членовите на репрезентацијата се апсолутно безбедни по малиот дефект на моторот на авионот, се вели во соопштението.  /МИА

СП 2018: Кејн во финишот и донесе победа на Англија против Тунис

 Англија со гол во судиското надополнување го совлада Тунис со 2:1 во вториот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Англичаните во првиот дел ја оправдаа фаворитската улога и доминираа на теренот, при тоа имаа неколку сериозни шанси за погодок.

Англија со голот на Хари Кејн во 18-та минута поведе со 1:0. Меѓутоа, Тунис иако потешко доаѓаше до контрола на топката успеа во 35 минута со гол од пенал, кој успешно го реализираше Ферјани Саси, да израмни на 1:1.

Англиската репрезентација и во вториот дел продолжи со притисокот врз голот на Тунис, но изостануваше реализација се до 91-та минута кога Кејн повторно беше прецизен и донесе победа од 2:1.

Во првиот натпревар од оваа група Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0. 

СП 2018: Белгија убедливо ја совлада Панама

Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0 во првиот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Белгиската репрезентација доминираше на теренот во текот на целиот натпревар и без поголеми проблеми дојде до победа.

Првиот гол во 47 минута го постигна Дрис Мертенс, а потоа Ромелу Лукаку прво во 68 минута зголеми на 2:0, а седум минути подоцна беше прецизен за конечни 3:0.

Во вториот натпревар од оваа група во Волгоград ќе се соочат Англија и Тунис. /МИА

притисни ентер