Уникаха го освои Еврокупот

Екипата на Уникаха е победник во второто по квалитет континентално клупско кошаркарско натпреварување - Еврокупот.


Тимот од Малага ја доби мајсторката во финалето против шпанскиот ривал Валенсија со што се избори за место во елитната Евролига наредната сезона.
Во интересен меч во кој двата тима имаа свој добар период на игра, домаќините во последната четвртина влегоа со предност од 13 поени, но гостите од Малага не се предадоа и со серијата од 18:0 потполно се вратија во игра, а на крајот сосема заслужено славеа победа со 63-58.

За Уникаха ова е прв значаен трофеј во Европа по 2001 година кога беше освоен Купот на Радивој Кораќ. Во исто време тимот од Малага ја прекина и серијата на Валенсија од 22 победи во низа на домашен терен.

Алберто Диаз со 12 и Џамар Смит со 10 поени беа најпрецизни кај победниците, Црногорецот, Бојан Дубљевиќ со 16 поени беше единствениот во домашниот тим кој оствари двоцифрен број на поени.

Признието за МВП на финалната серија заврши во рацете на Алберто Диаз од Уникаха кој во мајсторката постигна 12 поени, голем дел од нив беа во клучната фаза кога се одлучуваше победникот. 

Вардар поразен и од ПСЖ

Ракометарите на Вардар го загубија мечот за третото место на Ф4 турнирот во Келн против ПСЖ со 29-28 (14-15).

„Црвено-црните“ беа подобриот тим и имаа водство во поголем дел од дуелот, одиграа подобро од вчера против Монпелје, но сепак потклекнаа на крајот и го завршија турнирот со два порази за два дена.

Лука Циндриќ беше најефикасен кај Вардар со седум гола, Македа постигна шест, а Страхиња Милиќ имаше девет интервенции.

Прв стрелец на мечот беше Недим Ремили од ПСЖ со девет гола.

Новиот европски шампион ќе биде познат по финалето меѓу Нант - Монпелје, кое е со почеток од 18 часот. /МИА

Емери за ПСЖ: Таму шефот е еден - Нејмар

Новоназначениот менаџер на Арсенал, Унаи Емери направи многу интересно откритие за својот поранешен клуб, Пари Сен Жермен и најмногу за супер ѕвездата на тимот - Нејмар.

Неколкупати во сезоната, Бразилецот создаваше проблеми во соблекувалната, а и Емери призна дека тоа било вистина. 

- Знам кога сум главна и одговорна личност и кога не сум. Ова е процес кој тренерот треба да го доживее и кој го асимилира со време и искуство. Во секој клуб треба да знаеш каква е твојата улога и каква е кон останатите. Јас сум на мислење дека лидер на ПСЖ е Нејмар, изјави Емери за „Франс Фудбал“.

Според шпанскиот стратег, Нејмар ја напуштил Барселона за Париз само за да биде во улогата на лидер - нешто, што на „Камп Ноу“ не било можно покрај Лео Меси.

- Нејмар дојде во ПСЖ да биде лидер, да помине преку овој процес и еден ден да биде најдобриот во светот. Во Манчестер Сити на чело е Пеп (Гвардиола). Во ПСЖ, тоа е во Нејмар, вели Емери.

Тој призна дека не се чувствувал удобно од огромното влијание на поранешниот играч на Барселона.

- Пред неколку месеци, играч на ПСЖ ми пријде и ми рече: „Oваа година си променет“. Беше очигледно. Не можам да сум истиот тренер со и без Нејмар. Минавме низ период на адаптација со играчот. Требаше да се запознаеме едни со други. Да ги тренираш Меси, Роналдо или Нејмар, не е лесно. Тие се најдобри во светот, па затоа мора да се прилагодите на нив. Видете го Гвардиола во Сити. Тој е среќен затоа што нема толку голема фигура против себе, изјави новиот тренер на „топџиите“. /МИА

Јувентус се насочува кон Марсијал по откажувањето на Мората

Јувентус ќе се насочи кон Антони Марсијал откако не успеа да постигне договор со напаѓачот на Челзи, Алваро Мората. 

Претставниците на италијанскиот шампион се сретнале со фудбалерот на тимот од Лондон и неговиот агент, но не постигнале договор.

Финансиските барања на шпанскиот напаѓач се причината за раководството на „бјанконерите“ да погледне кон Манчестер Јунајтед и францускиот напаѓач.

Торинското издание „Тутоспорт“ вели дека од Јувентус ќе се обидат да го убедат францускиот репрезентативец да премине на „Алијанц“ стадионот. 

Марсијал во моментов добива 3,5 милиони евра по сезона, но неговиот договор истекува летото 2019 година. /МИА

притисни ентер