Поведена иницијатива за промени во ПФМ

Во насока на создавање услови за нормално функционирање на ПФМ, Иницијативниот одбор за промена на состојбата и структурите во Пливачката федерација на Македонија денеска одржа прес-конференција на која ги изнесе своите сознанија за овој спорт во државата.

- Како заслужен спортист пред 13 дена испратив барање за прием до Агенцијата за млади и спорт како надлежна институција која се грижи за сите спортисти во државата. Заедно со неколку тренери, пливачи, спортски работници денес бевме примени од директорот на АМС Дарко Каевски, соопшти Александар Маленко кој е еден од иницијаторите за промени во ПМФ.

Оваа иницијатива е најдобронамерна и со искрени заложби да се среди пливачкиот спорт во РМ, дополни Маленко.
Од директорот на АМС добивме ветување дека во рамките на неговите законски надлежности ќе поведе иницијатива за средување на проблемите во пливачкиот спорт.

Иницијативниот одбор очекува во најкус можен рок, АМС формално -правно да го реши овој проблем во интерес на пливачкиот спорт, пливачите и тренерите.

- Не може повеќе да се функционира на овој начин од одредени лица во име на ПФМ. Единствена институција која има право согласно неправилно работење да води мониторинг и надзор на работењето на сите спортски федерации е АМС, изјави Маленко.

Посочи дека зад иницијативата стојат голем број тренери, пливачи, спортски работници и 15-ина родители на врвните пливачи во Македонија.
- Не е важно дали ние сме поголем или помал број. Во секој случај правдата и вистината е на наша страна. А ние сме на старана на пливањето, на законот кој што треба да се имплементира во целост. Во случајот ПМФ нема своја адреса, нема тела, девет години нема завршна сметка, календарска година. Не се води сметка за настапите на нашите пливачи на меѓународните натпревари, потенцира Маленко.

Маријан Соколовски говореше за работата на ПМФ во изминативе години.

- ПФМ во последните 7-8 години нема одржано извештајно-финансиско изборно собрание, а сметката и е блокирана од поодамна.  Како резултат на таквото работење уназаден е пливачкиот спорт, девалвирана е работата на тренерите и угледот на ПМФ во меѓународниот институции е доведен на многу ниско ниво. Заради ова, Иницијативниот одбор во консултации со АМС како надлежна за спортот и спортските федерации во РМ се консултиравме и побаравме помош да се средат работите, рече Соколовски.

Иницијативен одбор очекува во најскоро време Агенцијата за млади и спорт да излезе со став за решавање на ова прашање и потоа ќе ги соопшти своите следни чекори. 

СП 2018: Шаќири: Мојата радост беше полна со емоции

Швајцарскиот фудбалер Ѓердан Шаќири изјави дека не сака да ги коментира реакциите на радоста на неговиот победнички гол против Србија.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а стрелец на решавачкиот гол беше Шаќири во 90-та минута.

Швајцарскиот фудбалер со косовско потекло на голот и на победата се радуваше гестикулирајќи орел како симбол на албанското знаме, а многумина особено од српската страна го сфаќaат како политичка провокација.

- Не сакам да го коментирам тоа. Ја видовте мојата радост беше полна со емоции. Оваа победа е за Швајцарија и тоа е се што би рекол за темата, истакна Шаќири.

На сличен начин и неговиот соиграч Гранит Џака, кој исто така има албанско потекло, се радуваше на првиот гол кој го постигна за израмнување на Швајцарија. /МИА

СП 2018: Митровиќ: Многу наивно ги примивме головите

Српскиот фудбалер Александар Митровиќ по натпреварот со Швајцарија изјави дека многу наивно доволиле да примат два гола.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а Митровиќ во петтата минута го постига единствениот гол за српската репрезентација.

- Не знам што се случи, ги примивме головите многу наивно и многу глупаво. Наместо да го браниме резултатот...Не може да се оди како мува без глава, разочаран сум, истакна Митровиќ.

За Србија сега единствена шанса за пласман во осминафиналето е победа против Бразил.

- Треба да се бориме против Бразил и да играме за победа. И Костарика и Швајцарија покажаа дека може да се игра против нив, наведе српскиот фудбалер.

Во оваа група Бразил и Швајцарија сега имаат по четири бода, Србија има три, додека Костарика остана без бодови и без шанси за натамошен пласман. /МИА

СП 2018: Швајцарија ја совлада Србија

Швајцарија ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија.

Во возбудливиот натпревар со сериозни шанси на двете страни, српската репрезентација дојде до водство од 0:1 со голот на Александар Митровиќ во петта минута, резултат со кој се замина на паузата.

Во почетокот на вториот дел Гранит Џака беше прецизен и Швајцарија во 52-та минута израмни на 1:1.

Швајцарската репрезентација со голот на Џердан Шакири во 90-та минута дојде до победа од 2:1.

Во оваа група Бразил и Швајцарија сега имаат по четири бода, Србија има три, додека Костарика остана без бодови и без шанси за натамошен пласман./МИА

притисни ентер