Станиќ: Уште нема ништо конкретно со Вардар

Српскиот ракометен голман Дарко Станиќ потврди дека имал разговори со првиот човек на Вардар, Сергеј Самсоненко, но дека засега нема ништо конкретно околу неговиот ангажман во редовите на европскиот и македонски шампион.
Дарко Станиќ беше виден неколкупати во Скопје, а тој вели дека секогаш со задоволство го посетува главниот град на Македонија.

- Во последните два месеци бев во Скопје петпати, но сето тоа беше од приватни причини. Се видов и со Сергеј Самсоненко. Разговаравме на многу теми и на приватен и на професионален план. Падна разговор и на тема Вардар. И тој и јас имаме многу идеи што и како би требало да биде. Меѓутоа сето тоа беше само разговор. Немам ништо потпишано, вели Станиќ во интервјуто за „24 ракомет“.

Станиќ во моментов е без ангажман, откако ракометот во Катар влезе во проблеми.

- Проблемите во коишто е Катар и спортот во оваа земја придонесоа да ја завршам соработката со Ел Џаиш. При крај сум со кариерата и не сакам на сила да одам некаде. Професионалниот живот со ракометот остава простор од едвај еден месец во годината, па сега малку се посветив на ова. Тоа не значи дека доколку се појави добра понуда нема да можам за неколку дена да влезам во тренажен процес, вели српскиот голман, кој како член на Металург ги собра симпатиите на македонските навивачи.

Откако беше потврдено дека Арпад Штербик по завршувањето на тековната сезона ќе замине од Вардар, се почести се шпекулациите за враќање на Станиќ во Македонија и тоа во редовите на Вардар. 

Бабунски: Со верба во себе можеме да бидеме успешни со Пјуник

Тренерот на Вардар, Бобан Бабунски ги искажа своите први импресии после вчерашната ждрепка во УЕФА која го додели Пјуник за противник на „црвено-црните“ во првото квалификациско коло од Лигата на Европа.

- Нема слаби противници, знаејќи го квалитетот на ерменските интернационалци Хамбарџумјан и на Барсегјан кои беа и се главни играчи во Вардар, нашиот противник сигурно ќе го има нашиот респект. Треба да ја гледаме нашата игра и идеја која ја спроведуваме на овие подготовки, и потоа да ја играме на двата натпревари. Од играчите ќе барам да бидат максимално подготвени, и да веруваат во своите квалитети како би ја минале првата пречка во Европа, вели Бабунски во изјавата за клупскиот сајт на „црвено-црните“.

Вардар на првиот дуел ќе гостува во Ерменија на 12 јули во Ереван, седум дена подоцна е реваншот во Скопје.

Емре Џан на медицински тестови во Торино пред потпишување на договор со Јувентус

Италијанскиот фудбалски шампион Јувентус објави на Твитер дека играчот од средниот ред Емре Џан допатувал во Торино.

Се очекува за многу скоро време 24-годишниот германски фудбалер да потпише договор со „Старата дама“.

Последниот клуб на Џан беше Ливерпул. Тој за „црвените“ играше во периодот 2014-2018 година. Од почетокот на овој месец го напушти „Енфилд“ како слободен агент. 

Здружението на кошаркари дава поддршка на предлогот за намалувањето на бројот на странски играчи

Здружение на кошаркарски играчи изразува целосна поддршка на финалниот предлог на Македонската кошаркарска федерација во однос на намалувањето на бројот на странски играчи.

МКФ предложи намалување на странците од шест на четири со задолжителен настап на тројца Македонци во игра за следната сезона во Македонската кошаркарска прва лига.

- Сметаме дека раководството на Федерацијата презема еден важен чекор за подобрување на статусот на домашните кошаркари, како и на македонската кошарката во целост. Сакаме да го поздравиме ваквиот потег, но и да потсетиме дека остануваат и други чекори кои според нас се неопходни за подигнување на квалитетот на сениорските лиги и подобрување на условите за тренинг и натпревари. Ваквите промени, се надеваме дека ќе ги поттикне Прволигашите да почнат посериозно да инвестираат во младите играчи, и ќе превземаат низа мерки како би го олесниле процесот на нивно усовршување и спортски напредок, се вели во соопштението на Здружението на македонски кошаркари. 

притисни ентер