Ѓорческа во финалето во двојки на „Кроација Опен“

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира во финалето во конкуренција на двојки на ВТА турнирот „Кроација Опен“ што се игра на островот Брач во Хрватска.
На турнирот, кој е со награден фонд од 115.000 долари, Ѓорческа заедно со Александрина Најденова од Бугарија како трети носителки без поголеми проблеми во полуфиналето за само еден час игра славеа победа во два сета против грчко-шпанската комбинација Сакари / Сорибес, со 6-3,6-4.

Финалето се игра утре, а противничките ќе бидат познати по одигрувањето на второто полуфинале меѓу Чуанг - Врацова и Мрдежа - Зиданшек.

Ѓорческа ќе атакува на првата титула на еден ВТА турнир.

Рамос му посака брзо закрепнување на Салах

Серхио Рамос го искористи својот Твитер профил за да искаже сочувство кон повредениот Мохамед Салах. 

Дефанзивецот на Реал Мадрид и нанесе повреда на ѕвездата на Ливерпул во средината на првото полувреме по груб боречки дуел, а потоа Шпанците победија со 3: 1 во финалето на Лигата на шампионите.

- Понекогаш фудбалот ви ја покажува добрата страна, а понекогаш и лошата. Пред се, ние сме професионалци и сакам да му посакам брзо закрепнување. Салах, иднината те очекува, напиша тој.

По натпреварот, Рамос ги негираше гласините дека Кристијано Роналдо ќе го напушти Мадрид. Тој тврди дека Португалецот нема да најде посилен тим од Реал. /МИА

Кариус: Го предадов тимот

Голманот на Ливерпул, Лорис Кариус презеде вина за поразот на неговиот клуб во финалето, откако прими два смешни гола за победа на Реал Мадрид со 3:1.

- Во моментов не чувствувам ништо. Го загубив натпреварот и жалам. Им се извинувам на моите соиграчи и сите поврзани со клубот. Ако можев да го вратам времето назад, ќе го направев тоа. Жал ми е, бидејќи денес ги предадов колегите, рече тој по мечот.

Германецот додаде дека неговите грешки во финалето го чинеле прескапо целиот тим.

- Тешко е да се зборува, но тоа е животот на голманот. Должен сум да кренам повторно глава. Во моментов, сепак само жалам за она што се случи, бидејќи овие голови се по цената на трофеј, додаде Кариус. /МИА

Клоп: Пропуштивме голема шанса

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп дефинитивно не беше расположен за коментари по поразот од Реал Мадрид во финалето на Лигата на Шампионите во Киев со 1:3.

„Црвените“ го почнаа подобро натпреварот, но потоа го загубија Мохамед Салах, а голманот Лорис Кариус направи голема грешка и му овозможи на Карим Бензема да го отвори резултатот. Ливерпул израмни, но резервата Герет Бејл повторно ја врати предноста на Реал, а нова грешка на Кариус по удар од далечина на Велшанецот го реши исходот од натпреварот.

- Момчињата се обидоа со се, но тоа не беше најдоброто сценарио што ни се случи вечерва. Се беше многу убаво до оваа вечер. Имавме голема шанса, но не успеавме да ја искористиме. Тоа е. Никогаш нема да дознаеме што ќе се случеше ако Мо Салах останеше на теренот, прокоментира Германецот.

Менаџерот на Ливерпул го израмни антирекордот на Ектор Купер и Арсен Венгер, откако Ливерпул загуби во финалето. Германецот стана третиот менаџер во историјата, кој ги губи првите три финалиња во европските клубски турнири.

За Клоп, поразот во финалниот меч исто така е шести од вкупно седум финалиња, во кои тој бил тренер. /МИА

притисни ентер