Гетлин со златен медал, а трето место за Болт на 100 метри на СП во Лондон

Американецот Џастин Гетлин победи на трката на 100 метри на Светското првенство во атлетика што се одржува во Лондон.
Тој синоќа на крајот од програмата од вториот ден успеа да го победи повеќекратниот светски и олимписки шампион Усеин Болт, која ја трчаше својата последна трка на 100 метри на светските првенства. Гетлин „стотката“ за златен медал ја истрча за 9.92 секунди со најдобро негово време сезонава. Среброто му припадна на неговиот сонародник Кристијан Колман - 9.94, а Болт освои бронза со време 9.95.

Во дисциплината скок во далечина победи Луво Манионга од Јужна Африка со скок со должина од 8.48 метри или само четири сантиметри подолг од Американецот Џерион Ловсон - 8.44. Бронзата му припадна на Рушал Самај од Јужна Африка - 8.32 метри.

Во фрлање диск светски првак стана Андриус Гуджиус од Литванија со личен рекорд од 69.21 метри или за само два сантиметри имаше подобар резултат од Даниел стал од Шведска - 69.19 метри. Трет заврши Американецот Мејсон Финли - 68.03 метри.

Во трката на 10.000 кај жените првите две места им припаднаа на атлетичарките од Етиопија. Злато освои Алмас Ајана со време 30:16.32 минути, а сребро Тирнеш Дибаба - 31:02.69 минути, додека трета на целта стигна Агнес Тироп од Кенија со време - 31: 03.50 минути. 

Денеска на програмата се четири финални дисциплни како и двете маратонски трки. /МИА

Хенес за Озил: Се радувам дека се повлече, не игра ништо со години

Претседателот на Баерн Минхен, Ули Хенес го нападна халфот на Арсенал, Месут Озил, кој вчера изненадувачки се повлече од репрезентацијата на Германија.

- Многу се радувам дека овој кошмар заврши. Тој не игра ништо со години. Последниот освоен дуел со него е пред Светското првенство во Бразил во 2014 година. А сега се сокри зад оваа слика (со турскиот претседател Ердоган -н.з.) за да ја оправда слабата игра. На Светското првенство во Русија никој не го постави прашањето зошто тој игра толку слабо, изјави Хенес пред „Билд“.

Хенес продолжи со нападите и за неговата презентација на клупско ниво.

- Секогаш кога сме играле против Арсенал, сме напаѓале во неговата зона, бидејќи сме свесни дека тој е нивната најслаба точка, вели претседателот на германскиот шампион.

Ливерпул пропуштил да го земе Алисон за многу помалку пари во 2015 година

 Вицешампионот на Европа, англиски Ливерпул даде 67 милиони фунти за привлекување на голманот Алисон, и логично, навивачите на „црвените“ се многу ентузијастички настроени поради неговото пристигнување.

Но, тие нема да бидат толку среќни кога ќе дознаат дека клубот можел да го привлече Алисон за само четири милиони фунти. Тоа било можно во јули 2015 година кога Ливерпул имал можност да го земе Бразилецот за само 3,1 милион фунти и дополнителни исплати од 900.000 од британската валута.

Тогаш агентот на играчот, Зе Марија Нејш, испратил детални информации за неговиот клиент во Ливерпул и неколку други тимови во Премиер лигата и Чемпионшип првенството.

Во тоа време Алисон веќе остави впечаток со настапите за младинските тимови на Бразил, но се уште немаше покажано што знае во Европа, поради што од Ливерпул се одлучиле да не ризикуваат со неговото привлекување. 

Манчестер Јунајтед со нов нерешен резултат во САД

 Манчестер Јунајтед не успеа да постигне гол против Сан Хозе, а контролата средба во Санта Клара заврши со 0:0.

„Црвените ѓаволи“ беа без голем дел од нивните главни фудбалери кои се на одмор по Мундијалот. Сепак, имиња како Алексис Санчез, Лук Шо и Ентони Марсиал беа на теренот.

Ерик Баи погоди пречка на почетокот на натпреварот, а подоцна Крис Вондоловски од МЛС тимот го направи истото.

Сан Хозе направи 15 замени во мечот, а за Јунајтед најлошиот момент дојде во првата половина кога капитенот Антонио Валенсија го напушти теренот повреден. 

- Тој е повреден и мора да се справиме со тоа. Минатата сезона тој имаше таква ситуација, а во оваа можеби ќе се случува почесто, прокоментира Жозе Мурињо по дуелот.

За Јунајтед, тоа беше втор нерешен резултат на два натпревари во САД, откако првиот заврши 1: 1 против мексиканскиот клуб Америка.

Во наредните денови, Давид де Хеа, Немања Матиќ и новиот додаток Фред, ќе се приклучат на тимот. 

притисни ентер