Македонија, Словенија и Црна Гора со заедничка кандидатура за организација на ЕП 2022 за ракометарки

По истекот на рокот за доставување на писма со интерес на 1 септември, Европската Ракометна Федерација (ЕХФ) ги објави сите пристигнати кандидатури за Европските првенства во сениорска конкуренција во 2022 и 2024 година.

Македонија испрати заедничка кандидатура со Словенија и Црна Гора за организација на Европското првенство во женска сениорска конкуренција во 2022 година, што ќе се игра во периодот од 4 до 20 ноември 2022 година.

Кандидатурата на Македонија, Словенија и Црна Гора е единствена за Првенството во 2022 година.
Во наредниот период ќе следуваат неколку фази за спроведување на кандидатурата, кои меѓу другото, содржат инспекција на одговорните лица од ЕХФ и евалуација на кандидатурата.

Конечната одлука за доделување на организацијата на Првенството ќе биде донесена на ЕХФ конгресот во Глазгов, Шкотска на 18 и 19 јуни 2018 година. 

Паоло Скарони именуван за нов претседател на Милан

Aмериканскиот инвестициски фонд „Елиот менаџмент“, кој неодамна ја презеде контролата над италијанскиот фудбалски клуб Милан, го отстрани од функцијата кинескиот бизнисмен Јонгхонг Ли и го постави Паоло Скарони за нов привремен претседател на клубот

Отказ доби и досегашниот извршен директор на клубот Марко Фасоне, но се уште не е познато кој ќе ја преземе оваа функција.

Воедно беа разрешени и членовите на управата, а на нивно место инвестицискиот фонд именуваше нови.

Новиот претседател Скарони најави промени во клубот, а во прилог на новото раководство оди и одлуката на УЕФА да ја прекине забраната за Милан да учество во европските натпревари. 

Чепкоеч постави нов светски рекорд на 3.000 метри со пречки во Монако

Кениската атлетичарка Беатрис Чепкоеч постави нов светски рекорд на 3.000 метри со пречки на митингот од Дијамантската лига во Монако.

Чепкоеч победи со време од 8:59.36 минути и за осум секунди го подбри претходниот рекорд на Рут Џебет од Бахреин.

За 27-годишната атлетичарката од Кенија ова е најголемиот успех во кариерата, бидејќи досега го има освоено четвртото место на Олимписките игри во Рио де Жанеиро и на Светското првенство во Лондон.

Покрај Чепкоеч, во центарот на вниманието беа и јужноафриканката Кастер Семења и Шона Милер Уибо од Бахамите.

Семења со резултат од 1:54.60 минути постави нов рекорд на митингот на 800 метри и го собори 35 години стариот рекорд на легендарната Јармила Кратохвилова.

На 400 метри Шона Милер Уибо го собори рекордот на Мари Жозе Перег поставен пред 22 години. Таа делницата ја истрча за 48.97 секунди.

Дијамантската лига продолжува и во текот на викендот. /МИА

Македонските ракометари со убедлива победа над Велика Британија го почнаа ЕХФ шампионатот

Машката младинска репрезентација убедливо ги совлада ракометарите на Велика Британија со 32:15 и со победа го почна ЕХФ шампионатот за ракометари до 20 години што ќе се игра од денеска до 29 јули во Скопје.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац ја потврдија фаворитската улога и по победата над британските ракометари ги освоија првите поени, по што следуваат натпреварите со останатите репрезентации од групата Б - Италија, Швајцарија и со Украина.

Претходно на првиот натпревар од оваа група Швајцарија со 28:25 ја совлада Украина.

Македонија вториот натпревар ќе игра против Италија на 23 јули.

На ЕХФ шампионатот во Скопје настапуваат 11 репрезентации поделени во две групи. Македонија е во групата Б заедно со репрезентациите на Велика Британија, Италија, Швајцарија и со Украина. Во групата А се репрезентациите на Белорусија, Фарски Острови, Финска, Грција, Естонија и Литванија.

Најдобропласираните две репрезентации од секоја група ќе вкрстат во полуфиналните средби што ќе се играат на 28 јули, додека останатите селекции ќе разигруваат за пониските места на турнирот.

Финалето, натпреварот за третото место и сите останати натпревари за пласман се играат на 29 јули.

Победникот на ЕХФ шампионатот обезбедува пласман на младинското Европското првенство наредната година. 

притисни ентер