Фудбалските прволигаши го играат 22.коло

Во Првата македонска фудбалска лига попладнево ќе се одиграат сите пет дуели од 22. рунда.
Шампионот Работнички гостува во Тетово, а лидерот Вардар оди кај Брегалница.

Комплетни двојки: Ренова- Металург, Силекс-Шкендија, Тетекс- Работнички, Брегалница-Вардар и Пелистер – Турново.

Почетокот на сите натпревари е во 16 часот.

Табела: Вардар 48 бодови, Работнички 45, Шкендија 37, Ренова 33, Силекс 30, Металург 26, Турново22, Пелистер 19, Брегалница 18 и Тетекс 9.

СП 2018: Јапонија и Сенегал со нерешен резултат

Јапонија и Сенегал одиграа нерешено 2:2 во натпревар од групата Х на Светското првенство во Русија.

Двете репрезентации покажаа релативно израмнета игра особено во однос на поседот на топката и контролата на теренот, но сепак Сенегал беше за нијанса поквалитетен што се одрази со поголем притисок врз јапонскиот гол и бројот на шанси за погок.

Сенегалците стигнаа до рано водство со голот на Садио Мане во 11-та минута, но Јапонија преку Такаши Инуи во 34-та израмни на 1:1, резултат со кој се замина на паузата.

Во второто полувреме Сенегал повторно поведе 2:1 во 71-та минута со голот на Муса Ваге, но по седум минути Кеисуке Хонда израмни на 2:2.

Во оваа група Јапонија и Сенегал сега имаат по четири бодови, а Полска и Колумбија се без бодови, но ќе се соочат вечерва. Без разлика на исходот од натпреварот меѓу Полска и Колумбија, местата во осминафиналето во оваа група ќе се решаваат во последното коло.

Чилиќ го совлада Ѓоковиќ и го освои Квинс

Хрватскиот тенисер Марин Чилиќ ја освои титулата на АТП турнирот од серијата 500 во Квинс, Лондон.

Чилиќ во финалето го совлада најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ со 2:1 во сетови (5:7, 7:6, 6:3).

Натпреварот траеше речиси три часа, а за Ѓоковиќ ова беше прво финале по пауза од 11 месеци и имаше шанса да го освои првиот трофеј по повредата, но потфрли во клучните моменти и му овозможи на противникот целосен пресврт.

За Чилиќ ова е 18 титула во неговата кариера.

Хамилтон лесно до триумф во Франција

Британскиот возач Луис Хамилтон од Мерцедес победи на трката за Големата награда на Франција.

Втор беше Макс Верстапен од Ред Бул, додека третата позиција ја освои Кими Раиконен од Ферари, кој во последните кругови го претекна Даниел Рикиардо од Ред Бул и го остави на четвртото место.

По почетните проблеми и казната Себастијан Фетел од Ферари успеа да се најде на петтата позиција.

Во самиот старт на трката дојде до контакт меѓу Фетел и возачот на Мерцедес, Валтери Ботас, по што двајцата накратко беа надвор од патеката, но ја продолжија трката. Бидејќи до контактот дојде по грешка на Фетел, возачот на Ферари доби казна од пет секунди.

Шести беше Кевин Магнусен од Хас, а Ботас заврши како седми.

Со оваа победа Хамилтон се врати на првото место во генералниот пласман.

притисни ентер