Амбасадорот на Унгарија во посета на ФФМ

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски денеска имаше работна средба со Амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Јожеф Бенце.
На средбата беше разговарано за начинот на кој големиот љубител на фудбалот, Бенце може да помогне во унапредување на односите кои ФФМ ги има со Унгарската фудбалска федерација и за начинот на кој може да се поттикнат, мотивираат и вклучат младите луѓе во едукативните школи и академиите на кои ФФМ посветува посебно внимание, а школите од таков тип се многу развиени во Унгарија.

- За нас е многу корисно да го слушнеме искуството на луѓето кои се поврзани и го сакаат фудбалот, а преку своето дејствување можат да помогнат во неговиот развој, иако професионално се насочени кон други општествени работи. Со д-р Бенце разговаравме за можноста многу повеќе да ги доближиме односите со нивната националната асоцијација, посебно во делот на едукативните школи и фудбалските академии кои се многу развиени во Унгарија, изјави Ѓорѓиоски.

Амбасадорот на Унгарија, познат како голем љубител на спортот истакна дека во рамки на своите можности ќе даде поддршка на проектите на ФФМ кои имаат за цел да го унапредат фудбалот во Македонија. /МИА

СП 2018: Фаворитот Бразил одигра нерешено со Швајцарија

Уште еден од големите фаворити на Мундијалот во Русија забележа неуспешен старт. 

Бразил одигра само 1:1 против Швајцарија во натпревар од групата „Е“, во кој се уште Србија и Костарика. 

Филипе Кутињо реализираше по извонреден удар во 20-тата минута, но во 50-тата Стивен Цубер изедначи со главата. „Кариоките“ имаа претензии за прекршок од страна на Цубер при голот, но судиите не обрнаа внимание. 

Покрај тоа, Бразилците инсистираа и на пенал за Габриел Жезус во 73-тата минута, но овој протест исто така не вроди со плод.

Одличен натпревар одигра Нејмар, кој изгледа дека е целосно закрепнат од повредата. Напаѓачот на Пари Сен Жермен беше кошмар за играчите во црвено со неговите постојани пробиви, а Швајцарците постојано го фаулираа.

На крајот на краиштата, тактиката на „крстоносците“ им донесе важен бод во борба за пласман во елиминациската фаза. /МИА

СП 2018: Светскиот шампион на колена, Мексико со голема победа на стартот

Светскиот шампион Германија загуби 0:1 од Мексико на првиот меч од групата „Ф“ на Светското првенство на стадионот „Лужники“ во Москва. 

Ирвинг Лозано го постигна единствениот гол во 35-тата минута за Мексико. 

Бундестимот направи серија грешки во првото полувреме, а можеше да прими уште барем еден гол. 

По паузата, Германците заиграа посилно, но уште повеќе ја поставија својата одбранбена линија на проблеми. 

Во 89-тата минута, Јулијан Брант ја погоди гредата, а блиску до гол беа Марио Гомез и Јулијан Дракслер.

Вториот натпревар од групата помеѓу Јужна Кореја и Шведска се игра утре (18 јуни) од 14 часот. /МИА

Реал понудил 57 милиони евра за Алисон

Екипата на Реал Мадрид упатила прва понуда за голманот на Рома, Алисон и таа е во вредност од 57 милиони евра, тврди британското издание „Дејли Мејл“.

Според последните информации максимумот, кој „кралевите“ можат да го извадат за бразилскиот национален голман, е 60 милиони во европска валута плус опција за уште 10 милиони во форма на различни бонуси.

Весникот забележува дека договорот меѓу двата клуба тешко ќе се случи, бидејќи во моментов од Рома поставиле цена на својот голман од 85 милиони евра, а таа ќе се зголеми значително при силно претставување на Бразил за време на Мундијалот.

Од Мадрид ќе го почекаат крајот на Светското, за да видат дали ќе успеат да се договорат со „римските волци“ за намалување на цената.

Алтернативна опција за тимот е Тибо Куртоа од Челзи. /МИА

притисни ентер