Зидан најдобар француски тренер за 2017 година

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан е прогласен за најдобар француски стратег за изминатата 2017 година, во изборот што го направи реномираниот „Франс Фудбал“.
Зидан минатата година оствари значајни резултати со Реал Мадрид, а годината ја заврши со пет освоени трофеи.
Французинот ги предводеше „Кралевите“ до шампионската титула во Шпанија, а веднаш потоа и до европска круна, односно триумфираше во Лигата на шампионите.
Новата сезона Зидан и Реал ја започнаа со триумф во Суперкупот на УЕФА одигран во Скопје, а потоа го освоија и Суперкупот на Шпанија. Годината Реал со францускиот стратег ја круниса со триумфот на Светското клупско првенство.
- Среќен сум поради наградата. Ова е круна за досегашната работа која ја направивме, не само јас туку и сите во клубот. Се надевам дека ќе се вратиме брзо на победничките патеки, изјави Зидан.
Во последно време неговиот тим игра под очекувањата, а резултат на таквата игра е заостатокот од дури 16 бодови зад лидерот Барселона во трката за титулата во Ла Лига.
Инаку за Зидан ова признание е втора индивидуална награда за изминатата 2017 година, откако Французинот беше прогласен и за најдобар тренер во изборот на ФИФА./MИА

СП 2018: Се запали авионот на Саудиска Арабија

Авион во кој се наоѓаше експедицијата на фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија се запали на нивното патување кон Ростов.

Пламен се појави на едно крило, но за среќа авионот слета безбедно во Ростов и трагедијата беше избегната. Огнот беше предизвикан од технички проблем со моторот на рускиот Ербас.

Од раководството на Фудбалскиот сојуз на Саудиска Арабија потврдија дека никој не е повреден и дека фудбалерите и стручниот штаб се безбедни.

- Фудбалската федерација на Саудиска Арабија сака да ве увери дека членовите на репрезентацијата се апсолутно безбедни по малиот дефект на моторот на авионот, се вели во соопштението.  /МИА

СП 2018: Кејн во финишот и донесе победа на Англија против Тунис

 Англија со гол во судиското надополнување го совлада Тунис со 2:1 во вториот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Англичаните во првиот дел ја оправдаа фаворитската улога и доминираа на теренот, при тоа имаа неколку сериозни шанси за погодок.

Англија со голот на Хари Кејн во 18-та минута поведе со 1:0. Меѓутоа, Тунис иако потешко доаѓаше до контрола на топката успеа во 35 минута со гол од пенал, кој успешно го реализираше Ферјани Саси, да израмни на 1:1.

Англиската репрезентација и во вториот дел продолжи со притисокот врз голот на Тунис, но изостануваше реализација се до 91-та минута кога Кејн повторно беше прецизен и донесе победа од 2:1.

Во првиот натпревар од оваа група Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0. 

СП 2018: Белгија убедливо ја совлада Панама

Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0 во првиот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Белгиската репрезентација доминираше на теренот во текот на целиот натпревар и без поголеми проблеми дојде до победа.

Првиот гол во 47 минута го постигна Дрис Мертенс, а потоа Ромелу Лукаку прво во 68 минута зголеми на 2:0, а седум минути подоцна беше прецизен за конечни 3:0.

Во вториот натпревар од оваа група во Волгоград ќе се соочат Англија и Тунис. /МИА

притисни ентер