Металург со рекордни 7 победи во групната фаза патува во шампионското осминафинале

Ракометниот првак Металург во солиден манир ја заврши групната фаза од лигата на шампионите.

Иако второто место во групата беше осигурено по синоќешната победа на Киелце над Горење, металурзите одиграа професионално во натпреварот за престиж со Силкеборг и дојдоа до сопствениот рекорд од 14 поени по групните натпревари ВО Лигата на шампионите.

Публиката во салата Борис Трајковски громогласно го поздрави тимот од автокоманда, кој уште еднаш приреди шоу и дојде до убедлив триумф од 32-18, По одличната игра во второто полувреме, во кое одбраната дозволи Данците да постигнат само четири гола.

Во десет дуели металурзите имаа седум победи и три порази, од кои два од единствениот непоразен тим во Лигата на шампионите Киелце и еден на гостувањето кај Горење Велење.

Ракометарите на Лино Червар најавија дека повторување на ланскиот пласман во Топ 16 фазата е реалност со четирите победи по ред на стартот, меѓу кои тие на гостувањата кај Силкеборг и Шамбери, но осминафиналето беше само минималната цел, која Металург оваа година ќе се обиде да ја надмине за најголем успех во историјата на машкиот клупски ракомет.

Во вторник нашиот шампион ќе го добие противникот, а тоа ќе биде еден од тимовите на Чеховски Медведи, Динамо Минск, и Атлетико Мадрид на репрезентативниот капитен Кире Лазаров.
притисни ентер