Голден Стејт обезбеди финале на Западната конференција

Кошаркарите на Голден Стејт со ноќешната победа над Јута со 121:95 го совладаа противникот во полуфиналето на плеј офот и со тоа обезбедија пласман во финалето на Западната конференција.
 Голден Стејт идентично како и во првото коло против Портланд и Јута ја “доби“ со 4-0 во победи.

Решавачка за последниот триумф беше првата четвртина, која Голден Стејт ја доби со 39:17. Најефикасен на дуелот беше Стеф Кари со 30 поени, додека Дрејмонд Грин имаше „трипл-дабл“: 17 поени, 10 скокови и 11 асистенции.

Противник во финалето на „Запад“ ќе им биде победникот од второто полуфинале меѓу Сан Антонио и Хјустон. Моменталниот резултат е 2:2 во победи. 

Роналдо: Имам голема почит кон Ливерпул, но мислам дека сме подобри

Ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо го спореди Ливерпул со неговиот тим од пред неколку години, најмногу во контекст на триото во нападот - Салах, Мане и Фирмино. 

Тимот од Мадрид за трофејот во финалето ќе се борат против „црвените од „Енфилд“.

- Тие ме потсетуваат на Реал од пред неколку години, со три брзи играчи во нападот. Тие се во финалето заслужено. Имам голема почит кон Ливерпул, но мислам дека сме подобри, изјави Роналдо, цитиран од „Индепендент“.

Португалецот додаде дека ова е историски момент за клубот и дека треба да го покажат искуството во такви ситуации.

- Од суштинско значење е да напишеме историја, а не кој ќе постигне гол. Ја сакам Лигата на шампионите, бидејќи за да ја освоите, мора да ги победите најдобрите тимови на континентот и секогаш се случува нешто возбудливо, вели Роналдо.

Финалето на Лигата на Шампионите се игра во сабота, 26 мај во Киев./MИА

Шкендија фаворит, Пелистер посакува изненадување

Пред утрешното финале на Купот на Македонија тренерите и капитените на финалистите, Пелистер од Битола и Шкендија од Тетово, одржаа заедничка прес-конференција.

Тренерот на „домаќините“ Неџат Хуесин смета дека Шкендија е голем фаворит пред утрешното финале.

- Актуелниот шампион тоа го покажа и низ првенството, каде што играше стандардно добро. Имаат една од подобрите екипи подолго време во македонската лига и несомнено се фаворити. Но, секогаш фаворитот не значи дека ќе победи во финалето на купот. Ние нема да дојдеме со бело знаме и ќе пружиме добар отпор. Очекувам добар натпревар, па нека победи подобриот, рече тренерот на Пелистер, Неџат Хусеин.

И фудбалерот на Пелистер, Благојче Марковски смета дека Шкендија е фаворит, но во купот имало изненадувања.

- Шкендија е секако фаворит, но се надевам на поволен резултат за нас, рече Марковски.

Тренерот на тетовчани, Ќатип Османи, смета дека купот е поразличен од првенството, бидејќи се игра само еден натпревар.

-Ние сосема сериозно го сфаќаме овој натпревар и сигурно дека посакуваме да победиме и да го освоиме купот, рече тренерот на Шкендија, Османи.

Капитенот на Шкендија,Ферхат Асани, го дели мислењето на својот тренер.

- Нашата цел оваа сезона е да ги освоиме двата трофеи. Едниот го освоивме, а утревечер сакаме да го земеме и вториот. За прв пат во историјата на клубот сакаме двете титули да ги донесеме во Тетово, рече капитенот Ферхат Асани.

Двесет и шестото финале на фудбалски куп на Македонија се игра утревечер на Градскиот стадион „Младост“ во Струмица со почеток во 20 часот./МИА

Велковски е нов играч на Ријека

Дарко Велковски е нов играч на фудбалскиот клуб Ријека.

Велковски потпиша договор за три години со можност за продолжување за уште една година, а во Хрватска доаѓа од редовите на Вардар. Тој е и поранешен фудбалер на Работнички, а со двата тима го има освоено македонскиот шампионат.

- Градот е убав, луѓето се одлични, сите се насмеани. Стефан Ристовски ми кажа сѐ најдобро за Ријека, за клубот и навивачите. Исто така, ги знам Жута и Ристовски. Се надевам дека ќе ги оправдаме нашите очекувања и ќе освоиме трофеи во Ријека, изјави Велковски по потпишувањето на договорот, цитиран од клубот.

Тој се заблагодари за дадената шанса во тимот од Хрватска и изрази надеж дека ќе се вклопи во системот на тренерот и дека ќе напредува. /МИА

притисни ентер