Македонските кошаркари загубија од Естонија во претквалификациите за СП

Македонската кошаркарска репрезентација синоќа на домашен терен загуби од Естонија со 80:76 (17:29; 26:13; 20:19 и 17:15) и по вториот пораз во групата е се подалеку од пласман во следната фаза во ова натпреварување.
По двата пораза од Косово и од Естонија ривалите од групата се во подобра позиција за освојување на едно од првите две места.

Самиот натпревар Македонија го почна добро и првата четвртина ја доби со 29:17. Во тој дел од натпреварот доминираше нашиот капитен Војдан Стојановски, но во продолжението противникот најде против игра за нашиот напад и избраниците на селекторот Јорданчо Давитков се потешко постигнуваа поени. За разлика од нас Естонија почна да погодува „тројки“ во мини серии и водството на Македонија „се стопи“ веќе на полувремето  и Естонија поведе со 43:42.

Во вториот дел се играше резултатски неизвесно, се до моментот кога гостите во финишот „се одлепија“ на седум разлика и ја најавија победата. Една од причините за поразот се и 15-те промашени слободни фрлања на нашите кошаркари, како и добрата реализација за три поени на Естонија (13 тројки).

Најефикасни на натпреварот беа Војдан Стојановски од Македонија и Раин Веидеман од Естонија, двајцата постигнаа по 26 поени.

Во групата Ц Естонија и Косово имаат по една победа, Македонија е трета со два пораза. Во следното коло нашата репрезентација е слободна, а во Талин ќе играат Естонија и Косово, додека Македонија следниот дуел го игра на 12 август на домашен терен против Косово. /МИА

Хенес за Озил: Се радувам дека се повлече, не игра ништо со години

Претседателот на Баерн Минхен, Ули Хенес го нападна халфот на Арсенал, Месут Озил, кој вчера изненадувачки се повлече од репрезентацијата на Германија.

- Многу се радувам дека овој кошмар заврши. Тој не игра ништо со години. Последниот освоен дуел со него е пред Светското првенство во Бразил во 2014 година. А сега се сокри зад оваа слика (со турскиот претседател Ердоган -н.з.) за да ја оправда слабата игра. На Светското првенство во Русија никој не го постави прашањето зошто тој игра толку слабо, изјави Хенес пред „Билд“.

Хенес продолжи со нападите и за неговата презентација на клупско ниво.

- Секогаш кога сме играле против Арсенал, сме напаѓале во неговата зона, бидејќи сме свесни дека тој е нивната најслаба точка, вели претседателот на германскиот шампион.

Ливерпул пропуштил да го земе Алисон за многу помалку пари во 2015 година

 Вицешампионот на Европа, англиски Ливерпул даде 67 милиони фунти за привлекување на голманот Алисон, и логично, навивачите на „црвените“ се многу ентузијастички настроени поради неговото пристигнување.

Но, тие нема да бидат толку среќни кога ќе дознаат дека клубот можел да го привлече Алисон за само четири милиони фунти. Тоа било можно во јули 2015 година кога Ливерпул имал можност да го земе Бразилецот за само 3,1 милион фунти и дополнителни исплати од 900.000 од британската валута.

Тогаш агентот на играчот, Зе Марија Нејш, испратил детални информации за неговиот клиент во Ливерпул и неколку други тимови во Премиер лигата и Чемпионшип првенството.

Во тоа време Алисон веќе остави впечаток со настапите за младинските тимови на Бразил, но се уште немаше покажано што знае во Европа, поради што од Ливерпул се одлучиле да не ризикуваат со неговото привлекување. 

Манчестер Јунајтед со нов нерешен резултат во САД

 Манчестер Јунајтед не успеа да постигне гол против Сан Хозе, а контролата средба во Санта Клара заврши со 0:0.

„Црвените ѓаволи“ беа без голем дел од нивните главни фудбалери кои се на одмор по Мундијалот. Сепак, имиња како Алексис Санчез, Лук Шо и Ентони Марсиал беа на теренот.

Ерик Баи погоди пречка на почетокот на натпреварот, а подоцна Крис Вондоловски од МЛС тимот го направи истото.

Сан Хозе направи 15 замени во мечот, а за Јунајтед најлошиот момент дојде во првата половина кога капитенот Антонио Валенсија го напушти теренот повреден. 

- Тој е повреден и мора да се справиме со тоа. Минатата сезона тој имаше таква ситуација, а во оваа можеби ќе се случува почесто, прокоментира Жозе Мурињо по дуелот.

За Јунајтед, тоа беше втор нерешен резултат на два натпревари во САД, откако првиот заврши 1: 1 против мексиканскиот клуб Америка.

Во наредните денови, Давид де Хеа, Немања Матиќ и новиот додаток Фред, ќе се приклучат на тимот. 

притисни ентер