Чикаго нов НХЛ шампион

Екипата на Чикаго Блекхокс е новиот првак во НХЛ лигата, откако ноќеска на гостински терен го совлада Бостон со 3:2 во шестиот натпревар од финалната серија за вкупни 4-2 во победи.

Двете екипи, според МИА, постигнаа по еден гол во првите две третини. Најпрво Бостон поведе со голот на Крис Кели, а Чикаго изедначи преку Џонатан Тејвс.

Иако домашните хокеари на минута и пол до крајот имаа водство од 2:1 кое им го донесе Милан Лучиќ, не издржаа и не само што им дозволија на гостите да изедначат преку Брајан Бикел на 1:16 секунди пред крајот, туку примија уште еден гол по 17 секунди.

Стрелец на победничкиот погодок за Чикаго вреден „Стенли“ трофеј беше Дејв Боланд.

Ова беше втор триумф на Чикаго во НХЛ лигата во последниве четири сезони.
притисни ентер