Ѓорческа повторно на 192. место на ВТА листата

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа на денеска објавената ВТА листа има скок од четири места и се врати на 192. место што е повторување на нејзиниот најдобар ранг.
Ѓорческа има 284 поени, а на новото рангирање има еден поен освоен на фјучрсот во Гренобл каде беше елиминирана во 1. коло.

Во конкуренција на двојки нашата тенисерка е на 137. место со 539 поени.

Втората македонска тенисерка која има ранг Магдалена Стоилковска се наоѓа на 1.237 место, а во двојки е рангирана на 1.170 место. /МИА

Лихтштајнер преговара со Арсенал

Дефанзивецот на Јувентус, Стефан Лихтштајнер преговара за трансфер на Арсенал, вели „Гардијан“. Швајцарецот станува слободен агент во текот на летото и може да се приклучи без пари на „топџиите“.

Според информациите, Лихтштајнер би можел да стане прв трансфер на новиот менаџер Унаи Емери.

Ветеранот помина седум години во Јувентус, но, клубот одлучи дека нема да му понуди нов договор и тој го напушти „Алијанс“ стадионот. 

Пред извесно време беше кажано дека Борусија Дортмунд е заинтересирана за него, но подоцна Германците одлучија да се насочат кон Пол Лирола од Сасуоло. /МИА

Манчестер Јунајтед подготвува 85 милиони евра за Даглас Коста

Манчестер Јунајтед е подготвен да плати 85 милиони евра за да го обезбеди потписот на бразилскиот фудбалер на Јувентус, Даглас Коста.

Во англиските медиуми пред неколку дена имаше вест дека менаџерот на „црвените ѓаволи“, Жозе Мурињо, бара крило за неговиот тим.  „Газаета дело спорт“ денеска објави дека Манчестер Јунајтед ќе му понуди на Јувентус сума од 85 милиони евра.

Во актуелната кампања, бразилската ѕвезда забележа 47 дуели за „бјанконерите“, во која зад своето име запиша 6 гола и 14 асистенции. Тој беше еден од главните играчи во освојувањето на седмото последователно Скудето за Јувентус. /МИА

Монпелје прва пречка за Вардар во одбраната на европската титула

Македонскиот ракометен шампион, Вардар ја започнува својата битка за одбрана на европската титула освоена во минатата сезона со меч во полуфиналето против француски Монпелје.

Вардар е само вториот европски шампион после Кил, што откако ја освоил титулата, следната година играл на Ф4 и не бил елиминиран во претходните фази. Но, ниту еден тим досега не ја одбранил титулата, па тимот на Раул Гонзалес имаат шанса да влезат во историјата.

„Црвено-црните“ и Монпелје во Лигата на шампионите досега одиграле две средби. „Црвено-црните“ во сезоната 2014/2015 како гостин во Франција ремизираше со 34-34, а на ревашот во Скопје Французите беа поразени со 30:36.

Тренерот на европскиот шампион, Раул Гонзалес смета дека Монпелје се опасен противник и очекува тежок натпревар.

- Немаме притисок и треба да уживаме како што тоа го направивме лани. Не мислам за ништо освен за полуфиналето. Монпелје е опасен противник. Треба добро да се подготвиме, бидејќи знаеме дека ќе биде тешко, а на крај ќе видиме кој ќе игра во финале. Сега за сега размислувам за Монпелје, вели Раул.

Бекот на вардарци, Лука Циндриќ, пак, изјави дека се подготвени за дуелот и дека се надева дека ќе стигнат до финалето.

- Притисокот е голем, но едвај чекаме сѐ да почне. Подготвени сме и се надевам дека можеме да стигнеме до крајот. Работевме напорно и верувам дека токму овој викенд ќе бидеме најдобри. Психички и физички сме подготвени во сите 60 минути да се бориме во полуфиналето. Монпелје покажа дека е одличен тим. Играат брз ракомет, имаат одлична транзиција, опасни се еден на еден. Одбраната е клуч на нашата игра, изјави Циндриќ.

За актуелниот состав на Вардар ова е последна шанса за големо достигнување, откако по крајот на сезоната голем дел од играчите ќе си заминат. Од тимот официјално заминување најавија Штербик, Циндриќ, Македа, Кањељас, Марсениќ, Абутовиќ, како и тренерот, Раул Гонзалес.

Натпреварот ќе се игра во „Ланксес Арена“ во Келн, од 18 часот.

Претходно во 15:15 часот е вториот полуфинален двобој, во кој ќе се соочат ПСЖ и Нант на нашиот Кире Лазаров. /МИА

притисни ентер