Македонските ракометарки поразени од Шведска

Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз од Шведска во првиот од двата бараж дуели за пласман на Светското првенство во Германија кое ќе се одржи кон крајот на годинава.
Избраничките на селекторот Симе Симевски беа со совладани од Швеѓанките со 11 гола разлика 31:20 во мечот кој се одигра во СРЦ „Кале“ во Скопје.

Најдобра ракометарка во нашите редови беше Елена Ѓорѓиевска со седум гола, а ја следеше Ливриниќ со четири гола. По три постигнаа Душица Ѓорѓиевска и Сара Ристовска. Кај Шведска одлични беа Тофт Хансен, Санд и Гулден кои дадоа по четири гола.

Реваншот меѓу Шведска и Македонија кој е во рамки на баражот за СП 2018 е закажан на 13 јуни.

На останатите бараж дуел беа постигнати овие резултати: Италија -Србија 23-33, Унгарија – Словачка 28-19, Хрватска – Словенија 23-28, Чешка – Турција 29-25, Црна Гора - Белорусија 33-26, Русија - Полска 31-20, Романија - Австрија 34-29 и Украина - Шпанија 24-24. 

Емери за ПСЖ: Таму шефот е еден - Нејмар

Новоназначениот менаџер на Арсенал, Унаи Емери направи многу интересно откритие за својот поранешен клуб, Пари Сен Жермен и најмногу за супер ѕвездата на тимот - Нејмар.

Неколкупати во сезоната, Бразилецот создаваше проблеми во соблекувалната, а и Емери призна дека тоа било вистина. 

- Знам кога сум главна и одговорна личност и кога не сум. Ова е процес кој тренерот треба да го доживее и кој го асимилира со време и искуство. Во секој клуб треба да знаеш каква е твојата улога и каква е кон останатите. Јас сум на мислење дека лидер на ПСЖ е Нејмар, изјави Емери за „Франс Фудбал“.

Според шпанскиот стратег, Нејмар ја напуштил Барселона за Париз само за да биде во улогата на лидер - нешто, што на „Камп Ноу“ не било можно покрај Лео Меси.

- Нејмар дојде во ПСЖ да биде лидер, да помине преку овој процес и еден ден да биде најдобриот во светот. Во Манчестер Сити на чело е Пеп (Гвардиола). Во ПСЖ, тоа е во Нејмар, вели Емери.

Тој призна дека не се чувствувал удобно од огромното влијание на поранешниот играч на Барселона.

- Пред неколку месеци, играч на ПСЖ ми пријде и ми рече: „Oваа година си променет“. Беше очигледно. Не можам да сум истиот тренер со и без Нејмар. Минавме низ период на адаптација со играчот. Требаше да се запознаеме едни со други. Да ги тренираш Меси, Роналдо или Нејмар, не е лесно. Тие се најдобри во светот, па затоа мора да се прилагодите на нив. Видете го Гвардиола во Сити. Тој е среќен затоа што нема толку голема фигура против себе, изјави новиот тренер на „топџиите“. /МИА

Јувентус се насочува кон Марсијал по откажувањето на Мората

Јувентус ќе се насочи кон Антони Марсијал откако не успеа да постигне договор со напаѓачот на Челзи, Алваро Мората. 

Претставниците на италијанскиот шампион се сретнале со фудбалерот на тимот од Лондон и неговиот агент, но не постигнале договор.

Финансиските барања на шпанскиот напаѓач се причината за раководството на „бјанконерите“ да погледне кон Манчестер Јунајтед и францускиот напаѓач.

Торинското издание „Тутоспорт“ вели дека од Јувентус ќе се обидат да го убедат францускиот репрезентативец да премине на „Алијанц“ стадионот. 

Марсијал во моментов добива 3,5 милиони евра по сезона, но неговиот договор истекува летото 2019 година. /МИА

Штербик го пропушта дуелот со ПСЖ

Голманот на актуелниот еропски шампион Вардар, Арпад Штербик денеска нема да настапи за „црвено-црните“ во мечот за третото место на Ф4 турнирот во Келн против ПСЖ.

Штербик во вчерашниот меч против Монпелје, кој вардарци го загубија со 27:28, ја напушти играта поради повреда кон крајот на првиот дел и потоа не се врати на терен. На негово место шанса денеска ќе добие Даниел Ѓорѓевски.

Штербик на крајот од сезонава заминува за Веспрем, па така вчерашниот меч беше последниот во дресот на македонскиот тим.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез направи уште една замена, откако на местото на Јања Војводиќ ќе настапи македонскиот репрезентативец Мартин Поповски.

Дуелот меѓу Вардар и ПСЖ почнува од 15:15 часот. /МИА

притисни ентер