Металург во улога на фаворит против Чеховски Медведи

Ракометарите на Металург попладнево, пред својата публика, ќе го одиграат шестиот натпревар во Лигата на шампионите.

Во рамки од 6.коло на Д групата, Металург во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го пречека составот на Чеховски Медведи.
Откако во претходното коло Металург го совлада истиот противник и тоа на гостувањето во Русија убедливо со 32-26, избраниците на Александар Јовиќ сега важат за фаворит во мечот со Чеховски Медведи.
- Во сите досега одиграни натпревари бевме, условно кажано, аутсајдери и се обидувавме со мотивирачки прес-конференции да ги разбудиме нашите играчи. Велевме дека од мачиња треба да станат лавови, дека нема што да се изгуби и дека со бробена и трпелива игра во нападот можеме да направиме добар резултат. Сега, на овој натпревар, Металург за прв пат е фаворит и од тоа нема бегање. Изминатиот период добро работевме и подготвени ќе го дочекаме овој натпревар за да ја забележиме втората победа на домашен терен. Филип Кузмановски се враќа во тимот и тој момент го разговаравме со сите во клубот за да бидат подготвени да му ја дадат потребната поддршка, истакна Јовиќ.
Металург на последните три меча во ЛШ оствари две победи и еднаш одигра нерешено, додека руската екипа е единствената која досега нема освоено ниту еден бод, односно ги загуби сите пет натпревари.
Дуелот Металург – Чеховски Медведи ќе се започне во терминот од 17 часот.
Вчера во рамките од оваа група, победи пред својата публика остварија Мотор Запорожје над Бешикташ со 28-22 и Нант кој минимално со 33-32 го победи Спортинг.
На табелата лидер е францускиот Монпеље со 12 бодови, пред Мотор Запорожје кој има 8, а Бешикташ и Металург по 5 бода, додека на последните две позиции се Спортинг со 4 и Чеховски Медведи без бодови (0).
Потсетување дека вчера европскиот првак Вардар славеше победа на гостувањето во Шведска кај Кристијанштад со 26-23./MИА

Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. 

Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.

„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски, соопштуваат од неговиот тим.

Портокалова велосипедска тура, изложба на карикатури и холандски пазар на Деновите на Холандија

По повод националниот ден на Холандија – Денот на Кралот, Амбасадата заедно со своите партнери го отвори второто издание на „Денови на Холандија“ во Ист Гејт Мол во Скопје. 

Амбасадорот Дирк Јан Коп и извршниот директор на Ист Гејт Мол Игор Давков ги пречекаа посетителите со посебно искуство кое вклучуваше портокалова велосипедска тура, изложба на декорирани велосипеди, филмови во виртуелна реалност и холандски пазар.

Настанот започна со симболична портокалова велосипедска тура и изложба на велосипеди декорирани од средношколци од Скопје во организација на Гоу грин – Биди зелен. Покрај автентичните холандски производи во понудата на холандскиот пазар беа вклучени и локални продукти произведени со холандска технологија.

Во рамките на отворањето амбасадорот Коп ги објави и победниците на регионалниот натпревар за карикатури организиран од холандското Министерство за надворешни работи и организацијата Картун мувмент. Независно жири составено од претставници од сите шест држави од Западен Балкан ја додели првата награда на Душан Перишиќ од Србија а втората награда на Арменд Ајредини од Македонија.

Холандскиот пазар ќе биде отворен овој викенд (19-21 април) од 12:00 до 18:00 часот. Изложбата на карикатури може да се посети до крајот на април.

Германската шефица на дипломатијата во кавга со Нетанјаху за снимките од пазарот во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се судрија за време на состанокот во Ерусалим околу хуманитарната помош за Појасот Газа, пренесоа германските медиуми.

Баербок и Нетанјаху се судрија околу тоа дали жителите на Појасот Газа имаат доволно храна на располагање. Нетанјаху ѝ покажа фотографии на Баербок, наводно од северниот дел на Газа, каде што се вели дека хуманитарната криза е најлоша, а на кои што се гледаат пазари преполни со овошје, зеленчук и други прехранбени производи.

Како одговор, Баербок на својот мобилен телефон покажа фотографии од прегладнети деца од Појасот Газа и рече дека фотографиите што ги покажал Нетанјаху не се вистинити.

Според израелската ТВ станица Канал 13, израелскиот премиер рекол: „Ние не сме нацисти“, алудирајќи на пропагандните филмови на националсоцијалистичкиот режим кои сугерираа изобилство и добри услови за живот во варшавското гето во 1942 година.

Нетанјаху рече дека фотографиите на кои се прикажани преполните пазари во Газа се од израелската државна канцеларија Когат, која е задолжена за контакти со Палестинците и хуманитарна помош. Германското Министерство за надворешни работи воздржано реагираше на медиумските написи и соопшти дека тие „не го одразуваат вистинскиот тон“ што преовладувал за време на разговорите.

Според овие информации, Баербок, која вчера престојувала во Израел за да укаже на лошата хуманитарна состојба во Појасот Газа и да се бори за поголема помош, не му замерила на Нетанјаху дека фотографиите што ги има се лажни, туку дека не одговараат на севкупна слика за состојбата на цивилите во Газа.

притисни ентер