Тотенхем убедлив на гостувањето кај Лестер

Фудбалерите на Тотенхем синоќа постигнаа убедлива победа на гостувањето кај Лестер со 6:1 во заостанатиот натпревар од 34.коло од Премиер лигата.
Тотенхем до триумфот стигна со четирите голови на Хари Кејн (25, 63, 88 и 90+2 минута) и со двата гола на Сон Хеунг-Мин (36 и 71). Стрелец на голот за Лестер беше Бен Чилвел (59) што беше негов прв гол во дресот на Лестер.

Со головите постигнати на синоќешниот дуел Хари Кејн изби на првото место на листата на стрелците во Премиер лигата со 26 голови, пред Ромелу Лукаку со 24 и Алексис Санчез со 23.

Тотенхем со триумфот се зацврсти на второто место со 83 бодови, додека Лестер е на 11.место со 43 бодови.

Во последното коло кое се игра во недела од 16 часот ќе се решава само прашањето за кои екипи ќе бидат пласирани на третото и четвртото место, а во конкуренција се Манчестер Сити, Ливерпул и Арсенал.

Табела: Челзи 90 бодови (првак), Тотенхем 83, Манчестер Сити 75, Ливерпул 73, Арсенал 72, Манчестер Јунајтед 66, Евертон 61, ... 

Челзи го нуди Моратa и 40 милиони евра за Икарди

Напаѓачот на Интер, Мауро Икарди е на врвот на листата на желби на Челзи, кој е подготвен да издвои 40 милиони евра за негово привлекување во тимот и во Милано да го испрати Алваро Мората, објавија италијанските медиуми.

Мората пристигна во Челзи оваа година и постигна вкупно 15 гола, но во вториот дел од сезоната тој беше надвор од форма и големи се шансите да го напушти клубот, за разлика од Икарди кој постојано ги тресеше противничките мрежи.

Шпанецот веќе разговарал со раководстото на Јувентус, Милан го сака, но тој на крајот може да се пресели на „Џузепе Меаца“.

Откупната клаузула на Икарди од 110 милиони евра истекува на 15 јули, но во лондонскиот клуб веруваат дека ќе можат да поминат поевтино.

Весникот „Ил Месаџеро“, исто така, вели дека жената на Мората е моден блогер од Италија, кое, покрај играњето во Лигата на шампионите следната сезона, е мотив повеќе да се преселат заедно во градот на модата за следната сезона./МИА

Фетел не ги гледа Ред Бул како закана во Монако

Ред Бул може и да доминираа целосно во првите два слободни тренинзи во Монако, но Себастијан Фетел верува дека тие можат да бидат победени в недела. 

Германецот ја заврши вчерапната втората сесија на тренигот за Големата награда на Монако во Формула 1 веднаш зад болидите на „биковите“.

- Ред Бул секогаш изгледаат силни на слободните тренинзи. Ќе видиме дали нивната презентација ќе биде како и обично. Мислам дека ние не треба да ги гледаме нив, тука да се фокусираме на себе и да си ја напишеме домашната, категоричен е Себ.

Фетел немаше поплаки до Ферари по првите две тренинг сесии.

- Ми беше доста удобно во автомобилот и јас сум задоволен од тоа како помина денот. Ова е доста позабавна патека од останатите. Трасата не дозволува да правиш грешки. Јас сум сигурен дека не го достигнав својот лимит и знам дека ќе бидеме уште побрзи, додаде четирикратниот шампион./МИА

Хулигани нападнале навивачи на Ливерпул во Киев (ВИДЕО)

Неколкумина навивачи на фудбалскиот клуб Ливерпул синоќа биле нападнати од група од околу 20 хулигани во Киев.

Маскираните хулигани ги нападнале Англичаните кои се наоѓале во близина на Олимпискиот стадион, каде што утре Реал Мадрид и Ливерпул го играат финалето на фудбалската Лига на шамиопните.

Нападнатите навивачи побарале засолниште во блискиот ресторан, користејќи ги масите како штит.

- Тие не бркаа со скршени шишиња и столици, при што беа повредени неколкумина. Тоа беше прилично застрашувачки, изјави 50-годишниот Џејсон Фрост, кој бил нападнат само неколку часа откако пристигнал во Киев.

Локалната полиција уапсила само двајца напаѓачи одговорни за насилството, а Англичаните тврдат дека им биле ставани лисици на рацете и на навивачи на Ливерпул, кои не сториле ништо.

Англиските медиуми потенцираат дека во украинскиот главен град постојат неколку познати хулигански групи, поддржувачи на локалните клубови Динамо и ЦСКА, чии припадници се подржувачи на десничарската идеологија.

Ливерпул и Реал Мадрид добија 16.626 карти од УЕФА за своите навивачи на стадионот со капацитет од 70.000 седишта./MИА

притисни ентер