Нов пораз на македонските ракометарки од Србија

Женската ракометна репрезентација на Македонија по втор пат е совладана од Србија во контролен пријателски натпревар.


Во рамките на „неделата на ЕХФ“, која се користи за контролни натпревари избраничките на Симе Симовски двапати се поразени од соодветната селекција на Србија. Откако вчера загубија со 35:29, денеска црвено-жолтите се поразени со 27:43 во натпреварот кој се одигра во СЦ „Јане Сандански“.

Овие две средби треба да послужат за проверка на формата на нашата репрезентација пред бараж средбите со Шведска кои ќе се одиграат во јуни, а за пласман на Светското првенство во Германија.

Вечерва, пак, младата селекција на Македонија до 19 години ќе го одигра вториот натпревар во квалификациите за ЕП во Словенија. Во терминот од 19 часот и 30 минути во СРЦ „Кале“ во Скопје, младите македонски ракометарки ќе играат против Молдавија. 

Штербик го пропушта дуелот со ПСЖ

Голманот на актуелниот еропски шампион Вардар, Арпад Штербик денеска нема да настапи за „црвено-црните“ во мечот за третото место на Ф4 турнирот во Келн против ПСЖ.

Штербик во вчерашниот меч против Монпелје, кој вардарци го загубија со 27:28, ја напушти играта поради повреда кон крајот на првиот дел и потоа не се врати на терен. На негово место шанса денеска ќе добие Даниел Ѓорѓевски.

Штербик на крајот од сезонава заминува за Веспрем, па така вчерашниот меч беше последниот во дресот на македонскиот тим.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез направи уште една замена, откако на местото на Јања Војводиќ ќе настапи македонскиот репрезентативец Мартин Поповски.

Дуелот меѓу Вардар и ПСЖ почнува од 15:15 часот. /МИА

Салах неизвесен за Светското првенство во Русија

Учеството на египетскиот репрезентативец Мохамед Салах на претстојното Светско првенство во Русија е под знак прашалник.

Учеството на египетскиот репрезентативец Мохамед Салах на претстојното Светско првенство во Русија е под знак прашалник, поради повредата на рамото што ја здоби синоќа во финалниот натпревар од Лигата на шампионите на неговиот Ливерпул против Реал Мадрид.

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, најави тавов епилог уште веднаш по натпреварот.

Салах, кој постигна 44 гола за Ливерпул оваа сезона, со солзи во очите го напушти синоќа теренот во Киев, по тежкиот пад во дуелот со Серхио Рамос од Реал Мадрид.

Египќанецот се обиде да ја продолжи играта по укажаната помош, но сепак беше принуден да ја напушти играта.

Египетската фудбалска федерација на Твитер објави дека се работи за повреда на лигаментите во рамото и дека се оптимисти кога станува збор за неговото учество на Светското првенство.

Египетскиот министер за спорт и млади Калед Абдел-Азиз, на својот Фејсбук профил напиша: „Очекувањата се дека на Салах му требаат две недели за лекување. Тој ќе остане во Ливерпул, каде што ќе се опоравува, а потоа ќе се приклучи на египетскиот тим во кампот во Италија“.

Тој додаде дека Салах ќе биде во тимот, кој ќе биде објавен на 4 јуни.

Сепак, тренерот на Салах беше помалку оптимист по мечот со Реал.

- Тоа е сериозна повреда, навистина сериозна повреди. Тој е во болница, на снимање. Во прашање е или клучната коска или рамото, изјави Клоп. /МИА

Роналдо по изјавата за можно заминување од Реал: Зборовите ми беа извадени од контекст

Ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо изјави дека бил погрешно разбран околу неговата иднина во мадридкиот тим во синоќешната изјава по финалето на Лигата на шампионите, во кое неговиот тим го совлада Ливерпул со 3:1.

- Сега не е време да зборуваме за лични работи, а и моите зборови можеби биле извадени од контекст. Можеби и не требаше да го кажам она што го кажав. Да се ​​освои ЛШ три пати по ред е нешто прекрасно, посебно и историско, рече Роналдо во интервју за „Фокс Спортс“.

Како што претходно јави МИА, Португалецот синоќа ја шокираше фудбалската јавност си својата изјава дадена неколку минути по завршувањето на финалето.

- Беше одлично да се игра во Реал Мадрид. По неколку дена ќе кажам нешто, ќе дадам одговор на навивачите, кои секогаш беа со мене, изјави ѕвездата на „белите“.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез изјави дека Кристијано е среќен на „Сантијаго Бернабеу“ и нема да го напушти тимот.

- Секој има право да зборува, но јас не сакам да се задлабочувам во тоа. Мило ми е што Кристијано има пет трофеи од Лигата на Шампионите, бидејќи и јас имам толку. Денес славиме нов европски успех, па едноставно треба да уживаме. Кристијано е среќен и ќе продолжи да се чувствува така. Јас не сум во Киев да зборувам за индивидуални играчи, туку за да славам. Реал има 13 трофеи и ги има најдобрите играчи на секоја позиција, рече Перез.

Тренерот на „кралскиот“ клуб, Зинедин Зидан исто така одби да коментира зошто Роналдо ги кажал овие зборови, додека Серхио Рамос и Карим Бензема изразија сомнежи дека Португалецот ќе го напушти „Бернабеу“. /МИА

притисни ентер