Червар не е веќе селектор на македонската ракометна репрезентација

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) попладнево преку соопштение го објави крајот на соработката со селекторот Лино Червар, кој ја одбра хрватската селекција, пред македонската. Червар имаше договор со РФМ и тој е раскинат по нецела година или нешто повеќе од три години пред тој да истече.
Соопштението од РФМ го пренесуваме во целост.

По завршувањето на XXV машки ракометен мундијал во Франција, во јавноста почнаа да се изнесуваат информации за евентуален трансфер на селекторот на машките ракометни сениори, Лино Червар, на клупата на хрватската национална селекција.

По неодамнешните разговори помеѓу членовите на високото раководство на Ракометната Федерација на Македонија и Лино Червар, во поглед на наводите за неговиот трансфер на клупата на хрватската национална селекција, двете страни договорија рок во чии рамки г. Червар требаше да ја извести Федерацијата за својата одлука. По завршувањето на тој рок, на 11. март 2017 година, Червар упати писмо до Претседателот на РФМ, во кое се заблагодарува на соработката и третманот кој го имал за време на неговиот тренерски мандат, а во однос на неговата одлука за селекторската функција, во дописот меѓу другото се вели:

„... Дали тоа да биде со репрезентацијата на државата во која сум роден, во која основав семејно гнездо, во која се изградив, развивав и афирмирав како ракометен тренер и ги постигнав најголемите светски успеси и во која кога-тогаш морам да се вратам и вечно да останам или да се одредам за репрезентацијата на една мала, горда држава, мојата втора татковина, која ме дочека и прифати како свој тренер на кој му даде сѐ што може да се даде? Сепак, ја одбрав Хрватска, мојот роден крај, мојата земја...“, стои во дописот.

Земајќи предвид дека Червар се изјасни за хрватската селекторска позиција пред Македонија, со предметниот допис автоматски се активира и правниот инструмент за едностран раскин на Договорот кој Червар го има со Ракометната Федерација на Македонија.

Со цел да се надмине оваа несакана ситуација настаната во екот на подготовките за квалификациски натпревари, Ракометната Федерација на Македонија во претстојниот период ќе ги мобилизира своите ресурси и во рамки на Федерацијата ќе формира тело за селекција на потенцијални кандидати за испразнетата селекторска позиција.

Ракометната Федерација на Македонија ќе вложи максимални напори со цел да се задржи континуитетот на големи натпреварувања на машките ракометни сениори и во боите на националниот дрес заеднички да одиме во нови походи. /МИА



Мане испрати 300 дресови на Ливерпул во неговото село во Сенегал

Фудбалерот на Ливерпул, Садио Мане, одлучи да ги изненади сонародниците во Сенегал и во селото од каде потекнува испрати 300 дресови пред финалето во Лигата на шампионите.

Фудбалерот ги испрати дресовите во селото Бамбали на југот од Сенегал, каде живеел до 2005 година и таму го гледал и финалето во Лигата на шампионите меѓу Ливерпул и Милан, кога со пресврт и пенал победи англискиот клуб.

- Некој тогаш да ми кажеше дека ќе играм во финалето на Лигата на шампионите ќе му одговорев дека тоа е нестварно. Во ова село се уште живее моето семејство, мајка ми и вујко ми. Сите 2.000 жители на селото ќе го гледаат финалето. Купив 300 дресови и им ги испратив таму за да можат да ги носат додека го следат финалето. Летово ќе ги посетам по Светското првенство во Русија и се надевам дека ќе можам да им покажам златен медал, истакна Мане.

Ливерпул утре во Киев во финалето на Лигата на шампионите ќе се соочи со Реал Мадрид, кој е бранител на титулата./MИА

Штербик избран во тимот на сезоната во ЛШ (Видео)

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска го објави тимот на сезоната 2017/2018 во Лигата на шампионите, а во него се најде само еден играч на актуелниот европски шампион Вардар.

Се работи за голманот Арпад Штербик, кој е еден од најдобрите на својата позиција и најзаслужен што македонскиот тим ќе има можност да ја одбрани титулата од лани.

ПСЖ има најмногу претставници во „ол-стар“ тимот, а тоа се левото крило Уве Генсхајмер, левиот бек Сандер Сагосен, централен бек Никола Карабатиќ и неговиот брат - Лука, како најдобар дефанзивец. За најдобар пикер ЕХФ го избра Бјарте Мирхол од Скјерн, на позицијата десен бек е играчот на Барселона Дика Мем, а десно крило е Давид Балагер од Нант. За најдобар млад играч е прогласен Ромен Лагард од Нант.

Патрис Канаје, тренерот на Монпелје, кој е противник утре на Вардар во полуфиналето на Ф4, е прогласен за најдобар за сезоната 2017/2018./MИА

Челзи го нуди Моратa и 40 милиони евра за Икарди

Напаѓачот на Интер, Мауро Икарди е на врвот на листата на желби на Челзи, кој е подготвен да издвои 40 милиони евра за негово привлекување во тимот и во Милано да го испрати Алваро Мората, објавија италијанските медиуми.

Мората пристигна во Челзи оваа година и постигна вкупно 15 гола, но во вториот дел од сезоната тој беше надвор од форма и големи се шансите да го напушти клубот, за разлика од Икарди кој постојано ги тресеше противничките мрежи.

Шпанецот веќе разговарал со раководстото на Јувентус, Милан го сака, но тој на крајот може да се пресели на „Џузепе Меаца“.

Откупната клаузула на Икарди од 110 милиони евра истекува на 15 јули, но во лондонскиот клуб веруваат дека ќе можат да поминат поевтино.

Весникот „Ил Месаџеро“, исто така, вели дека жената на Мората е моден блогер од Италија, кое, покрај играњето во Лигата на шампионите следната сезона, е мотив повеќе да се преселат заедно во градот на модата за следната сезона./МИА

притисни ентер