Александар Тодоров нов тренер на МЗТ Скопје

Поранешниот селектор на македонската младинска репрезентација, Александар Тодоров (43), е нов тренер на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска и официјално потпиша едногодишен договор со актуелниот шампион.
- Тодоров доаѓа на местото на хрватскиот стручњак Анте Назор, кому му истече договорната обврска со нашиот клуб и кому управата на клубот му се заблагодарува на вложениот труд и му посакува се најдобро во кариерата. Пред македонскиот стратег е сериозна задача за обнова на тимот со оглед што во моментов договорни обврски имаат само капитенот Марко Симоновски, Адем Мекиќ и Американецот Ксавиер Темс, соопшти македонскиот кошаркарски шампион.

Новиот тренер ќе може да смета и на талентите од младинската школа вклучувајќи ги и веќе промовираните првотимци Леонид Тодоровски, Андреј Настевски, Андреј Миса, Петар Прентовиќ и Мартин Милевски. Негова примарна задача уште од првиот ден ќе биде пополнувањето на празнините во составот за создавање на конкурентен тим кој ќе ја продолжи доминацијата на домашната сцена, но и ќе има забележителен настап во АБА-лигата,

Името на Тодоров, за кого ова ќе биде четврто седнување на клупата на „металците“, е веќе со златни букви впишано во сино-белата историја како прв тренер кој успеал да ја донесе шампионската титула во „Јане Сандански“ во сезоната 2011/2012 и како прв стратег кој ја почнал јадранската пловидба на МЗТ Скопје Аеродром. Дебито, пак, на клупата на аеродромци го имаше во веќе далечната 2000 година, а екипата ја предводеше и во 2007 година. 

Емери за ПСЖ: Таму шефот е еден - Нејмар

Новоназначениот менаџер на Арсенал, Унаи Емери направи многу интересно откритие за својот поранешен клуб, Пари Сен Жермен и најмногу за супер ѕвездата на тимот - Нејмар.

Неколкупати во сезоната, Бразилецот создаваше проблеми во соблекувалната, а и Емери призна дека тоа било вистина. 

- Знам кога сум главна и одговорна личност и кога не сум. Ова е процес кој тренерот треба да го доживее и кој го асимилира со време и искуство. Во секој клуб треба да знаеш каква е твојата улога и каква е кон останатите. Јас сум на мислење дека лидер на ПСЖ е Нејмар, изјави Емери за „Франс Фудбал“.

Според шпанскиот стратег, Нејмар ја напуштил Барселона за Париз само за да биде во улогата на лидер - нешто, што на „Камп Ноу“ не било можно покрај Лео Меси.

- Нејмар дојде во ПСЖ да биде лидер, да помине преку овој процес и еден ден да биде најдобриот во светот. Во Манчестер Сити на чело е Пеп (Гвардиола). Во ПСЖ, тоа е во Нејмар, вели Емери.

Тој призна дека не се чувствувал удобно од огромното влијание на поранешниот играч на Барселона.

- Пред неколку месеци, играч на ПСЖ ми пријде и ми рече: „Oваа година си променет“. Беше очигледно. Не можам да сум истиот тренер со и без Нејмар. Минавме низ период на адаптација со играчот. Требаше да се запознаеме едни со други. Да ги тренираш Меси, Роналдо или Нејмар, не е лесно. Тие се најдобри во светот, па затоа мора да се прилагодите на нив. Видете го Гвардиола во Сити. Тој е среќен затоа што нема толку голема фигура против себе, изјави новиот тренер на „топџиите“. /МИА

Јувентус се насочува кон Марсијал по откажувањето на Мората

Јувентус ќе се насочи кон Антони Марсијал откако не успеа да постигне договор со напаѓачот на Челзи, Алваро Мората. 

Претставниците на италијанскиот шампион се сретнале со фудбалерот на тимот од Лондон и неговиот агент, но не постигнале договор.

Финансиските барања на шпанскиот напаѓач се причината за раководството на „бјанконерите“ да погледне кон Манчестер Јунајтед и францускиот напаѓач.

Торинското издание „Тутоспорт“ вели дека од Јувентус ќе се обидат да го убедат францускиот репрезентативец да премине на „Алијанц“ стадионот. 

Марсијал во моментов добива 3,5 милиони евра по сезона, но неговиот договор истекува летото 2019 година. /МИА

Штербик го пропушта дуелот со ПСЖ

Голманот на актуелниот еропски шампион Вардар, Арпад Штербик денеска нема да настапи за „црвено-црните“ во мечот за третото место на Ф4 турнирот во Келн против ПСЖ.

Штербик во вчерашниот меч против Монпелје, кој вардарци го загубија со 27:28, ја напушти играта поради повреда кон крајот на првиот дел и потоа не се врати на терен. На негово место шанса денеска ќе добие Даниел Ѓорѓевски.

Штербик на крајот од сезонава заминува за Веспрем, па така вчерашниот меч беше последниот во дресот на македонскиот тим.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез направи уште една замена, откако на местото на Јања Војводиќ ќе настапи македонскиот репрезентативец Мартин Поповски.

Дуелот меѓу Вардар и ПСЖ почнува од 15:15 часот. /МИА

притисни ентер