Борачите успешно ја претставија Македонија на Медитеранските игри

Задоволство од постигнатиот резултат на Медитеранските игри во турскиот град Мерсин владее во таборот на Федерацијата на боречки спортови на Македонија. Македонските борачи на ова натпреварување освоија три медали, еден сребрен и два бронзени.

Македонското борење со ови три медали, според МИА, стигна до бројката 24 на големите натпреварувања како што се Олимпијадите, Европските и Светските првенства и Медитеранските игри што го прави еден од најтрофејните спортови во државата.

Покрај учесниците на МИ, со медал од Европското првенство за кадети одржано во Бар се врати и Елмедин Сејфулаху. 15-годишниот македонски репрезентативец го освои бронзениот медал во категоријата до 42 килограми.

- Продолжуваме со работа со цел постигнување уште подобри резултати. Не очекува настап на Светското првенство во Зрењанин. Со поддршката од Агенцијата за млади и спорт борењето во Македонија има убава перспектива, изјави Седат Бафтија, тренерот на Сејфулаху.

Македонија во периодот од 2 до 7 јули ќе биде домаќин на Европското првенство во борење за јуниори во категориите слободен стил, грчко-римски стил и борење за жени.

Дел од вработените кои седеа дома поради пандемијата, од денеска се враќаат на работа

Дел од мајките на породилно отсуство се вратија на работните места, но други се принудени да дадат отказ бидејќи во градинките не ги примаат нивните деца оти нема место. 

Таков е случајот со Стефанија Антевска, која има осуммесечно бебе.

Недоволниот капацитет на градинките не е вчерашен проблем, но мора да се реши, вели Милена Дабева Симоновска, мајка на три дечиња, која исто така денеска не се вратила на работа. Но, ќе користи годишен одмор за да собере документација за прием на двете нејзини дечиња, за ако се ослободат места, да бидат згрижени во градинка.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во градинките има места.

Оттаму додаваат дека со инспекциски надзор е потврдено дека во дел од установите бројот на деца што престојуваат е двојно помал од запишаните. Поради тоа, се апелира до родителите што не ги носат децата во установите, а се запишани, да им отстапат место на оние на кои тоа им е неопходно.

Мајките кои до вчера користеа породилно отсуство, а и со протести побараа Владата да го послуша советот на Комисијата за заразни болести за ваквата можност да остане до крајот на годината работа, утре ќе имаат средба и со премиерот Заев.

Во меѓувреме владата донесе одлуки и за одржување на настава со физичко присуство во 169 основни училишта, и 4 средни, а ќе се отворат и студентските и средношколските ученички домови, но со преполовен капацитет..

Пендаровски: Безбедносната состојба стабилна, најголемиот предизвик останува пандемијата со КОВИД 19

Безбедносната состојба во земјава и регионот е стабилна и нема индиции дека би можел да биде загрозен територијалниот интегритет. 

Најголемата криза со која и денес сме соочени е пандемијата со Ковид 19 која останува најважен предизвик и во следните месеци, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски по денешниот состанок на Советот за безбедност.

Истакна дека надлежните институции во континуитет ги следат сите ситуации кои потенцијално би можеле да прераснат во посериозен безбденосен проблем, вклучувајќи и евентуално нов бран на мигрантска криза.

Според сегашните проценки, не се очекува развој на пандемијата кој ќе има влијае на општата безбедност во земјата.

На првиот состанок на Советот за безбедност по зачленувањето на земјата во НАТО се разгледани и безбедносните импликации со воведувањето на 5G технологијата. Заклучено е Владата и надлежните институции доследно да ги почитуваат правилата и препораките на Алијансата. Министерството за надворешни работи ќе треба да започне со подготовка на меморандум за разбирање, сличен по содржина на меморандумите што ги потпишале државите од регионот и земји членки на Алијансата.

– Како членка на НАТО сега сме обврзани да ги следиме сите безбедносни протоколи на Алијансата и тоа како во однос на безбедносниот беграунд на лицата кои работат на чувствителни места во државниот апарат, така и во однос на воведувањето на дигитални технологии кои имаат цели и вердности кои се некомпитабилни со целите и вредностите на западната Алијанса, рече Пендаровски. /МИА

Министерката Шахпаска се сретна со претставничката на UN Women Лубани

 „Македонија е пример во регионот по актуелизирање на прашањето за  родово одговорно буџетирање“.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со Ермира Лубани, претставничка на агенцијата UN Women во Скопје, на која беше истакнато дека и во наредниот период ќе продолжи заедничката интензивна соработка, со единствена цел да се дојде до позитивни резултати, особено во однос на позицијата на жената во македонското општество.

Министерката Шахпаска истакна дека уште од самиот почеток на нејзината политичка кариера и како советник во Советот на Општина Берово, и како пратеник во Собранието на Република Македонија, но и сега како министер за труд и социјална политика е родово сензибилизирана и ова прашање е високо на нејзината агенда.

„За мене како жена и како креатор на политики е од исклучително значење интензивно да се работи на сите процеси кои значат унапредување и заштита на положбата на жената во општеството. Од тие причини веднаш по стапувањето на функцијата се заложив Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација да биде во собраниска процедура, а истовремено интензивно работиме на законска регулатива за родово базирано и секаков вид насилство“, додаде Шахпаска и истакна дека како институција МТСП е максимално посветено да се оспособи администрацијата и на централно и на локално ниво за градење на родово одговорно буџетирање.

Претставничката на UN Women Лубани истакна дека Македонија е пример во регионот во процесот на развивање на родово одговорно буџетирање и дека во тек е процесот на отворање на Ресурсен центар кој ќе биде лоциран во Скопје и кој ќе биде едукативен центар за ова прашање.

Двете соговорнички нагласија дека меѓусебната соработка ќе продолжи и во наредниот период и дека таа неопходна за градење на еднакво и рамноправно општество.

Министерство за труд и социјална политика

притисни ентер