Блатер и Мурињо најомразени личности во фудбалот

Поранешниот претседател на ФИФА Сеп Блатер и португалскиот тренер Жозе Мурињо ја предводат листата од 50 најомразени луѓе во светот на фудбалот по избор на магазинот „Four Four Two“.
Меѓу првите десет се германскиот голман Тони Шумахер (Харалд Антон Шумахер), поранешниот претседател на УЕФА Мишел Платини, спортскиот новинар Ричард Кејс, Кристијано Роналдо, поранешниот спортски директор на Јувентус Лучијано Моџи, сенегалскиот фудбалер Ел Хаџи Диуф, сопственикот на МК Донс Пит Винкелман и поранешниот капитен на Англија Џон Тери.

Секоја номинација има и кусо хумористично објаснување. За Блатер напишале: Пред четири години на студенти на Оксфорд им рекол – Знам дека сите мислите оти ФИФА е бездушна машинерија која печати пари на сметка на фудбалот и дека секој ден насмеан одам кога ја гледам својата сметка во банка. Не, целосно сте погрешиле.

Мурињо го опишале како „човек кој живее од кавги и живее со максимата – не сум задоволен кога победувам, среќен сум кога другите губат.
Шумахер, кој на СП 1982 година „крвнички“ го удри Патрик Батистон, го оквалификувале како човек кој во анкетата во париски весник победил пред Хитлер. Откако несреќниот Батистон останал по тој старт без неколку заби, Шумахер изјавил: Ако е тоа се, јас ќе му ги платам пломбите.

За Роналдо пишува - Целата кариера води две битки – едната против Меси и другата со перцепцијата на јавноста за себе. „Роналдо е толку нарцисоиден, вљубен во себе и веројатно е ужасно незадоволен кога на стадионот на кој игра нема голем екран. Се памети неговата прослава на победата на Реал во Лигата на шампиони, за која нималку не беше заслужен или кога насред славјето при португалското освојување на европското првенство запре, бидејќи се виде себе си на големиот екран“, напишано е во образложението.

Меѓу останатите 40 се и Бернар Тапи, Марадона, Луис Суарез, Диего Коста, Ешли Кол, Роман Абрамович, Силвио Берлускони, Пепе, Серхио Рамос.МИА

Фото: Европскиот шампион Вардар пристигна во Келн

Ракометарите на Вардар денеска пристигнаа во Келн каде викендов ќе ги играат натпреварите на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

Вардарци кои ќе ја бранат титулата се првиот тим што пристигна во германскиот град. Доаѓањето на другите три полуфиналисти, сите се од Франција, е најавено за попладне.

За денеска планиран е и првиот тренинг, пред саботниот полуфинален меч со Монпеље.

Македонскиот шампион се надева дека ќе биде првиот тим што ќе го одбрани шампионскиот трофеј во ЛШ.

Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер.

Фудбалскиот стручњак потпиша тригодишен договор вреден 6,5 милиони евра по сезона.

Претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис пред неколку часа соопшти дека ја прекинале соработката со тренерот Маурицио Сари.

Анчелоти претходно беше тренер на Парма, Милан, Јувентус, Челзи, Реал Мадрид, ПСЖ и последно во Баерн Минхен. За него ова ќе биде прво враќање во Серија А по девет години.

Наполи заврши на второто место во Серија А  и следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите./МИА

Леконт: Ѓоковиќ веднаш требаше да го оперира лактот

Поранешниот француски тенисер Анри Леконт изјави дека проблемот на Новак Ѓоковиќ е од ментална природа и се забележува дека не ужива на теренот. 

Според Леконт, најдобриот српски тенисер донел лоша одлука кога станува збор за неговото лечење и веднаш требало да замине на операција на лактот.

- Проблемот на Ѓоковиќ е од ментална природа. Мора да бидете решителни и да уживате во процесот на враќање. Се сомневам дека тој ужива на теренот, а треба да верува и да си докаже на себеси дека тоа е можно. Тој е одличен играч и мора повторно да освојува големи натпревари, но факт е дека не се врати на вистинскиот начин, потенцира поранешниот француски тенисер.

Според него за Ѓоковиќ не би било добро повторно да соработува со Борис Бекер.

- Најголемата грешка на Ѓоковиќ беше тоа што премногу долго ја одложуваше операцијата  на лактот, истакна Леконт.

Ѓоковиќ по тешкиот старт во 2018 година и по разочарувачките резултати, конечно на турнирот во Рим почна да игра на повисоко ниво, но се уште далеку од неговите најдобри периоди./МИА

притисни ентер