Остануваат уште две слободни места за Втората АБА лига

Покрај регионалната кошаркарска АБА лига, екипите од Балканот во новата сезона ќе се натпреваруваат и во Втората АБА лига. која ќе брои 12 учесници.
Во второто по квалитет кошаркарско натпреварување во регионот познати се 10 партиципиенти, меѓу нив е и екипата на АВ Охрид од Македонија. Покрај АВ Охрид учесници во Втора АБА лига се: Борац Чачак, Динамик, Босна Ројал, Крка, Ловќен 1947 Цетиње, Рогашка, Сплит, Теодо Тиват и Зрињски Мостар.

Уште двајца учесници ќе бидат познати по квалификациите, кои ќе се одржат во Лакташи од 27 до 29 септември. На турнирот ќе се натпреваруваат Сутјеска, Приморска, Вршац и еден квалификант од Босна и Херцеговина кој ќе биде познат на 17 септември.

На претквалификацискиот турнир во БиХ од 15 до 17 септември ќе играат: Слобода од Тузла, Младост Мркоњиќ Град и Широки Бријег. /МИА

Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го претстави Карло Анчелоти за нов тренер.

Фудбалскиот стручњак потпиша тригодишен договор вреден 6,5 милиони евра по сезона.

Претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис пред неколку часа соопшти дека ја прекинале соработката со тренерот Маурицио Сари.

Анчелоти претходно беше тренер на Парма, Милан, Јувентус, Челзи, Реал Мадрид, ПСЖ и последно во Баерн Минхен. За него ова ќе биде прво враќање во Серија А по девет години.

Наполи заврши на второто место во Серија А  и следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите./МИА

Леконт: Ѓоковиќ веднаш требаше да го оперира лактот

Поранешниот француски тенисер Анри Леконт изјави дека проблемот на Новак Ѓоковиќ е од ментална природа и се забележува дека не ужива на теренот. 

Според Леконт, најдобриот српски тенисер донел лоша одлука кога станува збор за неговото лечење и веднаш требало да замине на операција на лактот.

- Проблемот на Ѓоковиќ е од ментална природа. Мора да бидете решителни и да уживате во процесот на враќање. Се сомневам дека тој ужива на теренот, а треба да верува и да си докаже на себеси дека тоа е можно. Тој е одличен играч и мора повторно да освојува големи натпревари, но факт е дека не се врати на вистинскиот начин, потенцира поранешниот француски тенисер.

Според него за Ѓоковиќ не би било добро повторно да соработува со Борис Бекер.

- Најголемата грешка на Ѓоковиќ беше тоа што премногу долго ја одложуваше операцијата  на лактот, истакна Леконт.

Ѓоковиќ по тешкиот старт во 2018 година и по разочарувачките резултати, конечно на турнирот во Рим почна да игра на повисоко ниво, но се уште далеку од неговите најдобри периоди./МИА

Наполи го отпушти тренерот Маурицио Сари

Италијанскиот фудбалски клуб Наполи го отпушти тренерот Маурицио Сари.

- Му благодариме на Маурицио Сари на драгоцената посветеност во Наполи, кој на овој град и навивачите ширум светот им донесе убави емоции и престиж, создавајќи стил на игра на кој му се воодушевуваа сите, напиша претседателот на клубот Аурелио де Лаурентис.

Фудбалскиот стручњак ќе добие обесштетување од половина милион евра, бидејќи Наполи му врачи отказ пред први јуни.

Сари е прв кандидат да го наследи Антонио Конте во Челзи, а на неговото место во Наполи треба да дојде Карло Анчелоти. Се очекува Анчелоти наскоро и официјално да биде претставен како нов тренер на Наполи./МИА

притисни ентер