МЗТ Скопје го победи Партизан среде Белград

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром славеа значајна победа во дуелот против Партизан со 73:66 по четвртини 13:14, 18: 20, 21:18 и 21:14.
Во натпревар од 18.коло на регионалната АБА лига, одигран вечерва во „Пионир’’ во Белград, македонскиот шампион го победи актуелниот првак на АБА лигата и на тој начин му се реваншира за  минималниот пораз во првата меѓусебна пресметка во Скопје.

Ветеранот Тодор Гечевски со до дабл-дабл учинок од 19 поени и 13 скокови беше најдобриот играч на натпреварот.

Двоцифрен број на поени за МЗТ придодадоа Стефан Синовец 12 и Урош Лучиќ 11, за осма победа на МЗТ Скопје во ова натпреварување.

Со осмата победа (има и десет порази) во лигата МЗТ Скопје се врати на седмото место на табелата, на кој лидер е Црвена Звезда со учинок 15-3 (победи-порази) пред Цедевита и Партизан кои имаа скор 13-5.

СП 2018: Јапонија и Сенегал со нерешен резултат

Јапонија и Сенегал одиграа нерешено 2:2 во натпревар од групата Х на Светското првенство во Русија.

Двете репрезентации покажаа релативно израмнета игра особено во однос на поседот на топката и контролата на теренот, но сепак Сенегал беше за нијанса поквалитетен што се одрази со поголем притисок врз јапонскиот гол и бројот на шанси за погок.

Сенегалците стигнаа до рано водство со голот на Садио Мане во 11-та минута, но Јапонија преку Такаши Инуи во 34-та израмни на 1:1, резултат со кој се замина на паузата.

Во второто полувреме Сенегал повторно поведе 2:1 во 71-та минута со голот на Муса Ваге, но по седум минути Кеисуке Хонда израмни на 2:2.

Во оваа група Јапонија и Сенегал сега имаат по четири бодови, а Полска и Колумбија се без бодови, но ќе се соочат вечерва. Без разлика на исходот од натпреварот меѓу Полска и Колумбија, местата во осминафиналето во оваа група ќе се решаваат во последното коло.

Чилиќ го совлада Ѓоковиќ и го освои Квинс

Хрватскиот тенисер Марин Чилиќ ја освои титулата на АТП турнирот од серијата 500 во Квинс, Лондон.

Чилиќ во финалето го совлада најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ со 2:1 во сетови (5:7, 7:6, 6:3).

Натпреварот траеше речиси три часа, а за Ѓоковиќ ова беше прво финале по пауза од 11 месеци и имаше шанса да го освои првиот трофеј по повредата, но потфрли во клучните моменти и му овозможи на противникот целосен пресврт.

За Чилиќ ова е 18 титула во неговата кариера.

Хамилтон лесно до триумф во Франција

Британскиот возач Луис Хамилтон од Мерцедес победи на трката за Големата награда на Франција.

Втор беше Макс Верстапен од Ред Бул, додека третата позиција ја освои Кими Раиконен од Ферари, кој во последните кругови го претекна Даниел Рикиардо од Ред Бул и го остави на четвртото место.

По почетните проблеми и казната Себастијан Фетел од Ферари успеа да се најде на петтата позиција.

Во самиот старт на трката дојде до контакт меѓу Фетел и возачот на Мерцедес, Валтери Ботас, по што двајцата накратко беа надвор од патеката, но ја продолжија трката. Бидејќи до контактот дојде по грешка на Фетел, возачот на Ферари доби казна од пет секунди.

Шести беше Кевин Магнусен од Хас, а Ботас заврши како седми.

Со оваа победа Хамилтон се врати на првото место во генералниот пласман.

притисни ентер