Многу кандидати за наследик на Тодоров на клупата на МЗТ Скопје Аеродром

По вчерашниот пораз на шампионот МЗТ Скопје Аеродром од „лутиот“ градски ривал Работнички, тренерот на аеродромци Александар Тодоров најави повлекување од функцијата.
По поразот Тодоров меѓу другото изјави дека ја презема одговорноста за овој пораз.

- Утре ќе се знае повеќе околу тоа дали и понатаму ќе останам во МЗТ Скопје, за тоа не решавам сам туку има и други луѓе со кои треба да седнам и да се договориме што и како понатаму. Имав многу повеќе шанси од некои други тренери во клубот, но ги истрошивме сите кредити, рече Тодоров.

За судбината на Тодоров попладнево треба да решава Управниот одбор на клубот, но веќе во кошаркарските кругови почна да се лицитира со имињата на можните наследници на Тодоров на клупата на МЗТ Скопје.

Во комбинација се неколку странци, но и двајца Македонци. Откао актуелниот селектор на Макеоднија, Јорданчо Давитков денеска потврди дека ја прекинува соработката со тимот на Банијас од Абу Даби, тој веќе се споменува за прв „пик“’ на аеродромци. За можен наследник се споменува и името на Саша Димитријевиќ, кој долги години е надвор од сениорската конкуренција, поради неговиот ангажман во школата на „Јуниор“ која престана со работа летово.

Од странските имиња, одново во игра е Алеш Пипан кој веќе имаше две „авантури“ со МЗТ Скопје, како и хрватскиот стручњак Дамир Мулаомеровиќ, кој во минатата сезона ја предводеше загрепска Цибона.

Во комбинација е и поранешниот македонски селектор Јовица Арсиќ, кој ги предводеше црвено-жолтите на Евробаскетот во Полска 2009 година, како и неговиот сонародник Србинот, Жељко Лукајиќ.

Во „Јане Сандански“ време за размислување многу немаат, бидејќи веќе во недела аеродромци ги очекува важен меч во АБА лигата против Морнар, па затоа раководтвото на клубот ќе мора бргу да реши кој и дали ќе го замени Тодоров на кормилото на МЗТ Скопје. /МИА

Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер.

Фудбалскиот стручњак потпиша тригодишен договор вреден 6,5 милиони евра по сезона.

Претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис пред неколку часа соопшти дека ја прекинале соработката со тренерот Маурицио Сари.

Анчелоти претходно беше тренер на Парма, Милан, Јувентус, Челзи, Реал Мадрид, ПСЖ и последно во Баерн Минхен. За него ова ќе биде прво враќање во Серија А по девет години.

Наполи заврши на второто место во Серија А  и следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите./МИА

Леконт: Ѓоковиќ веднаш требаше да го оперира лактот

Поранешниот француски тенисер Анри Леконт изјави дека проблемот на Новак Ѓоковиќ е од ментална природа и се забележува дека не ужива на теренот. 

Според Леконт, најдобриот српски тенисер донел лоша одлука кога станува збор за неговото лечење и веднаш требало да замине на операција на лактот.

- Проблемот на Ѓоковиќ е од ментална природа. Мора да бидете решителни и да уживате во процесот на враќање. Се сомневам дека тој ужива на теренот, а треба да верува и да си докаже на себеси дека тоа е можно. Тој е одличен играч и мора повторно да освојува големи натпревари, но факт е дека не се врати на вистинскиот начин, потенцира поранешниот француски тенисер.

Според него за Ѓоковиќ не би било добро повторно да соработува со Борис Бекер.

- Најголемата грешка на Ѓоковиќ беше тоа што премногу долго ја одложуваше операцијата  на лактот, истакна Леконт.

Ѓоковиќ по тешкиот старт во 2018 година и по разочарувачките резултати, конечно на турнирот во Рим почна да игра на повисоко ниво, но се уште далеку од неговите најдобри периоди./МИА

Наполи го отпушти тренерот Маурицио Сари

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го отпушти тренерот Маурицио Сари.

- Му благодариме на Маурицио Сари на драгоцената посветеност во Наполи, кој на овој град и навивачите ширум светот им донесе убави емоции и престиж, создавајќи стил на игра на кој му се воодушевуваа сите, напиша претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис.

Фудбалскиот стручњак ќе добие обесштетување од половина милион евра, бидејќи Наполи му врачи отказ пред први јуни.

Сари е прв кандидат да го наследи Антонио Конте во Челзи, а на неговото место во Наполи треба да дојде Карло Анчелоти. Се очекува Анчелоти наскоро и официјално да биде претставен како нов тренер на Наполи./МИА

притисни ентер