Голден Стејт на чекор до титулата во НБА лигата

Екипата на Голден Стејт ја оствари и третата победа (118:113) против актуелниот првак Кливленд со што е на чекор до освојување на шампионскиот трофеј во НБА лигата.
Во интересен меч одигран ноќеска во Кливленд, актуелниот шампион во завршните 3 минути и 10 секунди, по водство од 113:107 не постигна ниту еден кош, па на противникот му дозволи да се радува на третата победа.

Леброн Џејмс постигна 39 поени,  11 скокови и 9 асистенции, додека Кајри Ирвинг 38, но и тоа се покажа недоволни за „Кавси“ да го избегнат поразот.

Кај победничката екипа, Кевин Дурант реализира 31 поен, Клеј Томсон еден помалку, а Карји Ирвин оствари дабл-дабл учинок од 29 поени и 13 скокови.

Првата шанса за освојување на шампионската титула „Воините“ ќе ја имаат на теренот на Кливленд веќе ноќта петок кон сабота во 3 часот по македонско време. /МИА

Емери за ПСЖ: Таму шефот е еден - Нејмар

Новоназначениот менаџер на Арсенал, Унаи Емери направи многу интересно откритие за својот поранешен клуб, Пари Сен Жермен и најмногу за супер ѕвездата на тимот - Нејмар.

Неколкупати во сезоната, Бразилецот создаваше проблеми во соблекувалната, а и Емери призна дека тоа било вистина. 

- Знам кога сум главна и одговорна личност и кога не сум. Ова е процес кој тренерот треба да го доживее и кој го асимилира со време и искуство. Во секој клуб треба да знаеш каква е твојата улога и каква е кон останатите. Јас сум на мислење дека лидер на ПСЖ е Нејмар, изјави Емери за „Франс Фудбал“.

Според шпанскиот стратег, Нејмар ја напуштил Барселона за Париз само за да биде во улогата на лидер - нешто, што на „Камп Ноу“ не било можно покрај Лео Меси.

- Нејмар дојде во ПСЖ да биде лидер, да помине преку овој процес и еден ден да биде најдобриот во светот. Во Манчестер Сити на чело е Пеп (Гвардиола). Во ПСЖ, тоа е во Нејмар, вели Емери.

Тој призна дека не се чувствувал удобно од огромното влијание на поранешниот играч на Барселона.

- Пред неколку месеци, играч на ПСЖ ми пријде и ми рече: „Oваа година си променет“. Беше очигледно. Не можам да сум истиот тренер со и без Нејмар. Минавме низ период на адаптација со играчот. Требаше да се запознаеме едни со други. Да ги тренираш Меси, Роналдо или Нејмар, не е лесно. Тие се најдобри во светот, па затоа мора да се прилагодите на нив. Видете го Гвардиола во Сити. Тој е среќен затоа што нема толку голема фигура против себе, изјави новиот тренер на „топџиите“. /МИА

Јувентус се насочува кон Марсијал по откажувањето на Мората

Јувентус ќе се насочи кон Антони Марсијал откако не успеа да постигне договор со напаѓачот на Челзи, Алваро Мората. 

Претставниците на италијанскиот шампион се сретнале со фудбалерот на тимот од Лондон и неговиот агент, но не постигнале договор.

Финансиските барања на шпанскиот напаѓач се причината за раководството на „бјанконерите“ да погледне кон Манчестер Јунајтед и францускиот напаѓач.

Торинското издание „Тутоспорт“ вели дека од Јувентус ќе се обидат да го убедат францускиот репрезентативец да премине на „Алијанц“ стадионот. 

Марсијал во моментов добива 3,5 милиони евра по сезона, но неговиот договор истекува летото 2019 година. /МИА

Штербик го пропушта дуелот со ПСЖ

Голманот на актуелниот еропски шампион Вардар, Арпад Штербик денеска нема да настапи за „црвено-црните“ во мечот за третото место на Ф4 турнирот во Келн против ПСЖ.

Штербик во вчерашниот меч против Монпелје, кој вардарци го загубија со 27:28, ја напушти играта поради повреда кон крајот на првиот дел и потоа не се врати на терен. На негово место шанса денеска ќе добие Даниел Ѓорѓевски.

Штербик на крајот од сезонава заминува за Веспрем, па така вчерашниот меч беше последниот во дресот на македонскиот тим.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез направи уште една замена, откако на местото на Јања Војводиќ ќе настапи македонскиот репрезентативец Мартин Поповски.

Дуелот меѓу Вардар и ПСЖ почнува од 15:15 часот. /МИА

притисни ентер