Лазаров и Ристовски им се приклучија на репрезентативните подготовки

Македонската ракометна репрезентација е комплетна пред големиот квалификациски натпревар со Шпанија и во полна пареа се подготвува за дуелот со светскиот шампион, под будното око на новиот селектор Ивица Обрван.




Од денеска во составот се и Кире Лазаров и Борко Ристовски, со што хрватскиот стратег има можност да ги испроба тактичките варијанти со кои планира да го изненади фаворитот во среда.

Најдобрите македонски ракометари тренираат во салата во Автокоманда, а Обрван иако се жали на прекраткото време кое го има да работи со своите избраници, сепак изрази задоволство од досегашниот тек на подготовките и особено атмосферата во тимот.

Поранешниот тренер на Загреб со доаѓањето на Лазаров конечно има можност да ја постави играта во нападот, во која досега ги подготвуваше неговите играчи на ситуации во кои капитенот би бил затворен и изолиран. Стручниот штаб на националниот тим прави и анализи на шпанскиот состав, кој е опасен на сите позиции, но Обрван се надева дека ракометарите ќе ги лоцираат слабите точки на фуријата и ќе успеат да дојдат до значајна победа во борбата за првите две места.
Шпанија нема да си дозволи луксуз да ја потцени Македонија и ќе оди на две победи во двомечот, со кои ќе го потврди првото место, но во црвено- жолтиот табор владее оптимизам дека светскиот шампион задутре ќе падне во салата Борис Трајковски.

Утре Обрван ќе го објави конечниот список на ракометари кои ќе му се спротивстават на големиот противник.
притисни ентер