Куманово гостува кај Берое во првиот финален меч во БИБЛ лигата

Кошаркарите на Куманово попладнево ќе го одиграат првиот меч од финалето во регионалната Балканска лига (БИБЛ). Кумановци гостуваат во Стара Загора кај бугарската екипа Берое.


Избраниците на Марјан Србиновски очекуваат многу тежок дуел против екипата која сезонава покажа најмногу и имаше најдобар учинок во БИБЛ лигата. Но, македонскиот претставник најавува дека нема лесно да се предаде и шансата за конечен успех ќе ја бара во реванш натпреварот пред домашната публика во Куманово.

Во првиот дел од сезоната овие две екипи играа во рамките на А групата. Предноста на домашниот терен се покажа како клучна, па на дуелот во Стара Загора, екипата на Берое победи со 91-70, додека Куманово славеше пред своите симпатизери со 82-72.

- Берое е екипа која игра брза кошарка во постојан ритам, а тоа им го дозволува поголемиот избор на играчи во ротацијата. Наша цел треба да биде да ја анулираме нивната контра доколку сакаме да оствариме позитивен резултати, изјави тренерот Куманово, Србиновски.
За разлика од првите два меча и поголемиот дел од сезоната, Куманово сега ќе биде без услугите на двајцата носители на играта, Александар Костовски кој веќе подолг период е во Романија, и Данило Мијатовиќ кој од неодамна се врати во редовите на МЗТ Скопје.

Куманово е третиот тим од Македонија кој ќе се бори за шампионскиот трофеј. Досега само на Фени Индустри му успеа да ја освои титулата во БИБЛ лигата и тоа во третата сезона на ова натпреварување (2010-2011) кога фајнал-фор турнир се одржа во Кавадарци.

Претходно, во првата сезона (2008/2009) тогашен Фершпед Работнички во финалето загуби од бугарскиот тим Рилски Спортист.
Финалната серија ќе се игра во два натпревари, а доколку резултатот биде израмнет (1-1) тогаш ќе се смета подобрата кош разлика.
Првиот финален меч во БИБЛ лигата меѓу Берое и Куманово, денеска, ќе започне од 17:30 часот. Реваншот во Куманово е предвиден за следниот вторник (18 април) од 19 часот.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни). 

МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

Покрај тоа, основните училиштата на Град Скопје се задолжени на 15 јуни (сабота) да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. За оваа нивна обврска МОН во дописот се повикува на нацрт-записник од 199 седница на Владата одржана на 14 ноември минатата година кога 30 ноември бил определен за неработен ден за учениците од основните училишта во Град Скопје.

Министерството за образование и наука вчера за медиумите соопшти дека наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта и дека учебната година нема да биде продолжена, односно ќе заврши согласно утврдените календари – на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците, но не информираше дека неработните денови ќе бидат одработени во саботи.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочи МОН без да прецизира дека деновите ќе бидат надоместени како што за тоа ги известило училиштата.

Известувањето пратено до училиштата го објави и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на нивната фејсбук-страница, со прашање: „Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?“

- Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните" денови, прогласени од Владата, заради одржување на претстојните избори. Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година, пишува во реакцијата на СОНК.

Со одлука на Владата од седницата пред три дена, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат.

МОН вчера информираше дека во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови.

Инаку, учениците оваа година првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе почне на 29 април и ќе трае заклучно со 6 мај.

Израел изведе напади на југот на Сирија

Израелските сили рано утрово ја нападнаа позицијата на сириската армија на југот на Сирија, соопшти сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.

„Израелските напади беа насочени кон радарите на сириската армија меѓу провинциите Суеида и Дера“, рече директорот наОпсерваторијата, Рами Абдел Рахман.

Тој додаде дека нападите биле изведени „во време кога израелски авиони интензивно летаа над регионот Дера“, како и дека сириската воздушна одбрана не се активирала. /МИА

Локални власти: Три лица загинаа во руски напади на југот на Украина

Најмалку три лица загинаа синоќа, а 20 се ранети во руските напади во областа Днепропетровск на југот на Украина, соопштија локалните власти.

„Во Днепар гори петкатна зграда. Под урнатините може да има луѓе“, напиша на својата канал на Телеграм регионалниот гувернер Сергиј Лисак.

Во Русија, гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков изјави дека 25 проектили биле соборени во близина на украинската граница.

Нема информации за повредени, напиша Гладков на Телеграм, додавајќи дека се оштетени неколку згради. /МИА

притисни ентер